За македонските преводи на „Макбет“

25.06.2019 11:12
За македонските преводи на „Макбет“

 

 Макбет, како и останатите Шекспирови драми, е непроценлива кога станува збор Шекспировата употреба на јазикот и јазичните иновации. Се чини дека според Шекспир англискиот јазик немал доволно зборови за да ја долови психолошката состојба на протагонистот, збрканиот неспокој и ‘жаргонот’ на вештерките. Секако, англискиот јазик од 17-тиот век (кога е напишана драмата) се разликува од англискиот јазик што го зборуваме денес. Но, згора на тоа, јазикот на Макбет е густ, сплотен со извонредни сликовити изложувања, пишуван во период кога Шекспир повеќе се фокусирал да ја искаже човечката состојба на умот преку зборови и фрази кои искажуваат такви мисли кои се речиси неописливи. Ова е, можеби, само дел од причината зошто нашите преведувачи тука како да избегнуваат да пристапат кон преведување на Макбет (меѓу останатите драми), хиперболизирајќи го неговиот талент. Можеби и затоа ова извонредно дело е преведено само два пати на македонски јазик; првиот превод е од Богомил Ѓузел во 1971, додека вториот од Драги Михајловски во 2013.

Она што сите најмногу ги боде в очи е самиот наслов: Макбет. Зошто стои безвучното к наместо звучното г до звучното б кога според правилата на едначење по звучност во македонскиот јазик звучните и безвучните согласки се едначат по звучност кога ќе се најдат во непосреден допир? Зошто не е Магбет? Навидум изгледа дека и двајцата преведувачи само како да го транскрибирале името од aнглиски јазик. Имено, презимето Макбет му припаѓало на вистински клан кој постоел во Шкотска во средниот век. Покрај тоа, она што е препознатливо за имињата на шкотските кланови е што речиси сите започнувале со првиот составен дел Mac, оттаму MacBeth. Овие составни делови кај нас се преведуваат како Мак, оттаму Макбет.

Но дел од најважните работи кај Шекспир се неговите генијални јазични иновации, кои нашите преведувачи пробале соодветно да ги решат, но не може да не се забележи големиот контраст кај обајцата; Ѓузел, од една крајност истите зборови и фрази ги превел чисто интерпретативно, додека Михајловски, од друга крајност, храбро се нафатил самиот да изнајде свои кованки коишто би му биле рамни на Шекспировиот јазик. Но колку далеку може да се оди со кованките и интерпретациите? Таков е преводот на unsex me, во убедливо најпознатиот говор на лејди Макбет, каде таа, разочарана од својот сопруг и гневна поради нејзиниот женски пол, ги повикува натприродните сили да ѝ го одземат полот, да биде од глава до петици исполнета со најдрзливата свирепост.

(Come you spirits) That tend on mortal thoughts, unsex me here; (Чин први, слика III)
Михајловски: што мислите ги вртите на убиство, машкосајте ме;
Ѓузел: Смртоносни мисли, лишете ме
од женственост
, и исполнете ме;

Но, самиот збор unsex, не значи дека сака да ја ‘машкосаат’ и никаде, всушност, не упатува на тоа во говорот, со оглед на тоа што сака да ѝ го заменат млекото за жолчка, да ѝ ја згуснат крвта за какви било визити на човечноста да не ѝ ја здрмаат злата намера. Ниту пак лишете ме од женственост е соодветен превод, каде Ѓузел, иако итро се снашол со јамбскиот десетерец, го жртвувал зборот со предолга интерпретација, но значењето е поблиску до оригиналот, за разлика од преводот на Михајловски.

Во други случаи, пак, мајсторлакот на Михајловски е очигледен. Така, кај фразата:

the be-all and end-all;
Михајловски: сесодржан и секонечен;
Ѓузел: сѐ да биде и да заврши.

Ова е кованица навидум едноставна бидејќи е составена од едносложни зборови. Оттаму, Михајловски измислил своја кованица составена на истиот принцип, додека Ѓузел повторно се држи до интерпретациите. Ист е и случајот со добро позната песна на вештерките:

Double, double, toil and trouble
Fire, burn; and cauldron, bubble. (Чин четврти, слика I)
Михајловски: Двојни маки, матни жабри,
Гори огну, казану бабри, бабри!

Ѓузел: Двојно двои маки, не спиј:
Огну гори, а ти, котле, вриј.

Повторно, може да се воочи умешноста на Михајловски; успеал да ја задржи римата и метарот, додека Ѓузел, не обрнал внимание на метарот. Кога станува збор за метарот во Макбет, тој е многу неправилен. Ова се должи на изменување на текстот од страна на анонимни личности, но најмногу се должи на фактот дека во периодот кога Шекспир го напишал Макбет, се здобил со таква вештина со владеење на јазикот што честопати ги игнорирал правилата. На пример, знаеме дека Шекспир најчесто пишувал во јамбски десетерец кој според правилата завршува со нагласен слог. Но Шекспир често додавал единаесетти ненагласен слог на крајот од стихот, познат како женски крај на стих.

My thought whose murder is yet but fantastical (Чин први, слика III)
Михајловски: Мојата мисла, која само замислено уби;
Ѓузел: Помислата за убиство, дур и сал;

Tomorrow and tomorrow and tomorrow (Чин петти, слика V)
Михајловски: Утре, па задутре, па позадутре;
Ѓузел: А тоа утре, утре и утре;

A dagger of the mind, a false creation (Чин втори, слика I)
Михајловски: нож на вообразбата, божемска творба;
Ѓузел: Ил сал си нож на духот, лажна творба;

Очигледно е дека и двајцата преведувачи варираат во одржувањето на женскиот крај на стихот; некаде Михајловски го задржал женскиот крај а Ѓузел не, и обратно. Сигурно имаат добра причина зошто не го одржале тоа во одредени стихови, но самиот факт дека, сепак, и двајцата успеале, дали едниот или другиот да преведат со женски крај, значи дека е возможно да се преведе. Згора на тоа, Шекспир не пишувал вака без никаква причина. Тој целел кон ова „залутување“ од јамбскиот пентаметар кога ликот, во овој случај Макбет, е во внатрешен конфликт или искажува некаква слабост.

Покрај овие, да кажеме, контрастни нијанси на разлика во нивниот стил на преведување, нивните преводи одат рамо до рамо. Интересен е фактот дека кај таа употреба на јазикот кај Шекспир, и двајцата многу прецизно, речиси совршено ја превеле таа употреба, освен на горенаведените исклучоци. На пример, говорот на Макбет познат како Two truths are told, каде тој се дума околу моралните импликации на предвидувањата на вештерките, згрозен од помислата за убиството на Данкан, на крај завршува со фраза исто така навидум едноставна: Nothing is but what is not. Ова во буквален превод би било: Ништо не постои (за мене) освен тоа што нема постоење. Но, дали би бил Шекспир тоа што е ако не го остави читателот запрепастен на крај. Двајцата наши преведувачи, умешно се снашле со оваа фраза:

Ѓузел: и ништо не постои освен она што не е;
Михајловски: па ништо нема освен она што не постои.

И двата превода прецизно го пренесуваат значењето, но не смее да се занемари фактот дека и двајцата ги користат речиси истите зборови, но со друг редослед, и повторно точно го пренесуваат значењето. Истото е и кај:

Out damned spot! Out, I say!
Ѓузел: Мавни ми се, дамко проклета! Мавни се ти велам!
Михајловски: Да те нема, проклета флеко! Да те нема кога ти велам!

Она што е најфасцинантно кај двата преводи пак, е кога двајцата преведувачи понекогаш како да си ги менуваат местата. Така Михајловски некогаш, како за чудо, преведува со зборови кои не соодветствуваат на регистарот, додека Ѓузел дал соодветен превод. Таква е добро познатата оксиморонска фраза:

Fair is foul and foul is fair.
Ѓузел ја превел генијално: Красното е гнасно, и гнасното е красно
Михајловски, пак: Убавото е грдо, а грдото убавина права!

Истото може да се каже и за преводот на зборот ill, кој во делото се повторува многупати и наумува на нешто што е зло, со зла намера и слично. Михајловски упорно го преведува со лош, лошо, а Ѓузел со зла, зло.

Двата превода на ова генијално Шекспирово дело се несомнено голема лекција и потпора за понатамошните преведувачи на Шекспир. Увидовме дека Михајловски успеал да ја задржи богатата поетика на јазикот, некогаш и бегајќи од смислата, додека Ѓузел се фокусирал да го пренесе суштинското во драмата. Секако, и двата превода се резултат на двајца извонредни преведувачи. Мора да се земе предвид дека и двата превода настанале кога шекспирологијата не била толку развиена во оваа држава, а потребата за преведување на сите драми, вклучувајќи ја и оваа, била од најразлични причини. Затоа оваа драма, а и другите на Шекспир, заслужуваат да се преведуваат константно за да се усоврши преводот а не да им се поклонуваме на Ѓузел и Михајловски на храброста да ги преведат и мирно да спиеме мислејќи дека задачата е завршена. Не смееме да ја занемариме неопходноста да го адаптираме Шекспировиот јазик во современиот македонски јазик и општество.


Фотографии од филмот Macbeth (2015)