Палјачото на концептуалната уметност

27.10.2010 10:25
Палјачото на концептуалната уметност

Што има заедничко фалусоидниот розев костим кој го носи познатиот уметнички трговец Емануел Перотин со глетката на корпулентниот трговец Масимо де Карло кој е залепен за ѕидот на сопствената галерија? Или восочниот папа кој е соборен од метеор со верверичката која извршила самоубиство? Сите овие, а и други уште пооткачени дела, се творби на Маурицио Кателан.

Неговите дела се обидуваат да ја извртат и предизвикаат современата мисла, замаглувајќи ја границата меѓу уметноста и стварноста за да предизвика реакција. Кателан убеди многубројни уметнички кустоси да му се придружат: тој натера еден да носи џиновски фалусоиден розев зајачки костим за време на петнеделната изложба, другиот, кој беше залепен за ѕидот со самолеплива лента, доби срцев удар па мораа да го одлепуваат, додека, пак, други двајца мораа непрекинато да возат динамо-велосипеди за да го одржат осветлувањето на една негова изложба.

Кателан вели дека станал уметник поради добрата заработувачка и атрактивните жени (ви текнува ли на стихот од песната на ПМГ: „Станав диџеј ради манекенки:)“. Неговите бројни и разновидни професии добро го подготвиле за апсурдноста на светот на уметноста. Работел како поштар, чистач, готвач, донатор на семе, продавач на сувенири во манастир, во мртовечница, на хемиско чистење, а сега е еден од најславните уметници во светот.

Склон е кон шегачење. Денес се чувствува доволно безбеден да прави што сака. Токму и тоа го прави. А понекогаш не прави ништо, како, на пример, кога отворил една од своите изложби со празна галерија без неговите дела и во полиција ја пријавил кражбата на „невидливата изложба“. Една друга изложба се состоела од знакот „се враќам за кратко“ на вратите од празната галерија, а еднаш украл дела од уметникот од соседната галерија тврдејќи дека се негови. Дали Кателан нема идеи и страда од недостаток на креативност? Не. Критичарите, обожавателите и колекционерите велат дека тоа е концептуална уметност. А во концептуалната уметност можете да направите баба од восок за богат англиски колекционер и да ја ставите во неговиот фрижидер, бидејќи од вас барал да му направите нешто cool.

Неговите дела секогаш ги изработуваат професионални занаетчии, додека Кателан само им ја кажува својата замисла. Така е создаден и Хитлер кој клечи и се моли, едно од неговите највознемирувачки дела. Во неговите ретки интервјуа, Кателан седи покрај својот двојник кој одговара на прашањата наместо него. Дали Кателан е срамежлив, или страда од психоза?

Имало и негативни реакции на неговото творештво. Еднаш тој морал да заздравува од нападот поради „уметничкото беснило“: еден човек од Милано бил толку навреден од неговата инсталација со деца обесени на дрво со отворени очи, што се качил и ги симнал оттаму. Еден новинар овој чин на избезумениот посетител го споредил со уништувањето на скулптурите на Буда од страна на Талибанците во Авганистан од пред неколку години. „Само луѓето кои не се спремни да ги прифатат предизвиците на сопствениот начин на размислување ги извршуваат ваквите напади“, вели новинарот. Но Кателан признава дека и без да биде свесен го барал токму тоа. „Беше многу битно ова дело да се изложи надвор. И затоа им беше толку неподносливо на луѓето.“

Едно друго негово концептуално дело изгледало вака: од 10-ти до 17-ти ноеври 1999 г. поканил десет светски уметници на одмор во Сент Китс, Западните Инди. Го нарекол овој спектакл „Шесто Карипско биенале“. Во исто време имало ураган поради кој морале да останат малку подолго. За тоа време, на учесниците не им биле претставено ништо, ниту пак разговарале за уметноста. Одморале, токму како што и најавил Кателан. Повторно ги измамил сите останати. Сите – па дури можеби и самиот себе. Дали знае тој каде почнуваат неговата уметност и неговите шеги, а каде завршуваат? Дали е циничен? Или држи огледало вперено кон луѓето за тие да можат да увидат кои се, всушност, самите тие?

Неговите дела ја критикуваат институцијата уметност, ама тој не бара никаков вид алтернативна убавина или вистина за уметноста.

Маурицио Кателан останува една од најинтересните загатки: шегаџиски и инвентивен уметник – или палјачо.

Деновиве тој отвори нова изложба во Милано. Најавена како обемна ретроспектива, изложбата содржи само четири дела. Не е првпат овој уметник да ги разбранува духовите со своите гротескни перформанси и провокации. Неговата намера, со цел да ја изрекламира својата изложба, да го излепи Милано со постери на кои е прикажан Хитлер на колена, како се моли и бара прошка, беше дочекана со огромен отпор од страна на еврејската заедница. Или, кога својата огромна скулптура (висока 11 метри и тешка 6 тона), која прикажува рака со испружен среден прст, додека останатите прсти се исечени, сакаше да ја изложи пред седиштето на италијанската берза, на што наиде на отпор меѓу градските власти, иако подоцна, сепак, му беше дозволено да ја изложи.

Делото „Деветтиот час“ од 1999 г. го прикажува папата Јован Павле Втори, кој е погоден од метеорит, како се обидува да се фати за крстот. Други изложени дела на оваа изложба се и „Детето тапанар“ (2003) и „Распната жена“ (2007).

Идната година во план е голема ретроспектива на Карелан во њујоршки Гугенхајм. Да видиме каква шега ќе ни приреди тогаш овој мрачен шегаџија.

Во продолжение погледнете неколку негови контроверзни дела.

Извор: urbanbug.net

ОкоБоли главаВицФото