Инсталација „Управило“на Љубиша Камењаров во Мобилна галерија

03.07.2019 11:59
Инсталација „Управило“на Љубиша Камењаров во Мобилна галерија

Вечерва (3 јули) во 20 часот, во Мобилна/монтажна галерија ќе биде отворена изложбата на Љубиша Камењаров. Се работи за наменско - просторна скулптурална инсталација
„УПРАВИЛО”.

Замислата и нејзината реализација преку ликовни средства во овој случај ја забележува состојбата и поставеноста кај единките и групите, а воедно ја преиспитува и хиерархиската поставеност во нивните меѓусебни односи.

Скулптуралната инсталација, насловена „Управило” е концепциски поврзана со претходното дело „Рамнотежист”, и прикажува на што тој му потклекнува.

Со поедноставени (апстрахирани) анатомски одлики, човечката фигура, која во контекст на просторот и поставеноста во него (во средината), ја отсликува важноста, ја нагласува доминантноста и значењето на субјектот во обработката на темата.

Како алегорија, потпирајќи се на моќта издигната на ниво на мит, налик на божество кое ги одредува правилата на игра (и играта воопшто!), води/управува/влијае со поклониците.

Изложбата „Управило“ на Љубиша Камењаров е финасиски поддржана од: Општина Центар, Град Скопје и Министерство за култура на РСМ.