1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 03:59
Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, денеска ќе положи свечена заклетва со што и официјално ќе стане новиот премиер на Грција.
“Ја преземам власта со сета одговорност кон грчкиот народ. Нема да ве разочарам. Сакате да одиме напред обединети. Малку сме за да се делиме“, рече во својот победнички говор Мицотакис. Тој најави дека парламентот ќе работи летово “затоа што иднината не смее да чека“.
По изборниот пораз пред новинарите се обрати и Алексис Ципрас.
„Граѓаните го направија својот избор и ние го почитуваме. Во мојот живот и во кариерата научив да се борам. Ако не се бориш нема да правиш ни грешки. Секој што се бори знае и како да победува и како да губи. Но најважно е да знае повторно да стане и да продолжи со борбата, тоа и ќе го сторам“, рече Ципрас.
Вака заврши изборната ноќ во Грција, на која беше прогласена голема победа на конзервативната грчка партија Нова демократија која освои 39,69 отсто гласови со што доби 158 места во Парламентот. Тоа значи дека за прв пат по 12 години самостојно ќе формира влада без да коалицира со други партии.
Сириза заминува во опозиција освојувајќи 31,60 отсто од гласовите со што доби 86 пратеници. Иако разликата меѓу двете водечки партии е 8 отсто, според грчкиот изборен закон, победникот добива плус 50 пратеници и оттаму е големото мнозинство што го добива Нова демократија.
Во новиот состав на грчкиот парламент нема да влезе екстремната Златна зора. Според аналитичарите нејзините гласови отидоа кај новата партија Елиники лиси (Грчко решение), која е формирана во Солун од Кирјакос Велопулос. Таа е десничарска партија која е силно против Преспанскиот договор.
Во парламентот влегува и партијата Мера 25 на поранешниот министер за финансии, контроверзниот Јанис Варуфакис. Тој освои 9 пратенички места. Трета партија по освоени гласови е Пасок, 7,91% со што доби 22 пратеници. Зад неа е Комунистичката партија со 15 пратенички места.
На овие избори кои се одржаа три месеци пред редовниот термин забележана е ниска излезност од околу 57 отсто од гласачите иако се законски обврзани да гласаат, но досега немало санкции за оние кои не излегле на гласање.
Извор: Независен.мк