Дали и колку се автономни македонските универзитети?

24.06.2019 00:17
Дали и колку се автономни македонските универзитети?

Перцепцијата кај академската заедница врзани со организациската автономија на македонските универзитети, е дека таа е од исклучителна важност. Од друга страна, пак, оценката за оствареност, дава друга слика – перцепцијата за целосна оствареност се движи од 17% до 26% што е во остра спротивставеност со степенот на значење. Ваквиот расчекор е последица на перцепцијата дека постои влијание врз раководствата на високообразовните установи од властите.

Ова се дел од наодите од првото истражување на универзитетската автономија во Северна Македонија, презентирани на 21 јуни од Независниот академски синдикат (НАкС).

„Кога станува збор за Република Северна Македонија, согласно поставените индикатори од страна на Европската универзитетска асоцијација (EUA), оценката укажува на тоа дека нашата земја би била најдобро рангирана во однос на академската автономија и организациската автономија, послабо рангирана во однос на кадровската автономија, и најслабо рангирана во однос на финансиската автономија“, велат од НАкС.

Разгледувајќи ја организациската автономија во однос на начинот на избор на ректор, со новиот Закон е извршена измена во системот со која целата академска заедница учествува во процесот на избор на ректор, што осигурува повисок степен на демократичност.

„Воедно, новиот Закон предвидува универзитетите да можат самостојно да ги организираат единиците во различни подрачја, но и да основаат правни лица со непрофитен карактер, чијашто дејност е поврзана со вршењето на дејноста на универзитетот“, велат од НАкС.

Во рамките на финансиската автономија, НАкС заклучува дека универзитетите ги чувствуваат најголемите негативни последици од системските решенија. Земено во целина, кај нас постојат рестрикции кои го обременуваат финансиското работење на високообразовните установи и ја отежнуваат реализацијата на нивните активности.

Академската заедница ги цени индикаторите за финансиската автономија како „многу“ или „прилично важни“ (со над 90% од одговорите), а перцепцијата за оствареноста, кај повеќе од половината испитаници (50% – 70%) е дека тие се само „делумно остварени“ или „неостварени“.

„Како причина за ваквата состојба се наведува фактот дека универзитетите немаат можност самостојно да ја утврдуваат школарината, дека трезорското работење ја ограничува слободата на користење на сопствените средства, и дека посебен проблем претставува спроведувањето на процесот на јавни набавки, кој во одредени ситуации го отежнува работењето на факултетите. Во анкетата, исто така, е укажано и на нетранспарентното и ненаменско трошење на средствата од страна на раководните органи“, потенцираат од Синдикатот.

Од таму дополнуваат дека високообразовните установи согласно Законот се автономни во однос на кадровската политика. Сепак, нагласуваат, во практиката постојните процедури го ограничуваат ова законско право, а од истражувањето може да се заклучи дека кадровската автономија е сегментот кој заедно со финансиската автономија најмногу ја еродира универзитетската автономија во целина.

„Во сегментот на вработувањето на наставниот и ненаставниот кадар, универзитетите се среќаваат со процедура во која мора да добијат одобрение и од матичното министерство и од Министерството за финансии. Оваа процедура се однесува не само на новите работни места, туку и на испразнетите работни места за кои веќе биле планирани средства во буџетот, што го прави ограничувањето апсурдно и насочено кон намалување на обемот на универзитетската автономија“, велат од НАкС.

Резултатите од анкетата покажуваат дека и кај кадровската автономија над 90% од испитаниците сметаат дека станува збор за „многу важно“ или „прилично важно“ прашање. Во однос на перцепцијата за степенот на оствареност, речиси две третини сметаат дека самостојноста во одлучувањето за висината на платите е „делумно остварена“ или „неостварена“.

Во однос на индикаторите за академска автономија, велат од Синдикатот, Законот за високото образование од 2018 година воведе новина со која Владата донесува одлука само за бројот на студентите чиешто студирање се финансира од буџетот, додека за бројот на студенти надвор од оваа квота одлучуваат високообразовните установи во рамките на бројот утврден со акредитацијата.

„Ова позитивно влијае на зголемување на степенот на академската автономија во определувањето на бројот на студенти. Покрај ова, освен општите услови, критериумите и постапката за прием на нови студенти се во ингеренција на високообразовната установа“, заклучува НАкС.

Автори на истражувањето се Маја Стевановиќ, Зоран Велковски, Влатко П. Коробар, Елена Џукеска и Неда Здравева. Целосното истражување може да се најде ТУКА.

Инаку, истражувањето на НАкС е изработено во рамки на проектот „Универзитетската автономијата македонското високо образование: Статус и перцепции“, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Извор: Радио МОФ

 

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото