Се победува ли недовербата со недоверба?

24.06.2019 10:08
Се победува ли недовербата со недоверба?

Или неправдата со неправда? Се развива ли демократија, без демократија? Се разбира дека НЕ. Дури и да се сложиме дека живееме во услови на поделеност, партизација, неукост, коруптивност, и дека хаосот, во кој владеат некомпетентноста, негрижата и деструктивноста треба да се менува, прашањето на начинот сепак и натаму останува. Со други зборови, за што точно се залага и бори, и на што може да се надева една петиција, во случајов за одбрана на МКЦ, во вакви услови?

Се залага ли за поголемо учество и автономија, за правила и процедури, за квалитетот како мерка на изборот, за заштита на досега постигнатото, за почитување на правото? Ако е било што од тоа, од каде тогаш писмо до премиерот, по распишан конкурс и незавршена процедура? Дали, за секој случај, како предупредување, или како навремена корекција на грешката, пред таа да се случи? И што беше тоа? Писмо на намери, на добра волја, на добронамерен совет, или закана? Од таму ли е љубезно-условувачкиот тон со двојни пораки во „немигочепкајте МКЦ“, како потпис? Добри сме, додека не станеме лоши – тоа ли беше пораката? Премногу нејасни и контрадикторни пораки на едно место.

Ве потсетува ли тоа на нешто?

Кога луѓето решаваат да ги преземат работите во свои раце, заради недовербата и стравот од лошите одлуки (на системот), би морале и да знаат дека позицијата од која настапуваат, истрчувајќи се пред процедурата да заврши, не е позиција на успешност, гледано долгорочно. Одлуката за постапување која се заснова исклучиво на лошите лични искуства и стравот тие да не се повторат, уште на стартот нè става во одбрамбена, немоќно-инфериорна позиција на губење контрола, со речиси никаков капацитет за добри решенија. Како последица можат да следат краткорочни, површни, божем извојувани битки, без вистинскиот исчекор кон нови вредности и суштински компетентно учество во одлучувањето за доброто на заедницата.

Лошо срочената (со двојни пораки), силен сентимент и погрешен тајминг (предвремена) побуна, во обидот работите да се корегирааат пред да се згрешат, бргу ја доведе во прашање целта на борбата, преземајќи ги истите средства на непринципиелност, нееднаквост, нетолеранција и протежирање, против кои и самата се залага. Новосоздадените фронтови ЗА и ПРОТИВ, на јалово празнење на анксиозноста, со сега веќе разводнетата цел и искривените поенти кои бараат нови и нови појаснувања, испратени на промашени адреси, и повреди на сите страни, се главниот исход, како горчлив вкус, на одлуката за спротивставување. Наместо целата енергија и будност да беа насочени кон создавањето услови кандидатите самите да си ги одмерат силите, со јасни критериуми, отворено и транспарентно, под строгото око на професионалната јавност. Макар и сè да било како во најлошото замислено сценарио, и на двата кандидати им е одземена можноста за рамноправна компетиција. Но, за таков исчекор од образецот за побуна, треба умешност, (само)доверба, почитување на процедурите, а треба и (само)критичност, наместо отворање фронтови со рововски позиции.

Од целото ова искуство можеме сепак и нешто да научиме. Можеме да научиме дека дури и најдобро осмислените петиции, со силни и недвосмислени пораки, можат да бидат само опомена и толку. Тие не се и средството /патот/ до трајни и квалитетни решенија, зашто и евентуалните извојувани победи се со краток здив, површни, лажни и наивни. Затоа што сè друго, на што се потпираат резоните и од што се хранат, останува исто. Можеме да научиме и дека возвриените страсти, што така успешно ни се продаваат како „мотори“ на правдата, реално никогаш не успеале да создадат нешто трајно. Сите сме го искусиле тоа. Во отсуство на добри проценки, засновани на кредибилни сознанија, компетенции, ладни глави и (само)критичност, и во недостиг на демократски алатки и механизми за ограничување на апсолутните моќи, на сите нивоа, кои допрва ќе мора да ги градиме, немаме никакви шанси да го „спасиме“ МКЦ, независно кој е неговиот директор. Тоа барем можеме да го научиме, и да ги збиеме редовите, наместо што се цепкаме и (само)повредуваме, за поекономично да ги водиме битките кон поправедно општество, по мерка на човекот. Зашто борбата е долга, а ресурсите ограничени.

Слики: Ana Yael

ОкоБоли главаВицФото