Државата е како структура составена од лепенки

28.06.2019 00:36
Државата е како структура составена од лепенки

Накратко ќе укажам какви би морале да бидат и какви се нужно координатите на левите политики. Нема да предлагам рецепти, туку ќе укажам на координатите во чии рамки се движи левата политика според некоја историска нужност, под материјалниот притисок на минатото.

Европските установи, односно ЕУ и економско-монетарната унија, со други зборови, установите од еврозоната, Европската банка - сето тоа се кафези во кои има мал простор за левата политика. Со други зборови, не е можно да се направат некои поголеми исчекори без влегување во конфликт со сегашната структура на европските интеграции. Ќе покажам дека не е можно да се направат ниту мали чекори, а порано или подоцна, главно порано, да не дојдеме во конфликт со организациската структура на европските интеграции.

Да го земеме примерот на Словенија - неодамна на партијата Левица во парламентот ѝ успеа да ја зголеми минималната плата. Капиталот, додека тоа беше само предлог, започна голема пропагандна кампања, која медиумите верно ја следеа и пренесуваа, заканувајќи се со селење на производствените погони и прекинување на новите инвестирања, зашто зголемувањето на минималната плата е нешто катастрофално за капиталот. Значи, кренаа паника за нешто што не ја загрозува логиката на капиталистичкиот систем - синдикалната борба за зголемување на егзистенцијалниот минимум е најлегитимната борба на работништвото против сиромаштијата и пауперизацијата.

Сега, да замислиме што би се случило кога капиталот, според најавите, есеноска би почнал да ги остварува своите закани. Како би се бранела левата влада од неговите маневри? Како да се одбрани од преселувањето одредени производствени погони во странство? Со менување на сопственоста во општествена за да би можеле да дејствуваат релативно независно на подрачјето на Словенија. Што значи тоа? Тоа не е исто со државната сопственост. Во некогашниот социјалистички жаргон општествената сопственост значеше давање на власта над претпријатијата на работниците. Како да се спречи бегството на капиталот? Со општествен надзор над финансиските установи, особено банките, фондовите и штедилниците. Како да му се спротивставиме на бојкотот на инвестициите на меѓународниот капитал? Се зборува дека тој веќе нема да сака да инвестира тука зашто условите за капиталот се ужасни. Може да се пружи отпор така што државата ќе настапи како инвеститор. Сите овие одбранбени мерки водат кон непосреден конфликт со установите за европски интеграции. Скромната мерка за зголемување на егзистенцијалниот минимум води кон ескалација, која бара одбранбени мерки, а самите тие го загрозуваат капиталистичкиот систем.

Што следува од хипотетичката скица која штотуку ја претставив? Прво, за левата политика не важат разграничувањата кои се карактеристични за капиталистичката класна политика и за капиталистичкиот систем. А тоа се границите помеѓу внатрешната и надворешната политика на државите и разграничување помеѓу економската и политичката сфера. Според неолибералната догма (иако не и според сите капиталистички идеологии), економијата е недопирлива, пазарот мора да дејствува слободно, а конкуренцијата мора да биде здрава. Но тоа е мит, кој првпат беше раскринкан 1867 година, кога беше објавен првиот том на Капиталот, но и во третиот том, во деведесеттите години од 19 век, а подоцна и во книгата на Карл Полањи, Големата трансформација, објавена 1944 година.

Левата политика доведува до конфликт со апаратите на она што Маркс го нарекува целокупен капитал (Gesamtkapital). Денес тоа е целокупниот глобален капитал. Ние со своите леви политики доаѓаме во конфликт со апаратите на одредени фракции на тој капитал, како што се Европската комисија, Европската централна банка, европската монетарна унија, Светската банка, Светската трговска организација итн. Станува збор за хетерогени институции, што треба да се респектира, но тоа не е од помош, зашто сите се на страната на капиталот. Затоа во тој конфликт е можно да се впуштиме само со помош на интернационалистичка политика, која ќе ја поврзе политиката на левата влада со општествените движења и можните напредни влади на други места во светот, а особено во Европа. Секако, порано или подоцна ќе биде потребна интернационална координација на масовните народни движења.

Другото разграничување можеби е и најинтересно, зашто не е лесно да се оствари, но е неизбежно. Се работи за разликување помеѓу економијата и политиката. Ако банките и одредени претпријатија се трансформираат во општествена сопственост, либералите ќе речат дека државата е слаб сопственик и управувач. Интересно е што истите тие луѓе, кои зборуваат дека нема друга демократија освен буржоаската, воедно тврдат и дека државата не е добар капиталист. Меѓутоа, левата политика не ги трансформира банките и претпријатијата во државна сопственост, туку во општествена, што значи дека во претпријатијата власта ја преземаат работничките совети. Тие воедно стануваат економска управа и политичка власт - власт на работничката класа која го произведува и создава богатството, употребната вредност, а потенцијално и разменската вредност. А тоа значи дека уште сега, пред левицата да ја преземе владата, треба да се создаваат институционални никулци кои ќе доведат до преземање на конкретната власт во претпријатијата и банките: работнички совети, работничка контрола и слично. Значи, не се воспоставува само институционален костур на идното преземање, туку и луѓето, додека ги создаваат малите никулци на работничката власт, се оспособуваат за нејзино вршење. Со други зборови, работништвото - од работната сила на пазарот или во процесот на експлоатација на работното место - се претвора во работничка класа, односно во маси кои се организирани за економска и политичка борба. Себетрансформацијата на работните луѓе во политичка класа е политичка работа, самоорганизирање, и секако, организација на работните луѓе во синдикати, политички партии, здруженија итн. Во реалноста светската традиција на тоа поле е мошне богата и во таа смисла не гледам посебни проблеми.

Но, прашањето е како да се трансформира моментално постоечката држава од апарат на капиталот во апарат на работните луѓе. Предлагам државата да ја замислиме како лепенка составена од структури на различни и разновидни апарати. Заедно ја држат различни процеси и во моментов е мошне нестабилна, а тоа и се забележува. Ако ги читате весниците меѓу редови, ќе забележите дека овие постнационални држави, кои покрај тоа се и нејасно профилирани, се мошне нестабилни и дека ги нагризуваат внатрешни противречности. Накратко, што ја држи заедно оваа лепенка од различни апарати кои ги нарекуваме држава? Заедно ја држат внатрешните борби на одделни апарати, а особено надворешните притисоци, од кои важни се два типа. Еден е притисокот на народот кој ја одржува целата конструкција. Другиот е притисокот на буржоаските политички апарати, односно буржоаскиот парламентаризам. Тоа се, пак, контрадикторни, антагонистички притисоци. Од една страна народот, од друга парламентот и буржоаските апарати, партиите, тајните лоби групи итн.

Овој антагонизам предупредува на противречната положба на левата парламентарна партија - од една страна, таа нужно се профилира според кројот на буржоаските партии, значи, во себе го носи црвот на декаденцијата. Од друга страна, функционира во буржоаски парламент, кој е и воспоставен за да ја блокира. Ленин во познатата оцовистичка дискусија утврди дека левата парламентарна партија е одред на пролетаријатот кој дејствува на непријателска територија. Денес можеме да додадеме дека таа е одред на пролетаријатот кој станува заробеник на непријателот, ако не дејствува како герилец, партизан на непријателска територија. Накратко, методот на партизанска борба е можен токму затоа што нема фронт. Државата не е единствена, туку е составена од различни апарати.

Ќе завршам со пример кој ми е близок - идеолошките државни апарати. Во актуелната буржоаска поделба тие функционираат како култура, наука и образование. Земете ја науката. Што е науката денес? Науката е поле каде во конфликт се цеховските мафии. Тоа најдобро може да го согледате ако ги следите конкурсите и кој добива државни пари преку нив, а кој не итн. Цеховските мафии се борат за јавните, државни пари. Меѓутоа, сите тие цеховски мафии ги поврзува фактот дека во реалноста тие се деловна бирократија - бирократија, а не буржоазија. Со други зборови, сите тие му служат на некој повисок интерес; во нашиот случај, интересот на англоамериканскиот институционален научен и академски апарат. Постојано се поставува прашањето дали на универзитетите треба да предаваме на англиски јазик. Истражувачите мораат да објавуваат на англиски. Не на француски, српско-хрватски, германски или руски, што се големи академски традиции, туку во глупавите американски ревии, со кои управува некој азиски фонд. А тие ревии имаат бизарни барања за тоа како мора да пишувате фусноти, како мора да ја наведувате литературата итн., а сето тоа станува поважно од она за што пишувате. Начинот на модерното пишување го диктираат големите професори од американските, понекогаш и јавните универзитети.

Накратко, се наоѓаме во средновековна цеховска ситуација, која ја одржува глобалистичкиот деловен хоризонт. Во тие рамки сурово се искористуваат оние кои навистина работат во науката и образованието. На дело е неверојатна цензура со оглед на темите што се истражуваат и за кои се предава, и начинот на кој се прави тоа. Приватизациските тенденции се сѐ помоќни и сѐ помалку прикриени - со други зборови, јавната научна и академска сфера во реалноста е само параван за приватно присвојување на јавните пари. Ако го погледнете новиот предлог закон за научна и иновативна дејност, ќе видите дека оди во насока на разбивање на јавните апарати на науката и високото образование, на начин кој е мошне сличен на разбивањето на јавното здравство.

Илустрации: Clive Head

Извор: http://slobodnifilozofski.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото