Кристина Леловац: Еднаш засекогаш да престане партизацијата во културата

22.06.2019 12:56
Кристина Леловац: Еднаш засекогаш да престане партизацијата во културата

Актерката и доцент на Факултетот за драмски уметности - Скопје, Кристина Леловац, со реакција по повод ситуацијата со Младинскиот културен центар.

„Уважени надлежни,

Ви се обраќам вам кои дозволивте, веќе две години, низ кулоарите да се шушка дека директорското столче во МКЦ некому му е ветено одозгора. Ви се обраќам да ве потсетам дека „лојалност” со директорски столчиња наградуваше ВМРО.

Партизацијата, персоналните "решенија" и "дај-ми-го-на-ти-го политиките" на ВМРО ја монополизираа, ја заробија институционалната култура, врамувајќи ја во својата популистичка и националистичка парадигма. Ги уништија јавните институции и ги разорија професионалните фели.
За независната културна сцена, немаше ни простор, ни поддршка. “Каква е таа независна, алтернативна култура што бара пари од државата?”, велеше ВМРО. Ги игнорираше и ги потценуваше нејзините критички позиции, и го оневозможи пристапот до јавни средства и ги окупираше сите нејзини простори за работа и творење.

Она што преживеа беше засолнето во и околу Младинскиот културен центар. Истото тоа, со помошта на актуелното раководство и креативниот тим на МКЦ, го одржуваше тој мал простор на слобода во кој посветено се чуваше и се хранеше идејата дека промената е нужна и можна. Пожртвуваноста и истрајноста на независната културна сцена, континуирано и безрезервно поддржана од актуелниот тим на МКЦ, во крајна линија и ја овозможија таа промена.

Конечно, ви ја овозможија, вам од актуелната власт, позицијата на која сте денес.

Јасно е дека културата не е меѓу вашите приоритети и дека по неа, најбрзо и најлесно посегате кога треба да се трампате со министерски и директорски столчиња со коалиционите партнери и во партиските штабови. За тоа се чини сте бездруго надлежни и транспарентно и доследно ги следите процедурите.

Иницијативата #НеГоЧепкајтеМКЦ алармира токму на таквата надлежност и доследност кон процедурите.

Погледнете ја листата на поддржувачи на оваа иницијатива, која е цврсто втемелена во барањето еднаш засекогаш да престане партизацијата во културата. Зарем навистина мислите дека овие луѓе не знаат дека МКЦ е под ингеренција на Град Скопје, а не на Владата, дека директор се избира на отворен конкурс, дека победува оној кој комисијата, ослободена од притисоци, непристрасно и основано ќе го оцени за најсоодветен? Да немавме основа да се сомневаме дека се следат процедурите и дека институциите се држат до своите надлежности, зарем навистина мислите дека овие луѓе, со сиот свој интегритет, ќе ставеа личен потпис под оваа иницијатива?

МКЦ има актуелно раководство со долгогодишна, длабоката поврзаност и припадност кон институцијата, знаење и посветеност. Тие знаечки раководат со најквалификуваниот, најмотивиран, најпосветен и најдобро организиран програмски и технички тим во однос на која било друга институција од културата во земјава. Луѓето во тој тим се далеку покфалификувани и придонесуваат многу повеќе од тоа колку се платени (и покрај нивелацијата на платите во културниот секор со која се гордеете) и ако по партиска директива им наметнете некадарно раководство, тие нема зошто да не заминат веднаш во приватниот сектор.

Така јавната култура ќе ги загуби и тие малку посветени професионалци што ги има, а независната културна сцена ќе ја загуби својата единствена континуирана институционална поддршка и слободен простор за создавање. А вие, дефинитивно ќе ја прокоцкате и онака разнишаната довербата од културните работници.

Најпосле, во прашање воопшто не е директорското столче во МКЦ, ниту пак лично оној кој на тоа столче претендира. Во прашање е културата во оваа држава, која е темелот на демократско општество за сите, во кое се колнете, и имате должност да осигурате да ја креираат, спроведуваат и развиваат докажано кфалификуваните.

Во прашање е неопходноста во ова наше разорено и разединето општество конечно да се практикува слободата која ни ја ветувавте.

Имате купишта за “метење”, но не и во МКЦ.
#НеГоЧепкајтеМКЦ“, пишува Леловац. 

 

Слични содржини

Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото