Расправа за серијата „Чернобил“, за српската наука и масовната согласност

20.06.2019 03:12
Српската наука и масовната согласност

Одговор на Дејан Илиќ

Признавам дека сум почестен со фактот дека мојот краток коментар за текстот на Маша Гесен го поттикна Дејан Илиќ на толку далекусежно промислување на моите аргументи за серијата „Чернобил“ и за плагијатите. Можам веќе да ја замислам докторската дисертација (или барем магистерска) на тема „Сафаќањето на индивидуалната и колективната одговорност во публицистичките текстови и Фејсбук коментари на Александар Стевиќ ( со посебен осврт на серијата Чернобил и проблемот на плагијатот)“. Се разбира, се шегувам, но всушност целосно го разбирам приговорот на Илиќ: не е неточно дека моите текстови за плагијатите, како некој свој имплицитен читател имлицираат некаков посветен научник кој се згрозува од академскиот арамилак. Исто така, можно е дека траги на таквиот идеализам има и во мојата критика на тексто на Маша Гесен.

Да почнам од серијата. Иако разбирам зошто Илиќ мисли дека во текстот на Маша Гесен најмногу ме иритирало нејзиното тврдење дека никакви совесни и храбри научници не можело да има во рамките на советскиот систем, факт е дека нејзината критика на серијата, пред сè ми пречеше како на историчар на книжевноста. Во постапката со фактите, во градењето на композитните ликови, во креирањето конфликт, таму каде што го немаше, серијата постапува точно онака како што отсекогаш постапуваат историските драми и романи. Ни Ричард III навистина не нудел кралевство за коњ. Всушност, токму она најглупавото во целата серија (а тоа е судењето на кое Легасов ги напаѓа советските институции) делува како директно да излегло од кај Дикенс.

Се разбира, приговорот кон текстот на Маша Гесен (кој Илиќ го поддржува) е етички, не е естетски: проблемот не е во тоа што серијата повремено си ја пушта имагинацијата, туку во тоа што нуди суштински неточно сфаќање на советскиот систем, кое понатаму ќе обликува погрешно сфаќање на историјата. Не дека не ја разбирам привлечноста на тој приговор. Прашањето што е вистината за Чернобил (или за Косово) нас нè тангира на истиот начин како прашањето што е вистината за англиските граѓански војни во 15-от век, а тоа, како што прикажува популарната култура се настани кои навистина влијат врз нашата колективна свест. Како што со право забележува Илиќ, „како и секое успешно дело на популарната култура, серијата „Чернобил“ создава наратив кој понатаму ќе послужи како основа за разбирање на минатите или тековните настани“.

Заради тоа оние културни производи што се занимаваат со особено значајни и особено трауматични историски теми (како на пример што се холокаустот или трансатлантската трговија со робови) , се секогаш предмет на големо внимание. Од друга страна, колку и да го разбирам овој вид загриженост, сепак сум скептичен кон обидите да се „заведе ред“, кога станува збор за претставувањето на историјата, едноставно затоа што сум скептичен кон секаков цензорски импулс. Всушност, нели е одлика токму на оној систем кој Гесен со право го критикува тоа што знаел како мора да се претставува историјата и што умеел да ги санкционира „девијациите“. Се разбира, не сакам да ја обвинам Гесен за сталинизам, но прилично сум недоверлив кон оние што се сигурни дека постои само еден исправен начин да се зборува за некој историски настан.

За среќа, овие далекусежни прашања не се од пресудно значење за мојот приговор кон критиката на Маша Гесен. Независно од тоа што мислам за уметничката слобода и етичките потешкотии поврзани со претставувањето на современата историја, јас едноставно мислам дека елементите на нејзината интерпретација на „Чернобил“ се неодржливи. Нејзиниот клучен приговор за серијата (покрај тоа што прикажува непостоечки судир меѓу храбрите научници и лошите бирократи) е тоа што вината ја лоцира кај неколкумина негативци. Иако признава дека серијата понекогаш го критикува системот, Гесен тврди дека „почесто се прикажува дека за сè виновни се тројца мажи изведени пред суд, особено еден од нив, одбивниот злосторник Анатолиј Дјатлов (Пол Ритер)“. А потоа додава: „На гледачите им се сугерира дека да не бил Дјатлов, подобри луѓе би успеале да направат нешто подобро, па фаталната грешка во рекаторот и во самиот систем би била избегната. Тоа не е точно. Потешко е да се прикаже систем кој сам на себе си копа дупка, отколку амбициозен, зол човек кој предизвикува несреќа.“

