Како стана можна познатата мисија „Аполо 11“

21.06.2019 02:21
Како стана можна познатата мисија „Аполо 11“

Посадата на „Аполо 10“

Наскоро ќе биде одбележана 50 годишнината откако првиот човек стапна на Месечината.

Го паметиме и славиме херојството на посадата на „Аполо 11“: понизноста на Нил Армстронг; фалбаџиската храброст на Баз Олдрин; осаменото бдеење на Мајкл Колинс во орбитата над неговите пријатели, чекањето да ги врати дома.

Но, мораме да ги славиме и оние кои пронајдоа начин оваа историска мисија да стане можна.

Меѓу најострите критичари беше посадата на „Аполо 10“ која доби задача да изведе проба за „Аполо 11“ само два месеци пред Нил Армстронг да стапне на Месечината. Томас П. Стафорд, командантот на мисијата; Џон В. Јанг кој пилотираше со командниот модул, како и Јуџин А. Сернан кој управуваше со лунарниот модул, направија сѐ што направија и Олдрин, Армстронг и Колинс, но запреа само неколку моменти до слетувањето.

Делува несфатливо, да се отиде толку далеку, да се ризикува толку, и на крајот да се повлече. Такви беа наредбите и тоа беше бреме кое го понесе посадата на „Аполо 10“, пред повеќе од 50 години.

НАСА, инспирирана од говорот на претседателот Џон Ф. Кенеди во 1961 година, во кој тој ја предизвикува Америка да испрати човек на Месечината, се впушти во осум години долга трка до Месечината во која учествуваа повеќе од половина милион инженери, техничари и научници, а дури три астронаути настрадаа - Гас Грисом, Ед Вајт и Роџер Чафи - во експлозијата на „Аполо 1“ 1967 година.

Идните „Аполо“ летови мораа да бидат побезбедни, но во исто време и посмели, за на време да одговорат на предизвикот на Кенеди. Одложувањата значеа дека „Аполо 8“ ќе биде првата лунарна мисија со човечка посада која ќе лета само со помош на команден модул. Посадата на „Аполо 9“ во март 1969 година ја изврши првата тест мисија, поминувајќи десет дена во Земјината орбита.

Посадата на „Аполо 11“

Сѐ беше подготвено за комплетна проба која ќе ја изведе следната посада. Мисијата „Аполо 10“ беше едноставна: да се подготви сѐ за успешно слетување на Месечината (и за враќање дома).

Сите ризици кои ги преземаа за да ги тестираат опремата и процедурите - лансирање; вклучување во орбитата, потоа слетување на вселенскиот брод во Пацификот - беа исти како оние со кои подоцна ќе се сретне и посадата на „Аполо 11“, со една разлика. Слетувањето на Месечината нема да се случи.

Додека Јанг кружеше над нив во командниот модул кој го нарекуваа „Чарли Браун“, Стафорд и Сернан се одвоија и се подготвија за симнување кон местото предвидено за слетување на глатката, мрачна вулканска рамница на Мирното море. Со лендерот пријдоа на 14 000 метри од површината на месечината - доволно блиску за да го тестираат радарот за слетување. Што им поминувало низ мислите кога од Хјустон стигна пораката да го стартуваат моторот и да се вратат назад? Сернан беше копнежлив: „Леталото делува добро и нема проблеми, Чарли, освен што би било убаво почесто да сме тука...“

Леталото „Снупи“ немаше доволно гориво да слета на Месечината и потоа повторно да полета. Според зборовите на Крег Нелсон, авторот на книгата „Рокет Мен“, Сернан се сомневал дека намерно не бил обезбедено доволно гориво за лендерот.

„Многумина размислија за тоа какви луѓе сме ние: ’Не им пружајте прилика да слетаат, зашто би можеле да го направат тоа!“

Само два месеци подоцна на површината на Месечината беа втиснати човечки стапки. Армстронг и Олдрин чекореа на нејзиното тло.

Мисијата „Аполо 10“ во аналите на историјата остана во сенка на следните патувања на Месечината. Но астронаутите од „Аполо 10“ беа оние кои го трасираа патот кон Месечината и нивната приказна ѝ дава човечност на трката до Месечината.

Извор: The New York Times, International Report

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото