Неолиберализмот, мигрантките и комодификацијата на негата

02.07.2019 23:53
Неолиберализмот, мигрантките и комодификацијата на негата

Во овој текст ќе настојувам да адресирам три прашања. Што подразбираме под „неолиберализам“? Како да се конкретизира и одговори на односите помеѓу различни институционални домени, во случајов, миграциската политика и негата? Какви се импликациите од моменталното економско и културно реструктурирање за активистичките проекти и феминистичката политика и критика?

Ќе ги разгледам овие прашања преку теоретско врамување на учиноците од актуелната економска криза врз трудот на мигрантките, независно од тоа дали ја поимаме како криза на неолибералниот проект како таков или не1. Достапните податоци и извештаи за влијанието на кризата на мигрантските работници покажуваат дека невработеноста во Европа пораснала, особено кај мажите. Од друга страна, се чини дека мигрантките не се само помалку погодени од кризата, туку нивните стапки на вработеност во некои земји дури и пораснале2.

Тврдам дека ова диференцирано влијание на машкиот и женскиот мигрантски труд е индикативно за еден од најважните учиноци кои ги има неолиберализмот во однос на женскиот труд: комодификација на секторот за нега и услугите во домаќинствата и негова конструкција како пазар на трудот кој е условен од родот и расата. Во анализата на овој феномен, ќе се обидам да покажам на кој начин неолиберализмот се совпаѓа со специфичниот процес на феминизација на меѓународните миграции и „конструкцијата“ на женскиот мигрантски труд. Единствените карактеристики на овој процес јасно ги разоткри моменталната криза.

За да ги адресирам овие прашања, најпрвин ќе се фокусирам на специфичниот начин на кој неолибералното реструктурирање го „обликуваше“ женскиот мигрантски труд. На тоа ќе му пристапам преку кратка историско-теоретска реконструкција, поврзувајќи го подемот на неолиберализмот со појавата на женските меѓународни миграции и специфичната положба на овие миграции на европскиот пазар на трудот. Потоа ќе анализирам на кој начин моменталната економска криза на неолиберализмот ја открива единствената политичка и економска улога на мигрантките во современа Европа.

Повеќето истражувачи сметаат дека неолиберализмот започна во раните седумдесетти. Нафтената криза од 1973 година го означува крајот на периодот на „вградениот либерализам“3 и инаугурацијата на неолибералната „фаза“ како нова политичка доктрина, но и начин на организација на трудот, кој исто така се нарекува постфордизам. Влошувањето на економската ситуација предизвикано од нафтената криза од 1973 година на специфичен начин влијаеше на приливот на меѓународната имиграција во Европа. Со падот на побарувачката за неквалификувана работна сила во тешката индустрија - побарувачката која во периодот по Втората светска војна доведе милиони (главно) машки мигрантски работници во Европа - се укинаа системите кои ги поддржуваа гастербајтерите, а невработеноста на мигрантите порасна драстично. Во оваа историска и политичко-економска коњуктура, трудот на мигрантите - како посебен сегмент на работната сила, поврзан со глобализацијата на пазарот на трудот - е анализиран преку категоријата „резервна армија“.4

„Резервната армија на трудот“ го означува вишокот работна популација невработени и подвработени, чие постоење е „нужен производ“ на капиталистичката акумулација и чија константна репродукција служи за одржување на ниските надници. Додека во периодите на економски раст и ниски стапки на невработеност работодавачите вообичаено профитираат од работниците мигранти, во периодите на пад на економската активност или стагнација истите тие работници сѐ повеќе се осудени на невработеност и често се жртвени јагниња на лошата економска ситуација. Затоа теоретичарите на миграциите со помош на аналитичката категорија „резервна армија“ се обидоа да ги дешифрираат и економските и политичките процеси за конструкција на мигрантските работници како нова глобална класа работници без права.

Кризата од седумдесеттите години на минатиот век ја откри политичката и економската кревкост, односно „потрошната природа“ на мигрантскиот труд. Мигрантите вработени во фордистичкото индустриско производство, впрочем први ги изгубија своите работни места кога дојде до пад на економската активност во седумдесеттите. Сепак, кризата од седумдесеттите години - за која може да се смета дека е разрешена со неолиберализмот - главно беше криза на трудот за машките мигранти. Работничките мигрантки во тоа време сѐ уште не беа значајно присутни на пазарот на трудот.

Токму тогаш почнаа да стапуваат на сцената на меѓународните миграции, најпрвин како сопруги или членови на семејства кои им се придружиле на оние кои се населиле во европските земји, а од осумдесеттите години сѐ повеќе како самостојни економски мигрантки.5

Од седумдесеттите години на минатиот век, бројот жени кои мигрираат порасна толку што половината од моменталната мигрантска популација во западниот свет е составена од жени. На пример, во 27 држави членки на Европската унија жените се малку повеќе од половина од мигрантската популација.6 Меѓутоа, голем број работнички мигрантки на европскиот пазар на трудот главно се вработени во една гранка на економијата: секторот за нега и секторот на домаќинствата.7 Тоа е поврзано со една од најизразените последици на неолиберализмот; со комодификација на трудот во секторот за нега и секторот на домаќинствата и нивна конструкција како пазари на трудот во кои се изразени родот и расата. Последниов феномен е резултат на паралелните елементи создадени заради трансформациите кои ги спроведоа европските економии во неолиберализмот во последните триесет години: пораст на „националната“ активност на жените (често оспоруван термин) и стапката на вработеност од шеесеттите па наваму; пад на наталитетот и растечкиот број постари лица; и прогресивно повлекување на државата од расходите во јавните или достапните сервиси за нега. Побарувачката за работна сила во секторот на домаќинствата и секторот за нега толку порасна во текот на изминатите десет години што сега се смета за главна причина за феминизација на миграциите.

Затоа, светската финансиска криза од 2007 до 2012 година е првата глобална криза на капитализмот по Втората светска војна која ни овозможува да предложиме анализа за „родовите димензии“ на учиноците за падот на економската активност на мигрантскиот труд. Како што веќе споменав, расположливите податоци за учиноците на финансиската криза на досегашното вработување на работниците мигранти укажуваат дека мигрантките во моментов претставуваат исклучок од „правилото“ според кое падот на економската активност првенствено влијае на работниците мигранти.8 Меѓутоа, неодамнешните публикации кои го нагласија таквиот исклучок главно се ограничија на неговото опишување како резултат на фактот дека, за разлика од мигрантите, мигрантките главно се вработени во сектори кои се помалку погодени од кризата и кои во текот на нејзините први три години бележеа дури и тренд на раст. Иако сѐ уште не е можно јасно да се согледа ситуацијата, која се разликува од земја до земја и во рамки на секоја подгрупа од поширокиот сектор на домаќинствата и секторот на негата, или да се предвиди што ќе се случи во блиска иднина, би сакала да напоменам дека овој моментален „исклучок“ одржува една од најважните конфигурации на родовата димензија на самиот неолиберализам.

За да го разбереме тоа, потребно е да се анализираат трансформациите на трудот во домаќинствата и негата и да се разгледа специфичноста на нивната природа.

Мојот провизорен пристап за овие проблеми, за кои подетално зборував во други текстови9, е тоа што мигрантките вработени во секторот на домаќинствата и секторот за нега, за разлика од мигрантските работници, не ја сочинуваат резервната армија на трудот. Тоа е последица на самата природа на комодификуваната нега и работата во домаќинствата како економски гранки кои се изразено несоодветни за релокација; за која е изгледно дека ќе расте заради зголемувањето на побарувачката меѓу населението кое старее забрзано; и кои заради своите изразени „афективни“ компоненти се потешко заменливи и помалку подложни на автоматизацијата. Како што нагласува Саскиа Сасен, работничките во домаќинствата се од „стратешка важност“ за оптимално функционирање на професионалните домаќинства во водечките глобализирани сектори во градовите“.10 Токму оваа „стратешка важност“ го обликува фондот на работничките мигрантки како „редовна“, а не „резервна“ армија на трудот.