Мислам дека Гесен овде едноставно не е во право во своето разбирање на историјата, ниту во своето толкување на серијата. Прво, колку што ги разбирам наодите на IAEA, секако дека однесувањето на операторот допринело да се случи катастрофата, иако до неа не би дошло да не постоеле сериозни недостатоци во дизајнот на реакторот, а кои на инжинерите во електраната не им биле познати (а не им биле познати токму затоа што системот е поставен накарадно и праноично). Второ, Гесен греши кога тврди дека серијата претежно ги обвинува тројцата мажи на кои им се судело за катастрофата. Напротив, серијата на секој чекор открива дека станува збор за ситем што е заснован врз лаги и недоговорност. На пример, во еден момент Легасов го убедува Шчербин дека треба да се почне со евакуација, а на тоа овој му одговара: „тоа е моја одлука“. Кога Легасов го прашува зошто тогаш не ја донесе одлуката, овој му одговара: „па ми кажаа да не ја донесам“. Кого на Дјатлов еден од инжинерите му предочува дека видел графит покрај реакторот (што е знак дека јадрото експлодирало), овој му одговара: „не си видел графит“ и во истиот час паѓа на земја и почнува да повраќа заради изложеност на радијација. Ако тоа не е успешен симболички приказ на еден систем заснован на масовна самоизмама, тогаш не знам што е. На крајот, тука и самото судење (што е најслаб момент во серијата, токму затоа што е премногу експлицитно и историски невтемелено) на кое вината директно се става на системот. Уште повеќе, целиот судир меѓу чесните научници и корумпираните бирократи служи токму за да се идентификува системскиот карактер на проблемот кој довел до катастрофата.

Разбирам зошто на Маша Гесен ѝ пречи идеализираниот приказ на научниците и разбирам дека со тоа се пропушта еден значаен елемент на советскиот систем, имено, дека всушност никој не е поштеден од коруптивните ефекти на самоизмамата (иако самоубиството на Легасев и снимките кои ги оставил веројатно се сметаат за некаков отпор). Меѓитоа не се согласувам со Гесен дека со тоа суштински е изневерена вистината за тој систем. Авторите на серијата се послужиле со она со што писателите на драми се служат, значи драмски судир (како што кажа Аристотел, драмата го имитира човековот дејствување), но притоа многу јасно покажале дека проблемот е системски. Уште повеќе, би можело да се каже дека тие го искористиле она што е историски неточно (конфликтот меѓу благородните научници и злите бирократи) за да го истакнат накарадниот карактер на системот. Тоа што неколкумина научници ги исклучиле (мжеби неосновано) од коруптивното дејство на системот може да делува како недопустлив пропуст, но мене ми се чини дека серијата прави оправдан компромис меѓу драмската форма и обврската кон историјата, при што нуди прилично прецизна анализа на одговорноста за она што се случило. Дали би било добро некој да се позанимава со Чернобил на начин на кој уште подлабоко ќе се истражи „масовната согласност“? Да, се разбира. Дали тоа значи дека серијата ваква каква што е е некаков „whitewashing“ кој гледачите ги остава со опасно неточна слика на тој систем? Не би рекол. Навистина не гледам како некој би можел да заклучи дека сè би било во ред ако со реакторите би управувале некои подобри луѓе. Во секој случај, мојот проблем со текстот на Маша Гесен не е во тоа што таа ја отфрла и самата помисла за постоењето на некои храбри и независни научници, туку што поставува неоправдано ригидни брања пред една историска драма. Да цитирам извесен тјудорски пропагандист: „the lady doth protest too much, methinks“.

Но, да се вратиме на она што навистина го интересира Илиќ, а тоа е улогата на „масовната согласност“ во академската корупција што ја зафатила Србија. Илиќ го вели следното: „Тој (т.е. јас) од една страна гледа зли бирократи на криминалниот режим во Србија, а од друга – чесни академски работници кои се обидуваат, вистина без многу успех, да им се спротивстават“. Разбирам зошто Илиќ извлекува таков заклучок од моите текстови – тие навистина се поставени точно така како што ги опишува, едноставно затоа што мислам дека тоа е единственото целисходно. Меѓутоа, тоа не значи дека јас мислам дека не постои одговорност на научната заедница за гадостите што се случуваат во последниве години. Напротив, би рекол дека кога станува збор за ова прашање, меѓу мене и Илиќ нема разлики во ставовите: имено, јас мислам дека сè што се случува со Србија во последните триесет години (во академската заедица и надвор од неа) е работа на „масовна согласност“, без разлика дали станува збор за согласување на војни, на етничко чистење или на арамилак. Неодамна, во интервју за порталот „Новости“, Алексеј Кишјухас рече дека „главен проблем на политиката и власта во Србија не е толку фамозната ‘длабока држава’, колку што е ‘длабокото општество’. Ако добро сум го разбрал Кишјухас, ние не сме заробеници на некои накарадни институции или некакви такни служби, туку на сопствената свест. Она што денес го имаме во Србија е она што мнозинството го одобрува или не наоѓа причини да го оспори, а ни во академската заедница не е подобро.

