Судбината на светот во триаголникот на Балтикот, Јадранот и Црното море

23.06.2019 23:38
Судбината на светот во триаголникот на Балтикот, Јадранот и Црното море

Хабсбуршката монархија со векови беше еден вид перниче помеѓу западниот дел од Стариот континент, односно европските сили и амбициите на руското и турското царство да продрат во срцето на Европа. Од пропаста на Црно-жолтото царство само Сталин, одредено време, успеа целосно да го стави под контрола просторот од Балтичкото до Јадранското и Црното море, сѐ додека Јосип Броз не се оттргна од контролата во 1948 година.

Винстон Черчил, големиот почитувач на Австроунгарија, имаше идеја, дури и наложи да се направи и проект за создавање голема конфедерација: од Полска до Грција. Целта беше да се создаде блок според советската комунистичка империја. Со крахот на СССР, експанзијата на НАТО и ЕУ, се веруваше дека прашањето за истокот од нашиот континент е решено. Меѓутоа, оставањето на Западен Балкан во чекалната на ЕУ, третирањето на Хрватска, Романија и Бугарија како второкласни членки на ЕУ (сите три земји се далеку и од Шенгенскиот договор и од еврозоната), непринципиелната коалиција на државите од Вишеградската група, како и изразено проамериканската ориентираност на прибалтичките републики (Талин, Рига и Вилниус често делуваат како да се педесет и некоја држава на САД, а не членови на ЕУ), овозможија турбулентниот простор помеѓу трите мориња повторно да стане боиште на кое се одлучува судбината на планетата.

Источната и југоисточната европска сложувалка е составена од серија замрзнати конфликти, соништа за ревизија на границите и историјата, притаени конфликти, отворени ривалства и спротивставени национални интереси и апетити кои, по правило, ги надминуваат категориите на кои им припаѓаат источните и југоисточните европски држави. Сето тоа ги прави лесен и примамлив плен за планетарните играчи, но и последично мошне нестабилен и запалив геополитички театар.

Во играта за доминација над споменатиот простор - кој колоквијално го нарекуваме источна Европа, иако Чесите, Словаците, Унгарците и Хрваттите смртно се навредија заради таквата колокација бидејќи се доживуваат како дел од средна Европа - учествуваат четири центри на моќ: Вашингтон, Берлин, Кина и Русија. Секоја од споменатите сили има барем едно моќно оружје во борбата за превласт. Американците целат на картата на воена безбедност и сигурност, како најдоверлив сојузник во спротивставувањето на историските (не)пријатели и хегемони (Русија и Германија). Германија е клучен и најголем економско-трговски партнер на сите држави во регионот. Русија е апсолутен монополист во снабдувањето со енегренси речиси на сите држави во појасот од Балтикот до Егејското море. Кина е единствената земја која, во моментов, нуди инвестиции и кредити за големи инфраструктурни потфати и стратешки сектори.

Со други зборови, Вашингтон го користи адутот НАТО, асот во ракавот на Берлин е ЕУ, Русија со гасот извезува подеднакво прифатлив производ за локалните моќници на „нелибералната демократија“, а Кина се потпира на својата сѐ посериозна и поамбициозна иницијатива „17+1“ која ги здружува државите од регионот.

Едно од ретките досиеја во кои е очигледна политиката на континуитет помеѓу актуелната американска администрација на Доналд Трамп и претходната на Барак Обама е спроведувањето политики за источна Европа. Обама им даде мандат на своите соработници да разработат планови за оживување на идејата на таткото на модерната полска држава Јозеф Пилсудски, односно за создавање еден вид вертикален ѕид кон Русија кој би го поддржувале сите источноервопски држави. Таа идеја беше засилена и со старата девиза на првиот генерален секретар на НАТО, британскиот генерал Лајонел Исмеј: „to keep the Americans in, Russians out and Germans down“. Секако, таа беше израз на американското гледиште на Европа.

Клучни партнери за реализација на американскиот проект во источна Европа се Полска и Хрватска. Не е нималку случајно што токму Загреб и Варшава беа коорганизатори на иницијативата „Три мориња“, а уште помалку е изненадувачки што на инаугурацијата беше присутен и Доналд Трамп лично. Освен што го затвораат регионот од север до југ, Полска и Хрватска би требало да станат своевидни „хабови“ за енергенси, особено за течниот гас, и еден вид влезна врата за енергетска доминација на САД во Европа.

Полска е природен сојузник на САД. Во сендвич помеѓу Берлин и Москва кои неколкупати во историјата ја избришаа Полска од географските карти, Полјаците не само заради благодарноста кон американскиот претседател Вудро Вилсон кој им ја врати државата по 120 и повеќе години, инстинктивно им веруваат само на Американците. Уште повеќе и затоа што се економски потполно независни од Германија а енергетски, во добра мера, директно или индиректно од Русија.

Условно речено, од влегувањето на САД на европската политичка сцена во Првата светска војна, Вашингтон се концентрираше на Русија и Германија. Бидејќи амбициите на Берлин и Москва за премин во ексклузивниот клуб на големите сили поаѓаа од источна Европа, јасно е што американската администрација, без оглед на станарите во Белата куќа, во континуитет се фокусира на регионот. Без контрола над источниот дел од континентот Германија би била „голема Швајцарија“, додека за Русија тој дел од континентот е политички и геостратешки важен: без влијанието врз него Русија, како што би рекол Норман Стоун, би била Канада, многу снег и уште нешто друго“.

Вашингтон, особено од доаѓањето на Трамп на власт, не ја пропушта можноста да му удира заушки на Берлин зашто е далеку од реализација на преземената обврска да троши два проценти од својот БДП за вооружување и војска. Меѓутоа, ако Германија случајно почне да се вооружува и да покажува милитаристички амбиции, прва би реагирала Белата куќа, многу пожестоко од сега.

За разлика од Кина, Русија и Германија, за кои превласта или индиректната контрола над источна Европа е суштински важна за реализација на националните геополитички амбиции, Вашингтон нема интерес директно да го држи под контрола регионот, на „Вујко Сем“ му е доволно да ги спречи другите натпреварувачи да го стават под контрола тој дел од европскиот континент.

Односите помеѓу САД и Германија, од Втората светска војна до денес, никогаш не биле толку студени и затегнати. Помеѓу Вашингтон и Берлин летаат искри за повеќе врели досиеја: од притаената царинска војна, преку спорот околу изградбата на Северен тек 2, до Хуавеи, односнот кон Кина и Иран, а во источна Европа се директни конкуренти. И покрај тоа што се сојузници, си работат зад грб, а тоа можеше да се види од случајот на Косово последнава година.

Релациите на Германија со Русија поминуваат низ мошне напната фаза. Кризата на истокот од Украина и анексијата на Крим, засега претставуваат непремостлива пречка за нормализација на односите, и покрај изградбата на Северен тек 2 и блиските односи на мошне влијателното економско лоби во Берлин со властите во Москва.

Единствената таканаречена вин-вин политика е „европска Германија“ да биде портпарол на ЕУ во барањето место под небото. Сите германски лидери, со исклучок на Алтернатива за Германија, на зборови се јасно определени за „европска Германија“, додека на дело се големи кочничари на нејзината реализација. Својата европска димензија Берлин не ја покажува во односите со Париз или Рим туку со источноевропските земји, и на тој план, засега, не брилјира.

Силниот продор на Кина дополнително ги измеша картите. Не треба да се заборави дека Европа и Азија се два споени континенти и дека во Евроазија, источна Европа е мек стомак за секој нов освојувач на хоризонтот. За Кина, ако сака да стане планетарен хегемон „conditio sine qua non“ е да стане доминантен партнер и да го стави целиот регион во својата сфера на влијание.

