За нееднаквата дистрибуција на животните можности

28.06.2019 11:16
За нееднаквата дистрибуција на животните можности

Кои тела имаат право на пристап до биотехнологиите за телесна промена и интервенција?

Парадигматичен домен во кој јасно оперираат биополитичките регулаторни механизми за одржување на одвоеноста на „двата континента“ на машкоста и женскоста е доменот на здравствените услуги и здравственото осигурување за различен тип здравствени услуги. Покрај недостигот на доволно обучени кадри и на развиен механизам и координативен систем меѓу различни сектори и специјалисти во здравството за извршување операции за потврдување на родот, биополитичката регулација на половоста изгледа како една од клучните пречки во овозможувањето соодветна и потребна здравствена нега за трансродовите лица во Македонија. Односно, освен во оние случаи каде што недостигаат или биотехнологиите или капацитетите и човечките ресурси, проблемот не се толку разликите во биотехнологиите за телото сами по себе, туку административниот апарат и регулацијата што го сортира и ги диференцира пристапот и достапноста на овие биотехнологии за различните тела, а согласно иницијалните претпоставки и параноидни императиви за половоста, а кои според указите на многу истражувачи се длабоко проблематични, историски специфични, политички мотивирани и научно многу покомплексни и амбивалентни од редукционистичката бипартиска рамка во која вообичаено се анализираат (Fausto-Sterling, 2000; Preciado, 2013).

Примери во оваа насока има многу. Како попрецизни индикатори за проблемот можеме да спомнеме неколку. Достапноста на естрогенот и тестостеронот и различните варијации на хормонски препарати што на биолошки „нормалните“ машки и женски тела им се достапни согласно дијагнозите по МКБ-класификацијата и се покриени од Фондот за здравство согласно ДРГ-системот со нумерички шифри. Овие хормонски препарати често им се препишуваат на нетрансродовите лица за третман на различни здравствени состојби, но тие не постојат на листата, со што би се овозможила нивната достапност и за трансродови лица. Понатаму, голем број гинеколошките хируршки процедури што се работат на Клиниката за гинекологија и акушерство врз основа на претходно поставена медицинска индикација, влегуваат во листата на процедури што се применуваат и при процесите за потврдување на родот [хистеректомија (отворен пристап, лапароскопија и вагинален пристап), салпингоофоректомија (отворен пристап, лапароскопија, вагинален пристап), лабијопластика, вагинопластика, неовагина и хименопластика], но, повторно, тие не се достапни за трансродовите лица, ниту, пак, се покриени од Фондот за здравствено осигурување. Дури и во оние ситуации во кои пациентките немаат здравствено осигурување, административните пречки не постојат за родови цис-жени, доколку тие можат да си дозволат самите, приватно, да ги покријат трошоците. Сепак, ниту оваа можност не е достапна за трансродовите лица, бидејќи не можат да добијат упатна дијагноза со која лекарот би можел да ја изведе процедурата на барање на трансродов пациент. Исто така, „поставување на силиконски протези, на пример, кај трансжени, интервенција што е технички изводлива, ДРГ-системот не ја прифаќа како валидна процедура бидејќи истиот систем не ги содржи транссексуалните состојби и родови дисфории како дијагноза“ (Пеев во Бошкова и Раиден, 2016).

Јасната полова биополитичка инвестиција во административната регулација на достапноста на биотехнологиите за различните тела се огледува во фактот што голем дел од хируршките интервенции се достапни согласно листата на упатни дијагнози и се покриени од Фондот за здравствено осигурување во случаи кај новороденчиња со различни варијации на интерсексуалност или „хермафродитизам“ според класификацијата, односно во случаи кога полово амбивалентните тела се подложуваат на насилни телесни интервенции само со цел да се усогласат нивните различни тела со идеализираните и нормализирачките рамки на машкоста и женскоста, како единствени читливи, интелигибилни и општествено признаени форми на отелотворување.

Дополнително се комплицираат нештата кога ќе се земе предвид и постојната поделба помеѓу процедури што спаѓаат во реконструктивната и процедури што спаѓаат во естетската хирургија, а според која се регулира и се одредува статусот на процедурата и трошоците поврзани со неа во Фондот за здравствено осигурување. Како што убедливо аргументира Пол Б. Пресијадо, ваквите произволни поделби сведочат за тоа дека „два јасно разграничени режими на моќ-знаење проаѓаат низ телото и дека тие ги конструираат носот (на пример) и гениталиите согласно различни сомато-политички технологии. Додека носот е регулиран од фармакопорнографската моќ според која органот се смета за приватна своина и стока, гениталиите сè уште се затворени во предмодерниот, суверен и речиси теократски режим на моќ што ги смета за сопственост на државата и зависни од непроменливиот трансцендентен закон“ (Preciado, 2013: 116).

Од друга страна, ваквата фрагментација на телото и неговото повторно обединување во тоталитет како биополитичка фикција сведочи за значењето на хетеросексистичката имагинација отелотворена во приматот на репродукцијата како дефинирачка рамка за разбирање, поделба и регулација на телата, како машки и женски, како непроменливи, односно подложни на дозволива промена само кога таа е во функција на потврдување на идеалот за половоста или за реконструкција на телата согласно истиот идеал. Конечно, продуктивната функција на ваквите поделби преку исклучувањето на одредени тела, трансродовите и полово амбивалентните тела, од системот на дистрибуција на биотехнологиите за тела, овозможува, на нивна сметка, да се одржува фикцијата за биолошката, преттехнолошката, преткултурната и претполитичката чистота на полово и родово нормативните тела, сокривајќи го мноштвото на веќе достапни, употребувани и родово конститутивни семио-техно-био-фармако-невро-молекуларно-простетски кодови за продукција на половите субјекти во новата биополитичка или, како што ја нарекува Пол Пресијадо, фармакопорнографска ера на капитализмот (Preciado, 2013).

Сето погоре елаборирано укажува дека за најголем дел од интервенции што би можеле да се изведат во Македонија, постои административна пречка за нивно испорачување на транслуѓето од причина што Фондот за здравствено осигурување не ги идентификува како основни здравствени услуги за таа цел. Како што нагласува Бошкова (2016), со цел надминување на овие пречки, потребно е дефинирање на здравствените услуги согласно стандардите за грижа за здравјето на трансродовите луѓе, воведување на соодветни шифри за овие услуги и вметнување во МКБ- и ДРГ-системот на Фондот за здравствено осигурување.

За транслуѓето на кои им се потребни овие здравствена нега и услуги, последиците од нивното оневозможување имаат голем импакт врз нивното ментално и физичко здравје, за што сведочат не само изјавите на значителен дел од нашите испитаници за кои ваквиот тип процедури се невозможна утопија, имајќи го предвид нивниот социјален статус, туку и мноштвото меѓународни истражувања меѓу трансродовите луѓе (Spade, 2015). На овој начин, и без директно, видливо и препознатливо да се применуваат технологиите на насилство и исклучување на трансродовите лица, тие стануваат жртви на нееднаквата дистрибуција на можности и шанси за достоинствен живот помеѓу населението, односно поделбата во претпоставеното единствено население, помеѓу оние достојни за нега, грижа, безбедност и придобивка и оние што се оставени на маргините, бавно но сигурно да се истрошуваат и да исчезнуваат од човечки препознатливиот хоризонт.

Слики: DINO VALLS

ОкоБоли главаВицФото