1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Насловот на текстот што го рецензираме алудира на тоа дека новинарка на една од телевизиите му поставила несоодветно прашање на пратеникот Влатко Ѓорчев. Притоа, забележлива е интенцијата да се дискредитира и омаловажи новинарката, а да се воздигне Ѓорчев.
Работата на новинарите е да поставуваат прашања во интерес на граѓаните и на вистината, а должноста на политичарите е да даваат точни и прецизни одговори. Тоа во овој текст не е случај, бидејќи го величи Ѓорчев, кој го одбегнува одговорот на поставеното прашање и наместо за Груевски, тој ја извртува тезата и зборува за премиерот Зоран Заев.
Линк до оригиналниот напис: (ВИДЕО) Новинарката на 24 вести провоцираше – Ѓорчев ја спушти на земја!
Датум на објавување: 16 јуни 2019
Датум на рецензија: 18 јуни 2019
Рецензент: Силвана Жежова
Новинарка на ТВ „24” го праша Влатко Ѓорчев до кога Никола Груевски ќе биде почесен претседател на партијата и му посочи дека СДСМ ги обвинува дека Груевски сè уште раководел со партијата од Будимпешта.
Зошто прашањето на новинарката е легитимно?
Прашањето за почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не беше извадено од контекст на некој непригоден настан за тоа прашање, туку на одбележувањето на 29. роденден на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска филхармонија. Вообичаено, во таквите пригоди се спомнуваат и поранешните луѓе и претседатели, кои одбележале одредено време од постоењето на партијата. Оттука нема никаква провокација во однос на прашањето на новинарката за поранешниот лидер и премиер, особено што Груевски е почесен претседател на партијата и има некаква симболична функција.
Сосема легитимно е да се праша дали титулата почесен претседател може да се поврзе со Никола Груевски како осудено лице, азилант за кого една држава бара екстрадиција и пратеник кој шест месеци не се појавил на работно место, па непосредно пред да му се одземе мандатот си дал оставка на пратеничката функција.
За Груевски има пресуда од две години затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО за купувањето на луксузниот мерцедес, а против него се водат и други судски случаи.
Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека државата ќе бара екстрадиција на Никола Груевски за настаните од 27 април, бидејќи е осомничен оти е еден од организаторите на насилниот упад во Собранието, кога се случи „крвавиот четврток“ (27.4.2017), настан што остави црна дамка во поновата македонска историја. Обвинетите во овој случај добија вкупно 211 години затворска казна.
Споредбата помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев во одговорот на Влатко Ѓорчев („Заев е човек што е аболициран за криминал така? Во случајот Глобал во Струмица за 9 милиони евра, Зоран Заев е човек што бараше поткуп пред цела Македонија“), е несоодветна, бидејќи има разлика помеѓу осуден и аболициран човек.
Исто така, зградите кои ВМРО-ДПМНЕ ги градело во нивно време, а на кои се повикува Ѓорчев во одговорот („Ако погледнете околу нас овде, овдека околу нас сè што е направено во последните 40 години е направено од Владите на ВМРО-ДПМНЕ, Македонска филхармонија, Македонска опера и балет, направена исто од ВМРО-ДПМНЕ, позади уште една зграда, овде Јавното обвинителство, Министерството за надворешни работи и петта зграда. Секоја клупа што ја гледате е направена од владите на ВМРО-ДПМНЕ, секоја плочка, секоја канделабра, секоја светилка“) не се градени со пари од партијата, туку со пари на граѓаните. Тие се дел од проектот „Скопје 2014“ за кој постојат предмети што се во рацете на СЈО и за кои има индиции за постоење на криминал.
Имајќи ги предвид сите овие факти што се однесуваат на поранешен претседател на партија, а сега почесен, нема ништо спорно во поставеното прашање, туку во одговорот кој, наводно, „треска“ од земја. Наместо да се одговори конкретно, се избегнува прашањето и се манипулира јавноста, која има право да знае дали ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија сè уште стои зад нејзиниот поранешен лидер, кој е осудено лице и за кого државата бара екстрадиција и за настаните од 27 април.
Извор: http://crithink.mk