Јане Телер: Сите имаме Пјер Антоан во главата кој ни вели дека „не постои ништо што значи нешто“

05.07.2019 01:29
Јане Телер: Сите имаме Пјер Антоан во својата глава, кој ни вели дека „не постои ништо што значи нешто“

„Без разлика во кој дел до светот се чита книгата, на крај сите сфаќаме дека ја бараме смислата на животот. Таа е насекаде иста. Сите живееме со исти стравови, желби, страсти и трагаме по чиста љубов.

Затоа книгата „Ништо“ успеа да доживее толкав успех!“ открива данската писателка Јане Телер, чии дела се преведени на повеќе од 25 јазици. За својот прв роман „Ништо“ во 2001 година ја доби престижната награда за Најдобра книга за деца што ја доделува Министерство за култура на Данска. На македонски јазик ја издаде „Три“. 

Кога почнав да го читам вашиот роман „Ништо“, помислив дека станува збор за тинејџерска книга. Но она на што налетав меѓу страниците е многу повеќе од тоа. Ова е одличен роман, но мошне контроверзен. Што се случи по неговото објавување во Данска?

На почетокот книгата воопшто не се продаваше. Потоа беше наградена со книжевна награда и од тој момент луѓето почнаа да ја забележуваат. Тогаш почнаа и коментарите дека книгата никако не треба да ја читаат деца. Весниците почнаа да пишуваат дека „Ништо“ може да ги направи младите депресивни, да ги натера да извршат самоубиство… И затоа треба да биде забранета за нив. Јас бев изненадена, а не можев ништо да сторам. На крајот, сепак читателите го имаат крајниот збор. Во северниот дел на Норвешка книгата беше забранета, а имаше и случаи во Германија кога наставниците сакаа да ја обработуваат книгата заедно со учениците, но родителите се противеа на тоа. Имаше и книжарници кои одбиваа да ја продаваат. Сите велеа дека има многу насилство во книгата, но кога ќе се спореди со она што децата го гледаат на телевизија и какви компјутерски игри играат, залудно е да се коментира. Со текот на времето младите ја засакаа книгата и преку нив почна да станува поприфатлива и за пошироката читачка публика. Без разлика во кој дел до светот се чита книгата, на крај сите сфаќаме дека ја бараме смислата на животот. Таа е насекаде иста. Сите живееме со исти стравови, желби, страсти и трагаме по чиста љубов. Затоа книгата „Ништо“ успеа да доживее толкав успех!

Во едно интервју велите дека пишувате за да научите нешто и дека секогаш пишувате за работи кои не ги сфаќате. Што научивте од „Ништо“?

Јас не сум писател кој на своите читатели на последната страница им го открива значењето на приказната. Во „Ништо“ го најдов значењето што ми беше потребно мене. Ова не е книга која открива некое значење, туку е клуч кој на читателот му овозможува да сфати нешто повеќе за значењето. Мислам дека сите имаме Пјер Антоан во својата глава, кој ни вели дека „не постои ништо што значи нешто“. Можеби не знаеме точно како сме настанале или што се случува после смртта. Но она што сигурно го знаеме е дека ние сме тука и сега. За мене секоја секунда е важна, имаме ограничено време и затоа секој миг мора да го искористиме на најдобар начин. Само тогаш можеш да ја спознаеме убавината на животот.

Пишувате и за живот во комуна. Пјер Атоан е вистински пример за тоа. Тој заедно со татко му живее во заедница во предградие на Копенхаген. Имате ли живеано во комуна?

Кога пораснав во седумдесеттите, во Данска беше вообичаено три-четири фамилии да се здружат и да формираат некоја заедница. Во тие околности структурата на семејството не беше земена предвид, затоа што луѓето во комуните престанаа да стапуваат во брак. А Пјер Атоан е токму таков пример. Живее во заедница заедно со татко му и други луѓе… Јас лично немам живеано во заедници, но имам пријатели кои се пораснати таму.

Ако бевте еден од ликовите во книгата, која најзначајна работа би ја приложиле во купот на значењето?

Би ја ставила мојата книга „Ништо“ зашто ми го промени животот откако ја напишав. Не затоа што денеска се продава насекаде низ светот, туку го промени начинот на кој сега гледам на постоењето.

И како за крај, ќе ве прашам: ја најдовте ли смислата на животот?

Откако ја напишав книгата „Ништо“, станав многу посреќна. Не дека можам да го одговорам прашањето на Пјер Антоан, тоа сè уште е во мојата глава. Оттогаш станав пријател со него. Пред тоа бев исплашена од прашањата, но сега ситуацијата е многу поразлична. Тие прашања се тука и ме потсетуваат да се грижам како ќе ја поминам секоја секунда од мојот живот.