Меѓутоа, очигледната „помала подложност“ на невработеноста на мигрантките за време на неодамнешната криза не би требало да се толкува како охрабрувачка појава со која се укажува на подобрување на положбата на жените на пазарот на трудот. Некои иницијални истражувања впрочем посочуваат дека моменталниот отпор на невработеноста во тие сектори во просек се одвива на штета на работните услови и висината на надниците, со пораст на различните облици неформална работа и илегални миграции.

Во заклучокот, би сакала да сугерирам дека последниов елемент е поврзан со еден од главните аспекти на неолиберализмот: имено, со фактот дека феминизацијата на пазарите на трудот во последните 30 години беше проследена со генерализација на лошите услови за работа, кои историски беа карактеристички токму за женската работа. Критичкиот преглед на овој распон на трендовите би требало да биде во средиштето на современата агенда на феминистичката анализа и политика.

______________________________________________

(1) G. Dumenil i D. Levy, The Crisis of Neoliberalism, (Cambridge: Harvard University Press, 2011); H. Overbeek i B. van Apeldoorn, Neoliberalism in Crisis, (London: Palgrave, 2011).
(2) I. Awad, The Global Economic Crisis and Migrant Workers: Impact and Response, (Geneva: International Labor Office, International Migration Programme, 2009); J. Dumont i J. Garson, The Crisis and its Impact on Migration and Migrant Employment, (Barcelona: European Institute of the Mediterranean, 2010). Достапно на: http://www.iemed.org/anuari/2010/aarticles/Dumont_Garson_Migration_en.pdf; OECD International Migration Outlook, (Paris: OECD Publishing, 2012).
(3) David Harvey, A Brief History of Neoliberalism, (Oxford: Oxford University Press, 2005).
(4]0S. Castles i G. Kosack, Immigrant Workers and Class Structure in Western Europe, (Oxford: Oxford University Press, 1973); M. Castells, “Immigrant Workers and Class Struggles in Advanced Capitalism: The Western European Experience,” Politics and Society 5.1 (1975): 33–66.
(5) S. R. Farris, “Interregional Migration: The Challenge for Gender and Development,” Development. Society for International Development Journal 53.1 (2010): 98-104.
(6) E. Kofman i dr., Gender and International Migration in Europe: Employment, Welfare, and Politics, (London: Routledge, 2000); M. Schiff, The International Migration of Women, (London: Palgrave-World Bank, 2007).
(7) Треба да се напомене дека сексуалната индустрија е уште еден сектор во кој мигрантките во голема мера се прекумерно застапени. Види: Elizabeth Bernstein, Temporarily Yours: Intimacy, Authenticity, and the Commerce of Sex, (Chicago: University of Chicago Press, 2007); и Rutvica Andrijasevic, Migration, Agency, and Citizenship in Sex Trafficking, (London: Routledge, 2010).
(8) OECD 2012.
(9)Види S. R. Farris, “Femonationalism and the ‘Regular’ Army of Called Migrant Women,” History of the Present 2.2(2012): 184-199; i S. R. Farris, “‘The Migrant Woman Exception’: Understanding the Gender Dimensions of the Impact of the Global Economic Crisis on Migrant Labor in Western Europe,” во подготовка, 2013.
(10) Saskia Sassen, “Two Stops in Today’s New Global Geographies. Shaping Novel Labor Supplies and Employment Regimes,” American Behavioral Scientist 52.3(2008): 465.

Илустрации: Saffaa

Извор: http://sfonline.barnard.edu

ОкоБоли главаВицФото