Стефан Сидовски - Сидо, 1946 - 2019

05.07.2019 15:20
Стефан Сидовски - Сидо,  1946 - 2019

На 72-годишна возраст синоќа во Скопје почина Стефан Сидовски - Сидо, омилениот професор по филозофија од гимназијата „Корчагин“, и мајстор на аматерскиот филм. Сидовски беше култен градски лик без кој не можеше да се замисли ниту една филмска и театарска премиера, најредовен посетител на Кинотеката, целосно посветен на филмот и како автор и како едукатор.

Тој 36 години беше професор во гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ во Скопје, а предаваше и како вонреден професор по историја и теорија на филм во ЕСРА.

Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 год. во Скопје. Студира филозофија, а естетика слуша кај професорите д-р Павао Вук Павловиќ и д-р Георги Старделов. Во 1973 год. се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин”. Во 1995 година магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 год. докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”. Уште од гимназиски денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 е член на „Академски кино клуб”. Го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм”, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија. Со своите филмови учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.


Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Сидовски е познат како омилен и инспиративен професор, кој будеше филозофска и прогресивна мисла кај многубројни генерации ученици.

Тој е автор на филмовите: Контејнер (2008). Полуден револуционер (2015), Raison d’etre (2006), Средба (2014), Големиот оратор (2007), „C’est la Vie“ (2016) и Последно кафе, филм што го објави пред нецел месец.

Неговите ученици и пријатели се збогуваа со него на социјалните мрежи.

„Еднаш, на еден час во Корчагин, кај една друга инспиративна личност зборувавме за Сидо. Разговорот беше за разликата професор и учител. Професорот ти споделува знаење, а од учител добиваш и образование.

Почивај во мир, учителе! Никогаш нема да го заборавам времето поминато на час, Скопски филмски фестивал, Кинотека, на улица…“

„Си замина најомилениот професор од Корчагин, што остави белег на многу генерации. Од времето не поттикнуваше на дебати и критичко размислување, предавањата му беа суштински и ретко кој сакаше брзо да завршат. Често и надвор од школо кога ќе го сретневме беше расположен за дискусии, дебати на различни теми. Единствениот професор кој сите нè паметеше, и после многу години од матурирање, изменети, исти,остарени, подмладени, на сите ни викаше здраво каде и да не сретне. Поради него многу Корчагинци ја засакаа философијата како наука. Човек полн суштина. Таков беше Сидо. А суштината живее вечно. Спокојно и суштински лебди во универзумот, професоре. Сите ќе те паметиме по добро“.

„Професоре, оди во мир! Секогаш со опозиционерски став за многу работи. Разбуди критичка мисла, аналитичност кај мал милион луѓе. Секогаш инспирација. Слава ти!“ –Горјан Милошевски, драматург.

„Стефан Сидовски како ретко кој беше посетител на голем број разновидни културни настани. Симбол на едно интензивно културно живеење на Скопје од средината на деведесеттите години од минатиот и првите неколку години од овој век. Ненаметлив, критичен без трошка злонамерност во она што го кажува, полн со емпатија и луцидност кон опкружувањето“ - Владимир Јанковски, писател.

„Малку е ако кажам дека Сидо ми беше омилениот професор, на многумина ни беше. Во средно се собиравме по дома и на VHS ги гледавме неговите филмови. Последното предавање што го слушав кај него во Корчагин, тоа предматурското, кое беше надвор од програмата и за кое немаше испрашувања и писмени работи, беше некакво наративно јадро што го смени текот на мојот живот. Додека го слушав како ни зборува за значењето на матурата, за личната одговорност и за последиците од одлуките што ги носиме, одлучив дека натаму ќе продолжам таму каде што сакам јас и дека ќе студирам тоа што сакам јас, а не тоа што сакаат другите околу мене. По 16 години тоа предавање сѐ уште го носам со себе, сѐ уште го раскажувам, а идејата за личната одговорност ја пренесував таму каде што ми беше дадено да пренесувам знаење и искуство.

Душата кон светлините, професоре, и вјечнаја памјат“ - Ѓоко Здравески, поет.


Во малубројните интервјуа Стефан Сидовски зборуваше за љубовта кон филмот и кон филозофијата

„Уште во детство, бев предаден исклучиво на филмот. Во тоа време на вестерн, каубојскиот филм. Нè учеше на многу морални категории, на good guy, bad guy. По три пати на ден одев да гледам филмови. Сакав да бидам глумец, на некој начин тоа го правам сега преку моите филмови. Но, потоа, во гимназија кога го слушав предметот философија, открив дека философското размислување ми е начин да се спознаам себеси.

Во тоа време немаше академија за режија, за актерство, па ја преименував одлуката и се запишав на философија. Сепак, поради пасионираноста, влегов во филмски клубови и продолжив да се занимавам со аматерскиот филм за што многу добро ми дојде познавањето од философијата. На тој начин ги споив филмот и философијата“ (reborn.mk)

За слободата...
„Многу се зборува за слободата. Јас мислам дека човек е слободен кога ќе биде апсолутно слободен од сè. Тоа не е изводливо во овој свет, бидејки со телото и организмот, биолошки сме принудени и не можеме да бараме апсолутна слобода. Ако е така, тогаш кога може? Тоа може ако бидам исклучиво само свест и постојано во екстаза, без да се досадувам. Загонетка?!“ ( reborn.mk)

За животот...
„Можеме да го проколнуваме животот, можеме да го осудуваме, но тој е единствената шанса да се осознаеме и да ја доживееме екстазата. Само има еден проблем. Човековиот егоцентризам. Човекот мисли дека е исклучок, но, треба да сфати дека е дел од вселената, од природата, од таа целина“.

ОкоБоли главаВицФото