За нетрпеливоста спрема трансродовите луѓе

29.06.2019 01:34
За нетрпеливоста спрема трансродовите луѓе

Да се излее таква нетрпеливост и одбивност кон трансродовите луѓе, за кои тврдам дека 99,99% од писменото население не знае ништо, треба да сме не само необразовани нелуѓе, туку и да немаме никаква желба, љубопитство, интерес да се информираме пред да го истуриме, повторно на погрешно место, целиот свој личен јад и чемер.

Децата НЕМА повеќе да умираат заради операциите на трансродовите лица, на кои им се извинувам, со голема нелагодност што влегувам во одбрана на нивните загарантирани човекови права, како да сме држава од „третиот свет“, а не цивилизирана, со претензии да станеме европска.

Децата (болни и здрави) умираат заради недоволните или погрешни вложувања во образованието, науката и научните истражувања, на кои се потпира развојот на една заедница. Луѓето умираат и заради ниските вложувања во развојот на социјалниот капитал, за што сведочи и примитивниот и неук наратив на „бранителите“ на она што го имаме, или веруваме дека го поседуваме, сеедно дали се тоа децата, или некои други добра и вредности.

Со исклучок на ЛГБТ заедницата (се разбира), за која порадо би се сложиле да ја нема. ЛГБТ луѓето во Македонија, а и меѓу нив има деца, немаат место под сонцето, а камо ли нешто посебно да се издвојува за нивното здравје, учество и подобар квалитет на животот. Во истиот манир, се истрчаа и Министерството и Фондот за здравство, да ги „смират“ страстите. Алооо, па што демантирате вие? Дека ќе нема медицинска грижа за трансродовите лица, кои без неа живеат ни на небо ни на земја, целиот свој, кус, ограничен, обесправен и витално загрозувачки, животен век? Информирајте се и вие, пред да се брукате!

За трансродовите лица (деца, млади и возрасни) постојат и статистики. Според евиденцијата од 2011 на САД, околу 0.03% од возрасната популација се самоидентификуваат како транс, или родово неопределени. Во земја која ги препознава и штити нивните човекови права, дури 41% од трансродовите лица се евидентирани со најмалку еден обид на самоубиство. Замислете, самите дигаат рака врз себе, изложени на крајна исклученост, долгорочно страдање и напади. Од каде во толкав број да не можат да го издржат животот „даден од бога“ (како што милуваат некои да кажат), нема тука да елаборирам. Но, тоа се факти, драги мои, како што е факт и тоа дека за да растат здраво и квалитетно, на овие луѓе им е неопходна поддршка, чувство на еднаквост и припадност, повеќе од било кому друг, и тоа за да преживеат. За голиот живот зборуваме. Пред било каков оперативен зафат, за што се потребни долгогодишни подготовки, за кои меѓу другото, треба и самите тие, не само да ги сакаат, туку и да можат да ги поднесат, со сите промени, што следат..

Сто закони за недискриминација да се донесат, додека родовите прашања не влезат во образовните програми од прво до последно одделение, за барем идните генерации да не се воспитуваат врз трагичните заблуди за родово-нормативните идентитети, улоги и очекувања, со трајни последици по животните перспективи и здравјето на луѓето, ние нема да имаме праведна држава за НИКОГО. Тоа треба да им стане јасно, ако не на сите, барем на мнозинството образовано население, за конечно да ги напуштиме своите рововско одбрамбени позиции, и од светлото на денот да почнеме со работа и крупни вложувања во праведна заедница за сите.

Слики: James Mortimer