Што е тоа „одмаздничко порно“ и какви последици носи со себе

24.06.2019 23:17
И кога постои голема концентрација на погледи врз еден објект, не го гледате очевидното и големото! Во една метафорична смисла ниту „слонот“ не бил доволно голем и после толку непријатни искуства.

„Одмаздничкото порно“ ги прави жртвите ранливи во јавниот дискурс и ги изложува на потенцијална опасност. Можноста за споделување вакви содржини честопати се користи како средство за уцена на индивидуи да се впуштат во одредени сексуални чинови или да продолжат со одредена врска.

Многу славни личности биле жртви на „одмаздничко порно“ објавено од нивните поранешни партнери (Миша Бартон, Ријана, Ким Кардашијан Вест, Јелена Карлеуша и други). Во нашата земја и нашиот регион, освен објавувањето експлицитни сексуални материјали од славни личности, се случува и да се објават фотографии и/или видеа од лица кои воопшто не се славни. Последен таков случај е со објавување на твитер фотографии од жена од Штип, за која во истиот твит беа откриени и нејзиниот идентитет и професија.

„Одмаздничко порно“ е вид сексуална злоупотреба која речиси секогаш е пропратена и со емоционална злоупотреба, демнење и уцени. Многу почесто жртвите се жени. ‪Најчесто има разурнувачки последици за животите на жртвите, кои, за жал, тешко закрепнуваат од нанесената штета.

Сексуален криминал

Културата, која ги учи момчињата и мажите дека ваквото пакосно однесување е прифатливо, се заснова врз премисата дека женските тела се артикли наменети за воајерско задоволство. ‪Тоа сквернавење на приватноста ја релоцира вината на погрешно место – кај жената, а не кај престапникот кој ја злоупотребил довербата, уценувал, се одмаздувал и си зел за право вонинституционално да пресудува. ‪Но, и покрај намерите за дефокус од злоделата на престапникот, и покрај разбеснетото труење на јавниот дискурс со начелата на патријархатот, факт е дека не е одговорност на индивидуата самостојно да се штити од каква било сексуална злоупотреба и напад.

Ваквите случувања не се скандал, туку сексуален криминал, злодело. Објавување експлицитни содржини од лица без нивна согласност е сериозна повреда на приватноста и на слободната сопственост врз своето тело. Затоа, треба да постои законска рамка за казнување на вакви нарушувања.

Законски регулативи против „одмаздничко порно“ постојат во Израел, Германија, Обединетото Кралство, Канада, во 40 од 50 сојузни држави во САД, вклучително и во главниот град Вашингтон и Армијата на САД, во Австралија и други земји.

Културолошка промена

Во Северна Македонија не постои строга законска рамка, заради што, впрочем, сѐ уште нема точни статистички податоци за тоа колку, всушност, е распространета оваа појава. Но, жртвите можат да се повикаат на член 152 од Кривичниот законик. Според овој член, тој што неовластено ќе направи фотогорафски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Да, мизогинијата е всадена во нашето секојдневие до тој степен што е практично институционализирана. ‪Но, мора да се преземат конкретни чекори за законско санкционирање на вакви криминали, чии жртви речиси секогаш се жени.

Законите нема да гарантираат широкоопфатна културолошка промена. Но, криминализирањето на „одмаздничкото порно“ и гарантирањето на негова казнивост може да обезбедат значително поголема заштита за жените во иднина.

Слики: Lise Hanawalt

Извор: http://crithink.mk

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото