Ретроспективна изложба на Глигор Стефанов во МСУ

19.06.2019 03:00
Ретроспективна изложба на Глигор Стефанов во МСУ

По триесет години, еден од најзначајните македонски уметници Глигор Стефанов, кој живее во Канада, вечерва (19 јуни)  се враќа на македонската ликовна сцена со ретроспективната изложба во Музејот на современа уметност. Изложбата е насловена „Грабење во просторот“, а отворањето е во 21 часот.

Изложбата ги вклучува неговите зачувани или обновени објекти-летала, како и реконструкцијата на неговото капитално дело, големата триптих-инсталација „Просторен цртеж“, изведена во галеријата на Домот на младите (МКЦ), Студентскиот центар во Загреб и Студентскиот културен центар во Белград 1983/1984 година.

Куратори на изложбата се Марика Бочварова-Плавевска и Благоја Варошанец, кој вели дека на изложбата се претставeни сите циклуси на Стефанов, од 1981 до 2019. Ќе бидат изложени 11 инсталации, од кои една е долга 100 метри, како и 50 фотографии од негови поранешни инсталации кои не може да се реплицираат оти Стефанов работи со трска, слама и други нетрајни материјали.

„Вообичаено кога се подготвува ретроспектива значи дека уметникот треба сѐ да извади од своето ателје. Кај мене тоа не е можно, ќе требаше да направиме ретроспектива со веќе непостоечки дела, бидејќи моите дела се со времен карактер. Кога почнавме да ја подготвуваме изложбата, не можев да верувам дека во Македонија нема да најдам 100 проценти чист памук или долга трска. Но, ете некако се помачивме и се снајдовме“, вели Стефанов.

Шеесет и тригодишниот Стефанов, кој во 1993 заедно со скулпторот Петре Николоски беа првите македонски претставници на Венециското биенале, е роден во Кавадари, а дипломирал (1981) и магистрирал (1985) на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 живее и работи во Лондон, а во 1995 се преселил во Виндзор, Канада.

„Стефанов според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години“, велат кураторите.

Изложбата на Стефанов е дел од 40. издание на Скопско лето, чие официјално отворање е в петок.

 

ОкоБоли главаВицФото