Дом на млади „25 Мај“

24.06.2019 23:25
Дом на млади, „25 Мај“

 

 Дом на млади Дваеспети мај. Прв пат таму влегов во 1990 година, на аудиција на Црв. Лабаво ме одбија, ама се појави некоја друга аматерска театарска група, составена главно од избаците на Црв и успеавме да ја поставиме Ужалена фамилија од Нушиќ за аматерските театарски смотри. Тогаш слушнав за Методот на Станиславски.

Таму им бев на концерт на ЕКВ.

Таму видов дека Скопје има многу супкултури и дека сите имаат што да кажат. Рокери, панкери, металци, даркери, хардкорци, рапери... техно.

Во тоа време од 25 Мај, стана МКЦ. Го смени името ама остана платформа за отпор кон кичот и галопирачкиот турбо фолк и прибежиште за сите оние кои го доведуваат под знак прашалник симболичкиот поредок на нештата кој го наметнува доминантната култура. Место каде што како низ клучалка ѕиркавме што е ново во светот.

МКЦ создава уметници, создава автори, создава автентична локална културна сцена. Слободно можам да кажам дека е најагилната и најплодна културна институција под ингеренција на Град Скопје. Тоа го прави МКЦ многу важен, ако не и пресуден во креирањето на културните политики на Градот, а сегашната градска администрација го препознава тоа и го поддржува.

Токму заради тоа, изборот на директор на МКЦ се одвива преку јавен конкурс. Конкурсот е алатка која по својата природа треба да овозможи натпревар на стручност, визија и секако, програми за идното работење на институцијата. Но, наместо да добиеме „поле за културен натпревар“ меѓу кандидатите, се создаде поларизација на јавноста околу имињата и „подобноста“ на кандидатите да ја вршат службата на управување со МКЦ. Се случи драстично урнисување на нивото на дебатата, меѓусебно мавање ниски удари и атмосфера на конфронтација и непомирливост меѓу (сега веќе јасно издифиренцираните) две страни кои се чини дека нема да можат да го прифатат кој било резултат освен некаква си замислена победа на нивниот табор и ќе нанесат огромни штети на репутацијата на институцијата и на оној дел од културната сцена која по својата природа гравитира околу МКЦ.

Лично мислам дека Градот Скопје не смее да дозволи ова да се случи. Во ваква ескалирачка состојба, се наметнуваат две решенија:

- Првото е, наместо да ги слушаме двата табори како се препукуваат, да се овозможи да ги слушнеме кандидатите. Да видиме кои се нивните програми, каква е нивната визија за понатамошната работа на МКЦ, како планираат да ги ангажираат младите творци и младинските организации и ансамбли во градот (па и од целата Република) и кои се вредностите кои ќе ги застапуваат во нивната работа. Ова претставување на кандидатите може да се овозможи на многу начини и да биде модерирано од стручни организации, или, веројатно најдобро – од Градот Скопје како најнадлежен креатор на политиките на ова ниво. Па, кој има поиздржани аргументи нека раководи.
- Второто решение е да се поништи конкурсот и да се објави нов. Ова и не е решение, туку само одложување на решението и остава простор за продолжено шпекулирање, продолжено подметнување и деградација на интегритетот на кандидатите.

Со Дваеспети мај / МКЦ имам однос речиси триесет години. Дел од тоа како сум изграден како човек е заслуга на работењето на таа институција. Верувам дека на плеќи носам дел од одговорноста што ќе се случува со него во наредните неколку години и не смеам да останам само набљудувач на процесите, особено ако сметам дека се штетни и за МКЦ и за градот и за Бени и Русе. Од последниве двајца очекувам да се издигнат над ситуацијата и да го вратат достоинството на процесот во кој се влезени. Двајцата се скопски ликови кои оставиле трага во градот (секој на свој начин) и мора да покажат дека над сѐ ги имаат младите, нивниот културен развој и #ГрадотУбав чиј неизоставен дел е МКЦ.

 

Слики: Helena Perez Garcia