Плетењето е кодирање а предивото може да се програмира

06.07.2019 01:43
Плетењето е кодирање а предивото може да се програмира

 

   За Елизабет Мацумото, применета математичарка и физичарка на Институтот за технологија во Џорџија, плетењето е повеќе од хоби кое позитивно влијае врз здравјето. Наспроти генерациите практично и експериментално знаење, физичките и материјалните својства на плетените ткаенини ретко се проучувале на начин за да се откриваат предвидливи модели на однесување на таквите плетива. Др. Елизабет Мацумото се впуштила во петгодишниот проект „Каква замрсена мрежа ткаеме“ подржана од Националната фондација за наука во САД, со цел да ја истражи математиката и механиката на „древната технологија позната како плетење“. Некои од најстарите примери за оваа вештина датираат уште од 11 век во древниот Египет.

При своето предавање пред пред публиката на годишната средба на Американското друштво на физичари во март Мацумото го доби аплаузот од присутните кои на самиот почеток на предавањето не беа потполно сигурни какви сѐ врски може да имаат науката и еден занает кој изгубил на значење во модерните времиња. „Кога бев тинејџерка, плетев за да се сложувам со мајка и баба ми. Ова е како остварување на сон за мене. Сето она што сум го учела и со што сум си играла како дете сега го претворам во нешто научно и ригидно, што би можело да има големи последици во науката со која се занимавам“, вели таа.

Како прв чекор, нејзиниот тим прави класификација на сите можни бодови, а во склад со математичката традиција на теоријата на јазли. Јазолот е замрсен круг – круг составен од јамки кои не можат да се размрсат. „Бодот во плетењето е цела низ јазли, еден по друг“, објаснува научницата. Редови и колони јазли формираат облик на решетки толку едноставен што е еквивалентен на структурата на кристал. Врз основа на теоријата на јазли, др. Елизабета Мацумото развива теорија на плетење: азбука на атомски бодови, речник на бодовни комбинации и граматика која владее со геометријата и топологијата на плетивото – растегливоста на ткаенината. 

Предивото само по себе е нееластично, но кога ќе се врзе во јазли се појавуваат различни нивоа на растегливост. „Само врз основа на два бода, две фундаментални единици, можеме да направиме цел низ ткаенини, а секоја од нив би имала единствени еластични својства“, вели таа. Теорија на плетењето ќе ги инкорпорира сите овие но и многу други морфологии на плетењето, како и намерни грешки во плетењето.

Тимот на Мацумото сака да контемплира околу тоа како обрасците на бодовите претставуваат код – покомплексен од бинарниот кој содржи само единици и нули – кој создава програм за еластичност и геометрија на плетената ткаенина. Михаел Димитриев, истражувач на постдокторски студии, работи на компјутерска симулација на плетењето, која подразбира внесуање на својствата на пелтивото и топологијата на бодовите во програм кој дава геометрија и еластичност според вистинската ткаенина. Првиот научен труд е одамна во фаза на изработка, а тој би требало да ги спореди Димитриевите симулации со рачните изработки на Мацумото.

Кога компјутерската симулација би била доволно прецизна, тврдат упатените во овој интересен проект, научницата ќе може да извлече равенки и алгоритми за однесување на плетивото, а кои подоцна ќе можат да се префрлат во графика за компјутерски игри или филмови. Во познатите анимирани филмови „Brave“ и „Monsters, Inc.“ се прикажани извонредни анимации на коса и крзно, но плетивото сѐ уште ги немало своите пет минути. Анимацијата на ткаенината сѐ уште не функционира глатко, а Мацумото се надева тоа да го промени.









Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото