Скитничка

17.06.2019 09:51

Мојот родителски дом го проголта земјата
Татко ми замина во крајот на предците
и, се колнам, не се сврте назад
Мајка ми носеше ново бреме
Јас погледнав наоколу и видов пат
патот ме влечеше
И стапнав на таа патека
Одев со раскрвавени стапала
Одев губејќи ги работите една по една
додека не го исфрлив сиот товар
Лицата на градовите остануваа на мрежницата на моите очи
Срцето ми се полнеше со луѓе
луѓето ги подаваа рацете
И нигде не посакав да останам
Одев, сонцето изгреваше и заоѓаше
Ластовиците исцртуваа знаци по небесните белини
Ветрот шепотеше на својот јазик
Почнав да разбирам одделни зборови
Дојдов до брегот на една широка река
Се загледав во водата и не се препознав себеси
Се свртев и продолжив да одам
И одев низ населени места, но не зборував со луѓето
Децата викаа по мене и фрлаа камења
Возрасните ми го вртеа грбот
Одев не застанувајќи, не гледајќи го патот
Ветрот шепотеше, сфатив дека ми шепоти мене
И дојдов до брегот на една широка река
Се загледав во водата и не видов ништо
И со години веќе кружам во темнина
Напипувајќи ја оската на своето вртење
А моите мртви лежат којзнае каде
Моите мртви лежат и не стануваат
Моите мртви се претворија во камен
Моите мртви се претворија во прав
Моите мртви сосем исчезнаа
И ќе ги поминам сите земни патишта
Ќе ги соголам стапалата до коска
Ќе ги заборавам човечките зборови
Ќе дојдам до брегот на последната река
Ветрот ќе ме викне, јас ќе се одзвам
И ќе паднам како зрело семе од гранка
Водата ќе ме земе и ќе ме понесе
Ќе допливам до центарот на кругот
„Гледај, веќе стигнав“
И тој ќе се отвори и ќе ме прими во себе

Превод: Ѓоко Здравески и Ана Ростокина

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото