Славно минато

06.07.2019 01:24
Славно минато

Непосредно по Втораа светска војна, Германците добивале бонови за храна и други производи дури откако ќе ги изгледале докумнтарните филмови за ужасите на концентрационите логори. Но фактот дека оделе да ги гледаат, како што истакнува Тони Џад (Tony Judt) во неговата книга за историјата на Европа по 1945 година (Postwar: A history of Europe since 1945) не значи дека навистина ги гледале. „Во темницата околу проекторот видов како многумина ја вртата главата од платното, веднаш штом ќе почнеше филмот“, напиша германскиот писател Стефан Хермлин (Stephan Hermlin), многу години подоцна. „Денес верувам дека таа свртена глава беше став на милиони“.

Додека претставникот на германската влада, по повод порастот за 20 отсто на злосторствата предизвикани од антисемитска омраза, им порачува на Евреите во својата земја дека не е безбедно да носат традиционална кипа „секаде и цело време во Германија“ и додека италијанската партија на крајната десница води на изборите за Европскиот парламент, би било добро да размислиме за корозивното дејство на ненамерното „заборавање“. Таквите сеќавања мора да се одржуваат пред сè од почит кон оние кои умреле и страдале. Но не само затоа: сеќавањето е клучно и за моралниот потенцијал и политичката виталност на сторителите. Едноставно е невозможно намерно да се „заборават“ стравичните работи што ги правеле и продолжиле со животот како тие да не се случиле и како никој да не ги забележал.

Темелно преработените приказни за тоа кои сме – непроверени и непоправени зашто така било полесно и поубаво, се појавуваат како пароли на безбол капите и плакатите. Ако не ви е јасно што значи „големина“ или како е стекната, тогаш, се разбира, сакате „Америка повторно да ја направите голема“ или на „Британија да ѝ ја вратите придавката Голема“.

„Борбата против нетолеранцијата, предрасудите, ксенофобијата и произведувањето недоверба и неслога“, која на овие страници ја опиша Гордон Браун не е „нова битка за Британија“, туку е истата онаа битка која трае со децении. Важно е да се разбере дека против верската заостанатост и лицемерието во оваа земја се бореле луѓе од сите раси. Исто така е важно да се разбере и тоа дека тие не се бореле против едноставно лошите луѓе, туку против лошиот систем, дека не победувале секогаш и дека тој систем сè уште постои.

„Суштинска особина на нацијата е дека нејзините поединци имаат многу заеднички работи“, пишуваше францускиот филозоф Ернест Ренан. „И дека многу работи ги заборавиле“. Но тие не забораваат пасивно или случајно. Не станува збор за тоа дека некои работи едноставни ни се лизнале од сеќавањето. Тие, активно, волно, намерно, селективно, целисходно се погребани. Не станува збор за временска оддалеченост. По потреба можеме да се вратиме наназад сè до 1066 година, до последната инвазија на Британија за да разјасниме кои сме и што правиме. Но некогаш ни измолкнуваат стравотиите на нашите логори во Кенија во текот на 50-тите години на 20-от век, нашиот удел во бенгалската глад во 1943 година и поновите настани како што е војната во Ирак.

Нашето колективно чувство на одговорност за тие настани и ангажирањето во нив подеднакво е превртливо. Луѓето велат „Победивме во војната“, иако не учествувале во неа или „Победивме на светското првенство“ иако тие не играле.

За да се идентификуваме со некој триумф, не мора да бидеме родени во времето кој тој се случил. „Ние“ имплицитно се сфаќа како прегратка која ги поврзува времињата, просторите и активностите. Но, речиси никој во истиот дух на заедништво нема да каже: „Силувавме луѓе“ или „Масакриравме луѓе“. Во тој случај „ние“ се сфаќа како обвинение, а индивидуалноста станува последното алиби. „Каква врска тоа има со мене? Тогаш не сум бил ни роден“.

Дури и ако ужасните работи биле сторени релативно неодамна, поединците ги порекнуваат, повеќе или помалку уверливо. Кога ги интервјуирал виновииците за геноцидот во Руанда , францускиот воен дописник Жан Хацфелд забележал дека тие го признавале своето учество кога од неформалното „ти“ ќе преминел на формалното „вие“, т.е. на множина. „Иао секој беше волен да зборува за своето доживување на геноцидот, сите чувствуваа потреба да се скријат зад разблажената синтакса“, пишува Хацфелд. Затоа моќта и славата имаат многу родители додека бруталноста потребна за да се стекнат и одржат, останува сираче.

„Се плашам дека сите страдаме од амнезија“, еднаш ми рече уругвајскиот писател Едуардо Галеано. Го прашав кој е одговорен за тоа. „Не станува збор за личност, туку за систем на моќ, кој секогаш одлучува во име на човештвото за тоа кој заслужува да биде запаметен, а кој да биде заборавен“, ми одговори.

Во последно време, тој систем работи прекувремено на двете страни на Атлантикот. Двете нации се трудат да ги „исперат“ воените злосторства и злосторници. Пред неколку недели, британската министерка за одбрана, Пени Мордант сесрдно се залагаше да се донесе закон за застарување на злосторствата што ги сториле војници во војна, освен во Северна Ирска, односно по 10 години да не може да се покрене судски процес. На тој начин би биле воведена амнестија за ветераните од војната во Ирак и Авганистан кои можеби сториле воени злосторства. Таа се залагаше и за излегување од Европската конвенција за човекови права во идните вооружени судири. Судењето за злосторства постари од 10 години би било дозволено само во „исклучителни околности“, кога ќе се појават нови уверливи докази. Како да убивањето и мачењето на недолжни цивили во странски, незаконски нападнати држави не е доволно „уверливо“. Судовите очигледно ќе бараат нешто „поисклучително“.

Во мај годинава, во Соединетите држави, Доналд Трамп го помилува Мајкл Бехена, војник осуден за убиството во 2004 година на Али Мансур, ирачки притвореник. Мансур бил уапсен и потоа испрашуван, врзан и со превез на очите, за поставување на импровизирана бомба која убила двајца војници од единицата на Бехена. Откако го ослободиле Мансур, војникот Бехена требало да го испрати до неговиот дом, но овој го однел на скриено место, го натерал да се соблече и го убил со огнено оружје. Подоцна рекол дека Мансур се обидел да му го одземе пиштолот.

Кон Бехена веќе се постапувало неверојатно попустливо, првичната казна од 25 години затвор е намалена на 15 години, а потоа, по 5 години на издржување на казната затвор бил пуштен на условно издржување на казната. Не е лошо за ладнокрвен убиец. Но на Трамп тоа не му беше доволно. Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс кажала дека Бехена бил „примерен затвореник“. Мајк Хантер, државен обвинител на Оклахома, кадешто живее Бехена, изјавил: „Се надевам дека Мајкл и неговото семејство ќе спијат мирно оваа ноќ, сигурни дека таа трагична ситуација останала зад нив“.

Можеме само да претпоставиме дека семејството на Мансур не спие мирно. Амнезијата е привилегија на моќните, но во секој случај, сепак сите мора да живееме и да умреме со последиците од своите чинови.

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото