Јирген Хабермас, еден од највлијателните мислители на денешницата, на 90 години води кампања против национализмот

22.06.2019 03:40
Јирген Хабермас, еден од највлијателните мислители на денешницата, на 90 години води кампања против национализмот

Јирген Хабермас кој на 18 јуни наполни 90 години, е еден од највлијателните германски мислители на нашето време. Сепак, дури и на негови години, тој останува неверојатно активен. Пред неодамнешните избори во ЕУ, Хабермас во Берлин активно водеше кампања против тесноградиот национализам. Долгогодишниот промотор на демократизацијата на Европа, филозоф и автор, тој во јули 2018 година ја доби германско – француската награда на медиумите.

Неговата следна книга насловена „Auch eine Geschichte der Philosophie“ (Исто така историја на филозофијата) ќе биде објавена во септември. Станува збор за дело во два тома од 1700 страници, кое, според неговиот издавач, не го анализира само развојот на филозофијата од антиката до денес, туку се занимава и со улогата што тој развој ја одиграл во општеството.

Секако, Хабермас секогаш го интересирала големата слика и отсекогаш бил подготвен да се вклучи во големите општествени дебати. Тој е еден од неколкуте германски јавни личности, интелектуалци, кој редовно имал свој став за политичките прашања.

Создавање јавна сфера

Јирген Хабермас е роден 1929 година во Диселдорф. Денес живее во баварскиот град Старнберг (Starnberg). Меѓутоа, неговото име најмногу се поврзува со градот Франкфурт, поточно со школата за општествена и критичка теорија, позната како Франкфуртска школа.

Докторирал филозофија во Бон, 1954 година со дисертација за германскиот филозоф Фридрих Шелинг (1775 – 1854). Во 1964 година, од Макс Хоркхајмер (1895 – 1973) ја презема катедрата за филозофија и социологија на Универзитетот во Франкфурт и на таа позиција останува до 1971 година.

Неговиот постдокторски труд од 1961 година „Strukturwandel der Öffentlichkeit“ (објавен во превод на англиски јазик 1989 година, под наслов „Структурна трансформација на јавната сфера) до денес останува револуционерно теориско дело. Во него тој го истражува концептот на јавната сфера како историска категорија. Тој, исто така, го проучува терминот „јавно мислење“, кој според него се појавил во 17-от век, во Англија; и потоа почнал да се шири како идеја во Франција од 18-от век.

Инспирација за генерацијата од 68-та

Се смета дека теориите на Хабермас за демократскиот процес силно влијаеле врз студентските побуни од 1968 година; студентите во него гледале свој духовен ментор. Меѓутоа, кога студентското протестно движење станало порадикално, тој отворено го критикувал.

Во своето главно дело од 1981 година, „Теорија на комуникациската акција“, тој развива теориски акциски водич за модерното општество. Според него, нормативните темели на општеството се наоѓаат во јазикот, а дебатата како средство за комуникација овозможува општествено делување. Хабермас ги разгледува начелата на рационалната аргументација, размислувајќи за „идеална ситуација на говор“, во која секој учесник е слободен да учествува во демократскиот дискурс.

Неговите дела кои ги теоретизираат демократските и коминикациските идеали се академски стандарди. Насловите како што се: „Меѓу фактите и нормите: прилози кон дискурзивната теорија на правото и демократијата (1992), „Инклузија на другиот“ (1996), заедно со „Теорија на комуникациска акција“ (1981) и „Структурната трансформација на јавната сфера“ (1962) се задолжителни дела во академските кругови.

Неговите текстови ја покажуваат неговата длабока мисла и елегантен стил, но, кои бараат и одреден степен на трпение за да се дешифрираат неговите дела. Но, тоа е така: темите со кои се занимава еден политички филозоф не се лесни, но Хабермас секогаш се трудел да ги реши со голема прецизност.

Филозофијата по Холокаустот

Како и другите западногермански автори и интелектуалци, вклучувајќи го Мартин Валсер, Гинтер Грас и Сигфирд Ленц, Хабермас растел во сенката на националсоцијализмот. Тоа искуство оставило трага на неговото целокупно животно дело.

Зошто во 1933 година, Германците избраа бесен, вулгарен антисемит за канцелар на Рајхот? Што дозволи работите да отидат толку далеку? И пред сè, како може да се спречи повторувањето на таквите настани? Овие прашања ја чинат основата на делата на Хабермас. Тие го инспирирале да создаде сложени комуникациски модели со кои членовите на општеството би можеле да се стремат кон урамнотежување на нивните различни интереси.

Таквите општествени модели ги нарекол „консензуални“, а тој израз имал исклучително значење за поимањето на себеси на Сојузна Република Германија. Граѓаните веќе не би примале наредби од горе; наместо тоа, треба да се охрабрат јавно да интервенираат, отворено да ги формулираат своите ставови и да ги вклучат во опсежна дебати во кои сите ќе работат за прифатлив компромис.

Концептите што ги развил Хабермас соодветствувале на преданоста кон мирот на западна Германија по ужасите на националсоцијализмот.

Придонес кон духот на земјата

Дали Сојузна Република Германија би била сосема поинаква без Хабермас? Веројатно не. Но без неговите филозофски коментари за настанувањето на германската република, дефинитивно би недостасувале делови на тој специфичен „звук“. А тој звук – апстрактен, херметичен и недостапен, беше одраз на општеството на истиот длабок начин како што тоа во земјата го постигнаа рок и поп музиката во текот на шеесетите години.

И тоа дефинитивно придонесе за обликувањето на космополитската атмосфера во Западна Германија.
По повод 90-тиот роденден на Јирген Хабермас треба да се биде свесен за две работи. Прво, овој филозоф и социолог битно ја обележи историјата на СР Германија. И второ: слободарското уредување на оваа република не е нешто што се подразбира – тоа е нешто што секојдневно треба да се брани.

Извор: DW
 

ОкоБоли главаВицФото