Кина речиси буквално ја употребува максимата на Сун Цу, омилениот мислител на кинескиот доживотен претседател Си Џинпинг, во водењето на својата надворешна политика и достигнувањето на геостратешките цели. На просторот на источна Европа на сила е мислата на Цу дека непријателот треба да се намами во замката заслепувајќи го со бенефитите и предностите на соработката, а потоа да се освои со ширење конфузија.

Воените интервенции на Русија во Грузија и Украина, како одговор на непромилсените потези на челниците во Тбилиси и Киев, ангажманот во Сирија, влијанието во Белград и Бањалука, (не)очекуваните сојузи со Кина и Турција го зголемија кредибилитетот на Москва, во делот на светското јавно мислење, и ѝ влеаа нова самодоверба. За режимот на Путин е од пресудно значење да не дозволи антируски ѕид од Талин до Сплит и Солун, особено во оптиката на решавањето на прашањето за Украина и ширењето на НАТО на исток, вклучувајќи ја и Грузија.

Освен Полска чија „атлантска“ верност е несомнена, во истиот вагон се прибалтичките републики, Романија и Хрватска. Чешка, Словачка и Унгарија, во контраст со мнозинскиот партнер од Вишеградската група, се обидуваат да водат политика која недоволно потсетува на фамозната приказна за „четирите надворешно-политички столба“. Ни Прага, ни Братислава, а ни Будимпешта не го доведуваат во прашање членството во НАТО, но во однос на Берлин, Русија и Кина имаат значително пофлексибилен став од Варшава.

Чешкиот претседател Милош Земан, заради неговите филокинески ставови, го нарекуваат Џијанг Земан, додека кон Русија негува слични симпатии како унгарскиот премиер Виктор Орбан. Словаците, барем така покажа последното истражување, себеси се сметаат за мост помеѓу западот и истокот, и се доживуваат како евроазиска нација. Сепак, Словачка, од сите држави од Вишеградската група, има најголема наклонетост да ја следи Германија, што се виде преку случајот со Украина. Унгарија заедно со Полска најмногу профитираше од членството на ЕУ и економското поврзување со Германија, но тоа на Орбан не му пречеше од државата која заедно со Чешка (тогаш Чехословачка) најмногу страдаше зад Железната завеса (загушените антисоветски револуции во 1956 година во Будимпешта и 1968 во Прага) да стане симпатизер на Москва и Владимир Путин. Орбан нема ни страв од кинеската хегемонија, сѐ додека од Кина доаѓаат пари а не мигранти.

Се поделија и поранешните југословенски републики. Словенија ја зазема страната на Германија: тоа се виде и преку повикувањето на Германија на јунскиот самит на иницијативата „Три мориња“, а тоа воопшто не му се допадна на Стејт департментот, за што сведочи и реакцијата на американскиот државен секретар Помпео. Исто така, за американскиот вкус, Љубљана има премногу амбивалентен однос со Москва. Хрватска се наметна како играч со најголема американска доверба во регионот, без оглед на неколкуте стратешки кинески инвестиции.

Србија има мошне слична позиција со Чешка, Словачка и Унгарија. Без Германија, нејзината економија би доживеала крах, без кинеските и европските инвестиции не би имало инфраструктурни проекти, без руската бучна и кинеската тивка асистенција не би била одржлива политиката кон Косово.

Парадоксално, најголемата непознаница во следниот период за иднината на источна Европа ќе биде Германија. Си Џинпинг и Владимир Путин ќе владејат уште долго, американската политика, барем кога е во прашање европскиот исток не се менува, дури ни со Трамп во втор мандат. Останува непознато дали залезот на политичката кариера на Ангела Меркел ќе биде гасењето на сонот за „европска Германија“ или тоа ќе биде знак за нејзино оживување, по можност „зелено“, знаете на што мислам. Во секој случај, останува фактот дека кој и да доминира во триаголникот на Балтикот, Јадранот и Црното море, ќе владее со светот: сам или со мала асистенција од „јуниор“ партнерите.

Карикатури: Ingram Pinn

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото