Зошто да се гради автопат, а не експресен пат меѓу Прилеп и Битола?

28.06.2019 00:29
Зошто да се гради автопат, а не експресен пат меѓу Прилеп и Битола?

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов минатата недела најавија дека државата годинава ќе го отпочне проектирањето на идниот автопат Прилеп – Битола. Во Годишната програма за работа на ЈП за државни патишта за 2019 година е вметнато задолжението за изработка на проектна документација за автопат Прилеп – Битола, но тендерот за пронаоѓање проектант што ќе го работи ваквото задолжение сè уште не е објавен.

По ваквите најави на државното раководство, се поставува прашањето зошто треба да се гради автопат меѓу Прилеп и Битола, а не експресен пат, како што досега беше најавувано од властите. Според податоците на ЈП „Македонија пат“, просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) на постојниот пат Прилеп – Битола во 2017 година изнесувал 4.884 возила. Колку за споредба, фреквенцијата на возила на патот Росоман – Дреново – Прилеп е 4.677 возила дневно, а токму на оваа релација во моментов се инвестира во проектот Градско – Прилеп, но не во автопат туку во експресен пат.

Цената за изградба на километар автопат е многу повисока од таа за километар експресен пат и од таа причина зголемувањето на финансиската конструкција на проектот треба да се оправда.

Професорката Верица Данчевска од Техничкиот факултет од Битола нагласува дека на Министерството за транспорт и врски му недостигаат стратешки документи засновани на принципите и целите на сообраќајната политика.

– Просечниот годишен дневен сообраќај – ПГДС е еден важен индикатор кој треба секако да се земе предвид при донесувањето на одлуките каде да се инвестира во патната мрежа, иако морам да признаам дека најчесто одлуките се политички согласно политиката на „моќ“, а не според принципите и целите на сообраќајната политика – потенцира професорката Данчевска.

Патот Прилеп – Битола се наоѓа на кракот Д од паневропскиот Коридор 10, кој завршува во грчкото пристаниште Игуменица. Средувањето на патната инфраструктура на овој крак започна со изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, чии две од трите планирани фази веќе се градат. Актуелната влада годинава го отпочна проектирањето и на експресниот пат од Битола до македонско – грчката граница кај Меџитлија. Последна делница за која не е изготвен проект за градба е делот меѓу Прилеп и Битола.

Слики: Guy Billout

Извор: https://meta.mk