Право на живот само за 68% од населението?

01.07.2019 00:40
Право на живот само за 68% од населението?

Терминот нормално не произлегува од дефиниција за тоа што е исправно, а што не. Тој произлегува од гаусовата крива која се користи во психологијата.

Зборот „нормално“ реферира на нормалата, линијата на средина која го означува пресекот. Во таа нормална дистрибуција, 68 % од популацијата го означуваат просекот (34 % лево од нормалата и 34 % десно од нормалата), по 14 % има лево и десно, односно појави што се под и над просекот и екстремно ретките појави се 2 % најлево и најдесно на правата која е пресечена со нормалата.

На пример, ако се земе телесната тежина, просечната тежина за жени над 20 години е 62кг. Тие кои се движат околу оваа бројка се просекот, а над и под оваа “нормала” влегуваат во рангот на 14 % полево и подесно односно со прекумерна тежина или потхранети. Слично е ако земете сексуална определба. Мнозинството се со хетеросексуална ориентација, постои дел од популацијата со хомосексуална ориентација, некои се асексуални и сл. Ако се земе интелигенцијата на пример, 68 % од популацијата се со просечен коефициент од 85 до 115 (нормалата е 100), десно над таа линија се натпросечно интелигентните, лево се потпросечно интелигентните.

Е сега прашањето е дали човековите права, вклучително и право на достинствен живот има само за мнозинството што влегува во просекот кој опфаќа 68% од популацијата? Каде ќе се смести поединец кој се вклопува во тие 68% во однос на интелигенцијата, а не се вклопува во однос на телесната тежина на пример. Во категорија “полунормален”?

Фрапира таа неможност да се ставиме во туѓите чевли, да погледнеме од перспектива на тој што не е во тие 68% и не се вклопува во “просекот”. Тотално отуство на емпатија, а зголемено присуство на кусогледост и тесноградост.

Да речеме тој што е со Даунов синдром и влегува во популацијата на “малцинството” нема еднакво право на достоинствен живот?

Зборот хумани означува човечки. На латински хуман значи човек. Сите сме луѓе и фала богу природата не создала различни. Во спротивно ќе бевме роботи, со еднаква боја на очи, на кожа, со еднаков коефициент на интелигенција и иста сексуална определба.

Животот не е даден само за тие 68% од популацијата. Високо хуманизираните општества се ценат според способноста во своите политики и закони да ги вклопат сите луѓе и да им обезбедат еднакви права.

Правото на промена на пол кај трансродовите лица значи за нив живот, потврда на идентитетот. Просекот од 68% се чувствува удобно во својата кожа и родови карактеристики, но има луѓе кои се чувствуваат несреќни поради тоа. Не се чувствуваат автентични. Тоа ни од близу не е еднакво на естетски корективни хируршки зафати, туку свест за обезбедување достоинствен живот за малцинството граѓани. Не велам дека покривањето на трошоци за оваа група е најправеден потег кон сите. Точно дека за сиромашна земја како Македонија треба да се одредат приоритети. Но наместо да се радуваме на нечии стекнати права ние сме револтирани дека некој добива право на достоинствен живот и идентитет?

Една наша сограѓанка, Снежана Караџовска, води макотрпна борба со институциите да добие нозе и засега без успех. Таа не влегува во просекот. Луѓето со ретки болести исто така не влегуваат во просекот и макотрпна е нивната борба да добијат достоинствен живот со лекарства. За жал, немаме квалитетно јавно здравство. Вчерашниот потег на воведување бесплатна промена на пол и потоа повлекување од предлогот само покажува колку владее брзоплетност, отсуство на план и визија во креирање и спроведување на политиките.

Но тоа не значи дека ние како заедница треба да свртиме грб на сите луѓе кои по разни основи не влегуваат во упросечената рамка.

Затоа што нам ни требаат сите луѓе, а не само 68%. Борбата за правата на сите продолжува.

Слики: Aleksandra Waliszewska