Успехот на Кина во вселенските истражувања и новите трендови во кинематографијата

01.07.2019 00:51
Успехот на Кина во вселенските истражувања и новите трендови во кинематографијата

Кина задоцни во истражувањето на вселената, а нивната филмска индустрија, исто така заостануваше на полето на научната фантастика. Но, тоа се менува.

Првиот кинески научнофантастичен филм „The Wandering Earth”, премиерно беше прикажан на почетокот на годината и ги следи високите очекувања тој да ја претставува новата ера во кинеската кинематографија.

Ова остварување е само едно од редицата амбициозни високобуџетни филмови кои се занимаваат со жанрот што до неодамна беше надвор од опсегот на кинеските творци, во финансиска, но и во техничка смисла. Меѓу другите филмови што претендираат да го означат почетокот на новата ера на кинескиот филм се и „Shanghai Fortress”, филм за напад на Земјата од вонземјани и „Pathfinder”, кој зборува за вселенски брод кој ќе се урне на напуштена планета.

„Кинеските режисери ја доживуваат научната фантастика како свет грал“, вели Рејмонд Зу, независен критичар, кој истакнува дека Холивуд поставил не само високи технички стандарди, туку и високи очекувања кај публиката. 

Дејствoто на филмот „The Wandering Earth”, прикажан во 3Д се случува во далечна иднина кога Сонцето се претвора во црвен џин што се заканува да ја проголта Земјата. Претстојната опасност ги тера инженерите од целиот свет да смислат план како да ја преместат планетата во нова галаксија со користење џиновски притискачи. Ситуацијата се комплицира кога Земјата треба да пројде покрај Јупитер.

Специјалните ефекти, како апокалиптичните климатски промени кои ќе се случат доколку Земјата случајно излезе од својата орбита, слободно може да се мерат со холивудските.

Критиките се позитивни. „Индустријата созрева“, вели Зу. 

„The Wandering Earth" е прикажан за Кинеската нова година, на почетокот на празничната недела, која е особено плодоносна за кино благајните во Кина. Филмот е прикажан и во Америка, Канада, Австралија и Нов Зеланд.

Во Кина тој се натпреваруваше со „Crazy Alien", комедијата инспирирана од култниот филм „E.T.", сценаријата за двата филма се адаптации на делата на Liu Cixin, првиот кинески добитник на наградата „Hugo“ за научна фантастика. 

Неговите романи се полусериозни фантазии за средби на човечката цивилизација со опасниот унивезум. Адаптацијата на романите на Лиу во филмови е голем предизвик за кој било режисер, како што кажа Гуо Фан, режисерот на филмот „The Wandering Earth".

Затоа овој филм е тест за филмската индустрија во Кина. Исто така Гуо изјави дека кинеската публика обично реагира рамнодушно на холивудските научнофантастични филмови. Затоа од кинеското студио сакале да вложат во научнофантастичен филм што ќе биде уверлив. Буџетот за овој филм наводно изнесувал 50 милиони долари, што според холивудските стандарди е скромна сума, но за Кина е прилично сериозна.

Гуо, чијшто претходен филм „My Old Classmate" припаѓаше на жанрот романтични комедии, вели дека ако филмот не губи пари, во Кина ќе може да се снимаат научнофантастични филмови.

Двете холивудски остварувања, „Gravity" и „The Martian" би можеле да бидат од помош. Двата филма на позитивен начин ја прикажуваат кинеската вселенска програма и во земјата беа хит.

Во јануари, годинава, Кина доживеа пресвртница во вселената: кинеското летало стигна неоштетено на другата страна на Месечината. Иако со децении Кина заостануваше зад Русија и САД, сега во орбитата испраќа свои астронаути и има амбициозни планови да им се придружи или дури и да ја предводи новата ера на истражувањето на вселената. 

„Мислам дека постои многу блиска врска помеѓу кинеската кинематографија и националните богатства“, вели Ша Дан, кустот на Кинескиот филмски архив.

Тој истакнува дека најпопуларен филм во Кина, минатата година, бил „Operation Red Sea”, акциска драма чијашто приказна е за спасување неколку стотици кинески цивили од Јемен, кога во 2015 година таму изби војна. 

„Кога постои можност да одиме во војна, можеме да снимаме филмови како што е „Operation Red Sea“, вели тој, алудирајќи на воената модернизација на Кина во последните години. ’The Wandering Earth’ може да се снима сега кога Кина влезе во нова ера на истржување на вселената.

За разлика од филмовите „Operation Red Sea” или „Wolf Warrior“, во кои главните јунаци во манирот на Рамбо се борат против заедничките негативци, „The Wandering Earth” не е шовинистички филм, иако главната улога во него ја толкува Ву Јинг, истиот актер кој е главен јунак и во филмот „Wolf Warrior“. Тој во „The Wandering Earth” глуми астронаут кој е назначен во меѓународна вселенска станица.

Гуо вели дека намерно избегнувал ликот да биде класичен суперхерој, кој сè може сам. Затоа борбата за опстанокот на Земјата ја бие група луѓе меѓу кои е и еден руски космонаут, кој во филмот објаснува и зошто неговата земја забранила алкохол во вселената.

Во приказната на „The Wandering Earth” работите се така поставени што е недвосмислено дека Кина ја има водечката улога во идните истражувања на вселената, но исто така претставува и визија за меѓународна соработка која е неопходна за човештвото успешно да се избори со заканите со кои се соочува нашата планета, што е една од централните теми на романите на Лиу.

Тој истакнува дека научнофантастичните филмови во Кина се снимале уште во триесеттите години на минатиот век, кога режисерот Јанг Сјаозонг правел филмови како „Exchanged” и „Visiting Shanghai after 60 Years” и кои останале заборавени по Комунистичката револуција во 1949 година.

Филмот „Death Ray on Coral Island” од осумдесеттите години беше банална и неуспешна пропаганда. Оттогаш имаше уште неколку обиди. „Главна причина за тоа е што кинеското општество е реалтивно затворено и конзервативно. Немаше услови научнофантастичните филмови да остварат какво било влијание. Меѓутоа ситуацијата сега е поповолна. Да се види филмот на големото платно беше многу емотивно“, вели режисерот Лиу.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото