Најлоши времиња и најдобри времиња

18.06.2019 03:46
Најлоши времиња и најдобри времиња

Се сеќавам дека кога бев младо момче понекогаш ги слушав разговорите на татко ми со неговите пријатели за времето на нивната младост во периодот меѓу двете светски војни и им завидував бидејќи верував дека мора да било возбудливо и интересно да се порасне во периодот меѓу 1918 и 1938 година, кога трите големи идеологии – либерализмот, комунизмот ( во своите многубројни взаемно исклучиви варијанти) и фашизмот, немилосрдно се судирале во Европа и ширум светот. Не само што понудата на тие можни идеологии длабоко се разликувала, туку и влоговите биле високи. Изборот на една или друга идеологија (или една од фракциите, во случајот на комунистите) можел да води право во илегала, затвор или смрт. Силата на некоја идеологија не се мери само според нејзината проширеност, туку и според ризиците што луѓето се подготвени да ги преземат во нејзино име.

Се разбира, мојата восхитеност и завист беа ублажени со сознанието дека млади луѓе, како татко ми во тоа време, живееле во сенката на светска војна. Но можеби и заради тоа животот на работ на провалијата бил уште повозбудлив. Можеби вербата дека со победата над фашизмот ќе спречиме тој да го освои светот и да го турне во разорување и крвопролевање, го давала тој дополнителен шарм на животот кој бил подеднакво сочинет од теорија и пракса.

Ги споредував возбудливоста на нивното време со периодот што го сметав за интелектуално стерилен, ера на конфронтација на два неподвижни блока, американскиот капитализам и советскиот комунизам. Од една страна стоеше Америка со својот симулакрум на идеологија, која најдобро може да се опише како прагматизиран утилитаризам (нешто што тешко може да ве заведе), а кој го бранеа луѓе во здодевни костуми, со чудни очила, од своите семејни куќи во изолираните градски предградија. Од другата страна стоеше трошното здание на државниот социјализам кој не произвел ниедна нова идеја од 1925 година, а го бранеа тмурни бирократи со федора шешири и светлосиви чорапи и чевли. Единствено Третиот свет нудеше зрак надеж, новина и возбуда. Куба под Кастро, Египет под Насер, Индонезија под Сукарно, Гана под Нкрума – тоа според моето уверување беше едиствениот дел од светот во кој сè уште имаше останато каква било енергија и младост (знаеме дека нивните приказни главно завршија многу лошо; но на крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години тоа не изгледаше така).

Пат позицијата помеѓу двете закостени идеологии заврши со победата на либералниот капитализам, со што започна периодот на идеолошко мртвило. Во времето на истоветноста на мислењата, pensée unique и неговиот здрвен јазик од 1990 до 2010 година, се чинеше дека практично сме препишале од Советскиот сојуз сè најлошо што тој имаше да понуди: готови формули на лажно единство на сите и сешто под просветената власт на либералната буржоазија. Како и во советските режими, беше прогласено дека сите контрадикции се наводно разрешени, еднаш засекогаш. Нема нови прашања, а на старите веќе ги добивме одговорите. Сиот свет брзаше да стане една голема Данска, место во кое никогаш не се случува нешто занимливо.

Но тој закостен интелектуален свет експлодираше со кризата во 2008 година со ширењето на политичкиот ислам и подемот на Кина. Се распадна од две причини: прво, не беше во состојба да ги решава вистинските проблеми и контрадикции и наместо тоа се задоволуваше со нудење готови генерички решенија и второ, прифати погрешна претпоставка дека луѓето сакаат да живеат без идеолошки избори. Накратко, не само дека е сè помалку веројатно дека сиот свет ќе се претвори во Данска ( Блискиот исток се наоѓа во состојба на превирања во последните 4000 години и сосема е можно дека така ќе биде и во следните уште толку години), а станува и сè појасно дека светот не сака да живее во општество лишено од идеолошки избори, поделби и судири.

Повторно живееме во интересни времиња. Тоа е особено возбудливо за младите луѓе, зашто пред нив има богата понуда на идеолошки избори: либерализам, новиот социјализам, политичкиот ислам, кинески политички капитализам и веројатно уште по нешто. Во времето кога мојот татко бил млад постоеле три силни, конкурентски и многу моќни идеологии достапни за сите на паарот на идеи. Во времето на Студената војна, понудата била сведена на две, прилично неинтересни видови. И тогаш во моментот кој го забележал Фукујама останавме со понуда на само еден вид безвкусна идеологија. На идеолошките полици немаше ништо друго, како на празните полици на московските самопослуги во 1975 година. Но денес понудата на различни вкусови и видови повторно цвета. Понудата е голема и разновидна, а изборот е само ваш. За среќа, влоговите не се толку високи како во меѓувоените години во Европа и во светот. Луѓето веќе не сакаат да гинат за своите идеи. Но интелектуалната возбуда и превирања повторно се тука. Моите студенти имаат среќа. Добро е да се биде млад во интересни времиња, наспроти онаа често повторувана кинеска клетва.

Оригиналот на насловот на овој текст гласи: „We had everything before us, we had nothing before us“, што е цитат од почетокот на романот „Приказни за два града“ од Чарлс Дикенс: „It was the best of times, it was the worst of times, it was the age of wisdom, it was the age of foolishness, it was the epoch of belief, it was the epoch of incredulity, it was the season of Light, it was the season of Darkness, it was the spring of hope, it was the winter of despair, we had everything before us, we had nothing before us, we were all going direct to Heaven, we were all going direct the other way… / „Тоа беа најдобрите времиња, тоа беа најлошите времиња, тоа беше време на мудроста, тоа беше време на лудоста, тоа беше епоха на верата, тоа беше епоха на неверба, тоа беше доба на Светлината, тоа беше доба на Темнината, тоа беше пролет полна со надеж, тоа беше зима полна со очај, сè беше зад нас, пред нас немаше ништо, сите идевме директно во рајот, сите одевме право на другата страна.“

Слики: Kevin Corrado

Извор: Global inequality

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото