Залудна потрага по љубов на блудниот син

02.07.2019 12:13
Залудна потрага по љубов на блудниот син

 

  Што можеме да кажеме за Буковски? Гениј, философ, пијаница, пропалица. Без разлика дали сте фан на неговите дела или, пак, не можете да го смислите неговиот вулгарен и горчлив стил на пишување, едно е сигурно, а тоа е дека тој е еден од најголемите умови на 20-тиот век. Неговиот роман Блудниот син на прв поглед личи на едноставно дело со кратки и едноставни реченици, сѐ додека не се задлабочите во тажните и бесни мисли на Буковски и како тој преку ликот Хенри Чинаски го опишува неговиот тежок живот, но не заборава на дозата хумор која е потребна за ова дело да го достигне својот креативен врв. Романот го следи животот на Хенри почнувајќи од неговото детство, па сѐ додека не започне со студии. Како што расте Хенри, така расте и неговиот интерес за спорт, девојки и насилство, но исто така и за книги кои му откриваат нови светови, многу поубави од неговиот. Овој роман покрива многу теми, како Американскиот сон, кој повеќе звучи како мит отколку реалност, бунтот против авторитет и неговиот однос со членовите на неговата фамилија, посебно со неговиот немилосрден татко. Блудниот син е објавен во 1982 година, а преводот на македонски на Тони Науновски е објавен во 2011 година од страна на издавачката куќа Ѓурѓа.

Еден од поголемите проблеми со овој превод, ако не и најголем, е тоа што преведувачот го искасапил ремек-делото на Буковски правејќи го преводот драстично пократок од оригиналот. Едноставно не можат така да се исфрлат битни детали кои служат како појдовна точка за понатамошната приказна со која читателот ќе навлезе во алкохолизираниот и безљубовен свет на Буковски. Ваков пример може да забележиме уште на почетокот на преводот, кога преведувачот прескокнал неколку глави од романот ускратувајќи го читателот од искуството да влезе во чевлите на Буковски и да ја почувствува омразата од неговиот татко и како тој му вградувал мисли на омраза кон други луѓе и раси, од каде произлегла и неговата љубов за животните. Изоставен е и критичен момент во кој со помош на моќна метафора е прикажан начинот на кој родителите на Хенри не само што се обидуваат, туку и повеќе од очигледно ги присилуваат сопствените ставови и патетичен начин на живот длабоко во суштината на нивниот син, преку она карактеристично форсирање на храната во него, која едноставно му предизвикува силно внатрешно гадење. Апсолутно не смеат вакви елементи, кои приказната ја држат како целина, да се изостават - тоа би било како да не ја знаеме причината за душевниот „раскољ“ на Раскољников во добро познатата класика Злосторство и казна од Достоевски или кое било друго големо дело во книжевниот свет.

Многу ме зачуди како оваа книга е еднаш преведена од Тони Науновски дури во 2011 година и оттогаш никој друг не се обидел да ја раскаже целосната приказна на ноторниот протагонист Хенри Чинаски. Можете да забележите дека не пишувам Кинаски, а тоа е затоа што сметам дека преведувачот не посветил доволно внимание на најосновните работи во овој превод и го оцрнил пред да започне. Кој било, со кратко пребарување на интернет, може без проблем да го пронајде точниот изговор на неговото презиме. Вакви грешки може лесно да се посочат во преводот, од најобичен збор како „целер“ додека во оригиналот стои „beet“, што значи цвекло, или „bedroom“ преведено како „бања“. Исто така зборот „man“ е преведен како „човек“ - еден голем пропуст за преведувачот бидејќи човек не значи само маж туку и жена. Го потенцирам ова бидејќи Буковски ја опишува сцената каде што Хенри и неговиот другар се опиваат и со тоа пробуваат да докажат кој е поголем маж, па затоа мислам дека овој збор не е соодветен. Морам да напоменам дека се трудев да навлезам со сето срце во македонскиот превод и да се соживеам со ликовите, но грешките што ги пронаоѓав попатно ми ја уништија целата имагинација која ја имав кога го прочитав оригиналот на англиски јазик.

Познато е дека пцовките и вулгаризмот се клучни елементи на стилот на Буковски и дека тој употребувајќи ги дава една поширока слика на неговиот свет, и, може да се каже, со помош на пцовките успева полесно да се изрази во своите дела. Во преводот ова на многу малку места е успешно изведено. Може да се забележи дека фразата „god-damn“ е преведена со најразлични зборови низ целиот превод. Најдобар од лошите преводи би бил „проклет“, а најнесоодветни преводи се „помочани“ и „смрдлив“, зборови за кои никако не можам да разберам како преведувачот ги поврзал со англиската фраза. Исто така, забележав дека зборот „bastard“ е преведен како „педер“ наместо „копиле“, притоа доведувајќи го читателот до забуна дали ликот го навредуваат со овој погрден збор бидејќи е геј.

Едно е сигурно, а тоа е дека ова дело се чита денес и ќе се чита во иднина и со вакви преводи ние самите си наштетуваме и го намалуваме интересот за книги во Македонија, кои веќе со години ги избегнуваат преводите и читаат на англиски јазик. Преводот на едно дело не е исто како да заковаш една шајка, туку да заковаш една, па друга, па трета, сѐ додека не изградиш една убаво украсена куќа од зборови и слики кои ќе бидат вреднувани со години од публиката.

Слични содржини

Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото