За јазикот на глувците, луѓето и преведувачот

19.06.2019 16:37
 За јазикот на глувците, луѓето и преведувачот

 

 Глувци и луѓе од Џон Стајнбек, објавена во 1937 г., не е еден од оние класици за кои луѓето се фаќаат лесно бидејќи можат да изгледаат здодевни за читање. Приказната за судбината на Лени и Џорџ, двајцата фармерски работници за време на Големата депресија во САД во 30-тите години, во најдобар случај може да побуди блага љубопитност, во најлош случај – пасивна незаинтересираност. Тоа е така бидејќи од денешна перспектива постои очигледна временско-просторна оддалеченост помеѓу двете општества – она на писателот и она на читателот – недоволно оддалечени за да бидат сосем туѓи, недоволно блиску за да се познаваат. Ова дело живее во временска капсула која верно отсликува една реалност карактеристична само за тоа време и тој простор, и која сведочи посилно од каков било историски документ. Впрочем, секое дело сведочи за времето во кое е напишано, но во овој случај станува збор за начинот на кој Стајнбек одлучил да го направи тоа – преку разговорниот јазик. Тука би се повикала на зборовите на Хауард Левант од неговата студија за Стајнбек The Novels of John Steinbeck: A Critical Study (1974), кои ја доловуваат неговата важност: „Јазикот потекнува од дијалектот на работничката класа (...) кој е овде оживотворен со цел да отслика еден брутално реалистичен свет кој порекнува секаков идеализам и го увеличува суровото и ужасното. Неговата извонредна реализација е нагласена од контекстуалните факти: овие луѓе зависат од своите нестабилни работни места, немаат постојан дом, а нивните социјални и економски слабости се видно изложени. Оние почувствителните сонуваат да избегаат во некоја понежна реалност. Трошката веројатност дека тој сон ќе се оствари ја сосредоточува новелата.“

Токму тоа е она што ме влече кон ова дело. Ликовите имаат доволно простор да се искажат сами, без дополнителни објаснувања од страна на нараторот, та имам впечаток како да сум таму со нив и да ги слушам и да ги набљудувам. Меѓутоа, во преводот на Василка Пемова издаден за Слово во 2007 г. не го добивам истиот впечаток. Ќе објаснам зошто.

Општо земено, главната дилема, кога се преведува, е колку далеку треба и може да се оди со преводот, за да не се претвори во прераскажување или адаптација. Ова издание навидум ги исполнува сите критериуми за добро преведен текст: има конзистентност, разбирлив е и прецизен. Тука особено би го поздравила трудот на преведувачката да го задржи и приспособи колоквијалниот говор, бидејќи тоа е она што ја прави книгата магична. Во многу други преводи на ваков тип книги каде доминира јазикот, како Ловец во 'ржта или Хаклбери Фин, од ваква или онаква причина тој е буквално „изгубен во преводот.“ Меѓутоа, овде проблемот се јавува во нијансите, за кои би нагласила дека за мене не се само стилски забелешки. Иако тие што можеби ја немаат прочитано книгата на изворен јазик би уживале и во ова издание, сепак, верувам дека делчињата кои стрчат лесно се забележуваат.

Во однос на разговорниот јазик, Пемова има создадено некој хибриден дијалект кој е постојан кај сите ликови низ целата книга. Додека во оригиналот на Стајнбек говорот е прошаран со понекоја граматичка грешка карактеристична за класната заднина на ликовите, во преводот истиот ефект се постигнува со тоа што глаголите завршуваат на –уа или -уе („прашуам“, „зборуе“, „патуеме“), има испуштање на согласки („иам“, „глеаме“, „некоаш“) и вметнување на некои дијалектни зборови („зајци“, „можда“, „дош“). Ова е сосема во ред, и врши работа, што се вели, но би сакала да се навратам на нијансите во преводот. Имено, колку има разговорни фрази, исто толку има и литературни зборови помеѓу, кои ретко се користат во разговорен јазик и кои едноставно не припаѓаат таму. Ова создава јаз. Употребата на „се разбира“, „се прашувам“, „навистина“, „би можел“, дури и употребата на „но“ наместо „ама“ (едни од најчестите синоними) во јазик кој би требало да биде колоквијален навистина го нарушува целото искуство. Дали станува збор за превид или не, не е важно, мојот впечаток е дека е направен преголем напор за преводот да звучи колоквијално најдобро што може, односно да има некоја леснотија на изразување, која, всушност, и не е толку присутна уште од почеток, бидејќи хармонијата е постојано нарушувана од неразговорни изрази.

Кон овој впечаток придонесуваат и застарените преводни решенија на пцовките. Велам дека се застарени бидејќи со години наназад се користат истите преводи кои ни се познати на сите: „по ѓаволите“, „ѓаволски добро“, „проклето добро“ итн. За жал, оваа книга не е исклучок. Можеби во кој било друг случај тие би биле прифатливи (најмногу бидејќи веќе сме навикнати на нив), меѓутоа во оваа книга пцовките се главен дел од дијалектот на кој зборуваат ликовите и мора да се приспособат соодветно, ако целта е да се добие превод што ќе вреди да се прочита. Сметам дека тука треба да се земе поголема слобода. Со ова сакам да кажам дека не мора секоја пцовка да се преведува со пцовка, важно е да се опфати општото расположение на изразот. Дури и не мора секоја пцовка да се преведува воопшто, доколку реченицата сама упатува на тоа: “He was sore as hell” не мора да биде „Беше ѓаволски лут“, може да биде и „Беше ептен изнервиран / Ептен се изнервира“ или „Се изнервира у пичку матер“, ако веќе мора пцовка. Примерите како кога Џорџ го нарекува Лени “crazy bastard”, односно „лудо копиле“, ме натераа да се прашам: „Кој зборува вака во вистински живот?“

Доколку сакам да одам во детали, можам да издвојам уште две-три ситници кои ми оставија впечаток, меѓутоа факт е дека не постои совршен превод. Предизвикот кај Глувци и луѓе е да се најде начин да се намали таа временско-просторна дистанција, бидејќи се работи за изолирано делче од историјата. Идејата е текстот да звучи толку течно и познато, што читателот ќе заборави дека чита литературно дело. Во преводот на Пемова таа граница помеѓу светот на читателот и светот на Стајнбек останува јасно видлива, дури и опиплива. Иако во теорија е задоволителен, во практика никогаш не успева сосема да го обземе читателот и да го вовлече во својот свет.

 

Фотографиите се од филмот Of Mice and Men (1939)