1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Прво прашање кое се поставува во врска со писмото на група културни работници до премиерот Заев е: Зошто? Зошто седнале да напишат писмо до премиерот со барање кое нема врска со неговата надлежност?
Одговорот на ова прво прашање е многу едноставен. Затоа што искуството покажува дека именувањето директори во Република Северна Македонија со многу мали исклучоци (јас дури во моментов и не можам да се сетам на таков исклучок, ете) е дел од партиската игра наречена: така кажа премиерот. Тоа е игра со правила кои не секој ги знае, а кои отприлика одат вака: ако си роднина, пријател, комшија или близок соработник на премиерот одиш кај премиерот, и, му ја кажуваш својата желба. Ако не си роднина, пријател, комшија или близок соработник на премиерот, тогаш те препорачува некој роднина, пријател, комшија или близок соработник на премиерот. Со таа препорака, одиш кај премиерот и му ја кажуваш својата желба.
Премиерот ветува и вообичаено го исполнува ветувањето. Нема кај него лажги и измотавања. Кога ќе вети – ветено е.
Во конкретниот случај, група културни работници добиле информација дека е дадено вакво ветување.
И се спротивставија. Се спротивставија на даденото ветување и на изигрувањето на процедурите и критериумите и на долгогодишната пракса на потполно игнорирање на стручноста и знаењето во најголем број од именувањата на високи функционери во власта.
Второ прашање кое се поставува е што навистина пишува во писмото?
Она што јас можам да го прочитам во писмото е:
– Објаснување зошто се обраќаат до Заев, а не до оној кој формално го прави изборот и именувањето.
– Објаснување што претставува МКЦ за културата во Северна Македонија и како функционира под актуелното раководство.
– Објаснување зошто го преферираат за директор актуелниот директор, наместо човекот кој добил ветување.
Во писмото нема говор на омраза, нема дискриминирачки јазик, нема навреди врз етничка или некоја друга основа, нема вулгарности, нема етикети.
Писмото е став (многу личен и многу субјективен), поткрепен со аргументи (за кои може да се расправа) и јасно искажана загриженост дека во културата ќе продолжи политичкото самоволие карактеристично за претходниот режим.
Третото прашање кое се поставува е што ни кажаа одговорите на ова писмо.
– Први се јавија властодршците и бранителите на власта (од кои многумина јавно кажаа дека не го прочитале писмото). Тие не одговорија на загриженоста на потпишаните дека станува збор за однапред решена работа. Ни соопштија дека треба да ги оставиме да си работат институциите и, дека се е според закон. Ги слушнавме двете најчесто повторувани фрази на груевизмот со што само се зацврстија сомнежите дека станува збор за ветување кое само треба да се исполни.
– Потоа се јавија тие кои од најразлични причини во писмото го прочитале она што го нема. Тие во писмото виделе: примитивизам, напад, етничка нетрпеливост, дискредитација, малициозност, хајка… Јас тоа не го видов. Меѓутоа во нивните писанија видов: директни навреди, внесување на комунизмот и комуњарите како лајт мотив на груевизмот, видов отворено лажење, етикетирање, омаловажување, закани.
– Најмалубројни беа тие кои сакаат да се отвори расправа за темата. Тие се обидуваат да го изнесат својот став, да понудат аргументи и да го искористат случајот за поставување на прашања кои имаат пошироко значење.
Што е проблемот според мене?
Тоа што се замолчува јавноста.
Тоа што се оневозможува контролата на власта.
Тоа што груевизмот продолжува да живее.
Тоа што се дава етнички призвук на сѐ и сешто.
Тоа што се превенира воспоставувањето систем на правила, процедури и критериуми и се стимулира партиското самоволие.
Тоа што не се наградува резултатот, туку лојалноста кон партијата.
На крај, сакам да кажам два-три збора за елитите. Само во еден извртен систем на вредности можеше да се развие стравот од интелектуалните елити. Интелектуалните елити се стручњаците и уметниците и професорите и докторите и научниците и… Секоја заедница треба да посакува интелектуални елити зашто токму тие се еден од значајните фактори на напредокот, оној прв лакмус кога нешто не е во ред со развојот и заштитата од било кој облик на диктатура и самовластие.
Гифови: HUDSON CHRISTIE
Извор: Цивил Медиа