Проекција на аргентинскиот филм „Втор пат“ на КРИК 04

21.06.2019 12:10
Проекција на аргентинскиот филм „Втор пат“ на КРИК 04

КРИК – фестивал за критичка култура продолжува вечерва (21 јуни) во 19,30 часот со проекцијата на филмот „Segunda Vez“ (Втор пат) во кафе – кино Котур, дел од годинашната програма „Критичко читање низ филмови“ во селекција на Петар Милат, филозоф и публицист од Хрватска.

Режисерката Дора Гарсија мешајќи ги политиката, психоанализата и перформансот својот многукратно наградуван филм Segunda Vez (2018) го гради околу фигурата на Оскар Масота - круцијален теоретичар 23 за аргентинската авангарда од 1950-тите до 1970-тите, иако не станува збор за биографски филм. Идеите на Масота за лакановската психоанализа, политиката и уметноста (хепенинзите и дематеријализираната уметност) го смениле уметничкиот пејсаж на Буенос Аирес во 1960-тите години, кој претходел на диктатурата, со што се означува и крајот на авангардата. Насловот, „Segunda Vez“, потекнува од истоимената приказна напишана од современик на Масота, Хулио Кортасар, кој го раскажува амбиентот на психоза и несигурност предизвикан од траумата на исчезнувањата во Аргентина.

Синоќа, во Чифте амам, Артан Садику, истражувач, теоретичар и активист од Скопје своето предавање насловено „Илјада маргини“ го одржа како еден вид дискурзивен експеримент, поставувајќи отворени тези и поканувајќи ја публиката активно да учествува во нивното градење со свои прашања и критики, што е и идејата на фествалот - да истражува различни формати на критичко мислење и преку нив да создава нови заедници на критичка култура. Во дискусијата учествуваа и гостите на фестивалот, Нејтан Браун и Арон Шустер.

„Ниедна теорија не може да се развие без соочување со препрека (ѕид), затоа нужна е практика за рушење на ѕидот (Делез). Нашите испробани, износени и исцрпени модели на практики, како што се отпорот и борбата против капитализмот, не успеаја да го скршат ѕидот кој радикалната теорија го постави пред многу години. Како резултат на ова, ние сме сведоци на забрзано зголемување на теоријата, наместо испробување нови практики со цел да се сруши ѕидот“, рече Садику во својот вовед.

Претходно се одржа и семинарот „Естетичко образование наназад: политички ќорсокаци на сегашноста со Нејтан Браун, професор од Монтреал, Канада. Семинарот во фокусот го имаше разгледувањето на тоа како општествената структура и историските ќорсокаци можат да се анализираат и да се адресираат како ефекти од политичко-економските контрадикции. Навраќајќи се на Шилеровата теорија за „естетичко образование“ од персепктива на сегашноста, Браун ја водеше дискусијата за патологиите на комуникацијата и отпорот кон замките и искушенијата на политичкиот опортунизам.

Утре (22 јуни) на програмата се две предавања на Лина Гонан од Хрватска, која ќе зборува на тема „Геј нормалност и антиинклузивистичката квир мисла“ и Станимир Панајотов од Бугарија со предавање насловено „Резервна армија на смртта“. Нивните предавања ќе се одржат во Чифте амам со почеток од 19, 30 часот.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020, Град Скопје.
Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија на Македонија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.

Фотографии: Лени вон Гелева

Дизајн: Кома