Се разбира дека разорувањето на научните стандарди не е последица на постоењето на некоја корумпирана елита, туку на корупцијата што владее меѓу научниците. Еве само неколку примери на коруптивни пракси. Не е еднаш сум ги слушал членовите на комисијата како се смеат на глупостите во магистерските или докторските трудови на кои само што им дале преодна оцена затоа што ги замолил некој постар колега, кој можеби утре ќе биде во комисијата на нивно унапредување. Заради таа кукавичка логика на „незамерување“, неретко на факултетите се гласа со молк односно со недоаѓање на седниците на комисиите – како што повеќе пати видовме во изминативе години. Ако не сакате некој да биде избран за повисоко звање, вие едноставно нема да се појавите и така го саботирате кворумот, наместо да изнесете аргументи, ако ги имате. Не знам дали на факултетот на кој и Илиќ и јас дипломиравме некогаш воопшто бил распишан конкурс а однапред да не се знаело името на кандидатот што ќе биде избран. Не знам дали на некој му била одбиена докторска теза а тоа да не било заради лични конфликти. Ниту еднаш не сум видел како кандидатот сам го пишува извештајот за избор во звање, кој потоа го потпишува комисијата.

Постојат цели научни области во кои буквално никој од белградскиот универзитет не објавил труд во некое сериозно меѓународно списание индексирано во WOS, зашто без тоа очигледно се може (проверував, не бе мрзелив). Треба ли да се спомнува дека има луѓе кои целата кариера, сè до зањето редовен професор, ја изградиле објавувајќи главно во списанија и зборници кои ги издава нивната матична катедра? Да не зборувам за професорските и деканските деца кои се избрани за асистенти, неретко по предметите што ги предаваат нивните родители.

Предаторските списанија и издавачи се посебна приказна. Постојат примери на универзитетски наставници кои објавувале книги кај германски издавач што се гордее со тоа што воопшто не бара стручна рецензија. Уште полоши се примерите на книги кои се оценувани како „водечки монографии со меѓународно значење“ од страна на надлежното министерство ( и кои како такви на своите автори им донеле голем број бодови потребни за напредување на повисоко звање), иако се објавени во издание на британскиот издавач Cambridge Scholars Publishing (кој не треба да се меша со угледниот Cambridge University Press), чиишто стандарди се толку ниски и главно објавува според стандардот „тепаат кој не сака“. Потоа, тука е и праксата на пишување докторски тези кои едвај да се нешто повеќе од детално прераскажување (значи не се работи дури ни за критичка анализа, туку само за прераскажување) на туѓи идеи. Уште повеќе, би било интересно да се види колку имало тези што се занимавале со прераскажување на туѓи идеи во последниве години. И на крајот, да не ги заборавиме корупциските афери како онаа на Правниот факултет во Крагуевац, каде, ако добро пресметав, отприлика една третина од наставниот кадар се обвинети за продажба на испити. Работата да биде уште полоша некои од тие луѓе потоа беа избирани на раководни функции на факултетот, што значи дека значаен дел од вработените кои не се вмешани во аферата гласале за нив!

Значи, се разбира дека докторатот на Мали (да не ги спомнувам сега останатите спорни тези бранети на разни Мики Маус универзитети на кои никогаш не требаше да им се дозволи да почнат да работат) се случил заради корупцијата во самата академска заедница – заради менторот кој или не ја работел својата работа или немал ништо против плагирање, заради комисиите кои сето тоа го аминувале, заради деканот кој го саботирал процесот именувајќи комисии чијашто работа била да не најдат ништо и, се разбира, заради научно – наставното собрание, кое со минимални исклучоци, ги прифатило сите тие лаги.

Не знам што точно се случило на Економскиот факултет каде Мали се обидел да поттури плагирана теза, но изгледа дека веќе тука некој сфатил зашто се работи, но, наместо работата да ја истера на чистина, му дозволил на Мали тивко да се повлече. Значи, се разбира дека сето ова се случило заради корупцијата во академската заедница – некои во академската заедница толерираат вакви работи затоа што веројатно и самите не се подобри од Мали, некои затоа што се плашат, некои само заради конформизам, некои се врзале со власта, некои колку – толку се бунат.

Е сега, ако е веќе така, зошто моите текстови (а тие се многу помалку важни од текстовите на колегите што ги откриле плагијатите) настапуваат од позицијата од којашто настапуваат? Па затоа што не гледам од кои други позиции би можело да се пишува за вакви работи. Се разбира дека ми е јасно дека сето ова е борба со ветерници и дека е залудно да се очекува дека на универзитетските тела кои се занимаваат со случајот Мали, одеднаш ќе им проработи свеста, но навистина не гледам што друго може да се направи освен да се инсистира, па макар и залудно, на некои елементарни постулати на академската чесност. Со други зборови, не гледам што е алтернативата освен целосна резигнација, но разбирам дека и резигнацијата е можен одговор. Како и да е, додека ова го пишувам, како и секогаш кога пишувам нешто за српски медиуми, жена ми приговара дека повторно се змајаувам со „таа Србија“ на која и онака ѝ нема помош. И навистина, да знаев како да поправам едно до срж корумпирано општество, не би си заминал од Србија. Но барем можам да го кажам тоа што мислам дека треба да се каже.

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото