1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Заглавени сте во мала просторија цели два часа додека со колегите смислувате план. Кога ќе излезете, забележувате дека во таа просторија било потопло и позагушливо отколку во останатиот дел од канцеларијата. Малите простории можат да се загреваат од нашиот здив, но и да се исполнат со јаглен-диоксид и други слични супстанци.
Неколку истражувања покажаа дека покрај тоа што одредени видови загаден воздух предизвикуваат рак и астма, можеби постојат и загадувачи чие негативно дејство не се рефлектира на нашето тело, туку на умот.
Зградите денес се далеку подобро затворени и заштитени од струењето на воздухот за да се намали потрошувачката на енергија за греење и ладење на просториите. Затоа, гасовите и другите супстанци кои ги испуштаат луѓето се задржуваат и таложат во просториите во кои престојуваме.
Повисоките нивоа на јаглен-диоксид - да речеме, над 1 200 ппм - често укажуваат на недоволно ефикасна вентилација. Загрижувачки супстанци испушта новиот мебел, опремата во канцелариите и теписоните, а тие лесно можат да се наталожат во воздухот.
Додека другите загадувачи на воздухот во затворени простории се поврзуваат со респираторните заболувања и карциномот, јаглен-диоксидот самиот по себе се смета за безопасен во овие количини.
Меѓутоа, вдишувањето јаглен-диоксид во повисоки концентрации отколку што би се очекувало да биде на работното место влијае, како што утврдија научниците, на ширење на крвните садови во мозокот а тоа ја намалува активноста на невроните и обемот на комуникацијата помеѓу различни делови на мозокот. Колкаво е влијанието на вообичаените количини на овој гас на мозокот, сѐ уште не е утврдено.
Пред десетина години истражувачите ги изложиле субјектите на концентрации од 600 ппм - релативно ниски за затворени простории - и 2 500 ппм. Откриле дека колку што нивото на јаглен-диоксидот во просторијата е повисок, испитаниците остваруваат полоши резултати на тестовите. Кога концентрацијата на јаглен-диоксидот достигнала 2 500 ппм, разликата била евидентна во однос на постигнатите резултати при изложеност на концентрација од 1 000 ппм.
Друга група испитаници во 2016 година шест дена ги решавала истите тестови додека концентрацијата на јаглен-диоксидот на која биле изложени, постојано се менувала.
Резултатите со концентрацијата на јаглен-диоксидот дефинитивно биле во обратнопропорционален однос: додека нивото на гасот растело од 550 ппм, преку 945, па сѐ до 1 400 ппм, резултатите на тестовите биле сѐ послаби.
„Согледавме навистина впечатливо и драматично влијание на јаглен-диоксидот врз способноста за донесување одлуки, а сѐ што направивме беше менување на квалитетот на воздухот во зградата“, вели Џозеф Ален, професор од Харвард кој го водел истражувањето.
„Уште поважно, ова истражување не е објавено во единствени, егзотични услови, туку во оние кои се својствени речиси за сите згради“, додаде Ален.
Без посебен сензор е невозможно да се знае на каква количина јаглен-диоксид сте изложени додека, да речеме, трае состанокот кој се пролонгирал. Меѓутоа, би можело да биде многу корисно да ја отворите вратата или прозорот секогаш кога ќе можете.
Илустрации: Cinta Vidal
Извор: The New York Times / International Report