Читајте им на децата: уметнички и поетски книги

08.07.2019 12:50
Читајте им на децата: уметнички и поетски книги

  

 За да развијат смисла за естетика и за да научат да уживаат во уметноста, децата треба рано да се изложат на различни уметнички содржини – да се водат на изложби на класични и модерни сликари, во нивно присуство да се слушаат разни видови музика, да се обидат да разберат како кој инструмент звучи, да им се купува разен прибор за цртање, боење, моделирање и да се пуштат самите да изработуваат слики или скулптури, да се гледаат често со нив играни, анимирани и документирани филмови прилагодени на нивната возраст и да им се пружат што повеќе сценски доживувања. Треба што повеќе да им се чита, пожелно е тоа да биде секој ден барем 15 минути, и притоа не треба да постои страв од неконвенционални четива, апстрактни, надреалистични, философски, поетски, уметнички. На децата можеме да им понудиме и книги наменети за возрасни бидејќи тие ќе ги збогатат нивните доживувања и ќе ги ослободат од предрасуди, треба само да се смисли начин да им се приближи содржината со која можеби и не се среќаваат често.

Истражувањата покажуваат дека раното уметничко образование кај децата го зајакнува нивното самопочитување, го олеснува снаоѓањето во општествени ситуации, ги подобрува когнитивните способности, креативноста, ја зајакнува внатрешната мотивација, желбата за истражување нови нешта и ја подобрува нивната способност за изразување, развивајќи им го речникот. Уметноста, на децата, како и на возрасните, им поставува прашања за животот. Колку и да е апстрактна, таа секогаш ни говори за нас бидејќи инаку би била страна и неразбирлива. Затоа разбирањето на приказните е поврзано со разбирање на нас самите – низ раскажувањето дознаваме повеќе за своите емоции, дилеми, интеракции со другите. Уметничките дела всушност ни овозможуваат да ја спознаеме својата заедничка човечност.

Во продолжение следат уметнички и поетски книги кај кои сликата и текстот одлично се надополнуваат и кои светот, но и нас самите, нѐ прикажуваат на еден изместен а сепак познат и едноставен начин.

ОВА Е ПЕСНА КОЈА ЛЕЧИ РИБИ
Жан-Пјер Симеон & Оливие Талек


Момчето Артур има рипка Леона која умира од досада. За да ја спаси, мајка му го советува да ѝ подари песна. Звучи едноставно – но Артур нема поим што е песна, па ги обиколува семејството и познаниците трагајќи по одговорот. Секој кого го сретнува песната ја дефинира на некој свој начин. Канаринецот му рекол:

„Песна ти е она
Кога зборовите ќе замавнат со крилјата“

Баба му му вели:

„Кога ќе го навлечеш,
мој Артуре, стариот џемпер наопаку,
тој ти е како нов.
Песната ги извртува и пресвртува зборовите
и оп, светот станува нов.“

Ова е песна која лечи риби на многу уметнички начин нѐ потсетува дека секојдневието е полно поезија, само треба да знаеме да ја препознаеме, а тоа значи да го гледаме светот со некои нови очи. На таквото очудено гледање се учиме од мали. Ако децата од прв пат не бидат фасцинирани со приказната, обидете се одново, евентуално читајќи ја во етапи, бидејќи на оваа количина убавина и зачудност можеби е потребно навикнување. Тука тестенините млитаво одговараат, устата може да ти биде полна со небо, зборовите можат да замавнат со крилја и можеш да чуеш како му чука срцето на каменот. Има полно магични зборови со нејасно значење кои е тешко и да се изговорат, како хеликон, плакар, родендендрон или канаринецот Аристофан. И на децата им е многу смешно што „затрескан“ всушност значи „заљубен“!

Оваа приказна нуди и многу теми за разговор: што е поезија, што е песна, како се викаат луѓето кои пишуваат песни а како оние кои пишуваат романи. Може ли во паркот да се чуе дали на каменот му чука срцето? Дали рибите пишуваат песни додека молчат и како би знаеле? При читањето обрнете внимание на предната и задната корица - на нив има чудникави букви составени од риби од кои можете заедно да склопите еден прекрасен збор!

ЗИМСКА ПОТРАГА
Мирослав Кирин и Мингшенг Пи

Дали може да ни здосади од премногу убавина - тоа нѐ прашува оваа сликовница од хрватскиот поет Мирослав Кирин. И ни порачува дека може! Сликовницата Зимска потрага сликовито ни ја покажува разликата помеѓу рутината и разиграноста, помеѓу секојдневието и лудизмот. Тоа е приказна за животинската заедница во која сѐ било преубаво, постојано убаво, и постојано исто, па тоа на животните им здосадило и одлучиле во своите денови да внесат промена.

Сликовницата говори за неопходната разноликост на животот, но тоа е и ода на заедништвото, бидејќи животните многу сложно решиле не еден проблем туку дури два – прво креативно смислиле како да ја протераат досадата, а потоа издејствувале и промена на годишното време за да си играат онака како што сакаат. И тука започнува лудизмот – волкот со лисицата ќе заигра хокеј, пеперутките ќе се лизгаат по замрзнатиот поток, а вервериците ќе се спуштаат на скии по стеблото.

Ова е медитативна приказна за минливоста на животот, годишните времиња, со својата зен-атмосфера потсеќајки по малку на пикторескниот поетски јужнокорејски филм Пролет, лето, есен, зима (Ки-дук Ким, 2003). Зимска потрага не е само поетична и медитативна приказна – таа всушност и самата е позија иако содржи и приказна. И е одлична прилика на децата да им се привлече внимание на тоа дека поезијата не треба да се римува и дека добрата поезија често не се римува.

Илустрациите на Мингшенг Пи, наградуваниот јужнокорејски сликар кој со години живее во Загреб, се прозрачни и минималистички, но многу ефектно го надополнуваат поетскиот смирувачки тек на приказната. Се добива впечаток како потезите на четката да си играат со белината на хартијата а особено се впечатливи деловите од текстот во кои важни зборови се истакнати со боја и краснопис.

ШТО СЀ: Илустрирана енциклопедија на глаголи
Николина Манојловиќ Врачар

Што сѐ спаѓа во сликовници? Која е границата помеѓу книга за возрасни и за деца? Тешко е да се каже. Штом малку ќе пораснат, децата, но често и возрасните, за жал го креваат носот пред сликовниците како да се нешто наменето за оние помалите. Малите деца, пак, на дебелите тврдо вкоричени книги без боја гледаат како на нешто што веројатно не е наменето за нив. Треба да се користи секоја прилика за разбивање на тие предрасуди и оваа книга е идеална за тоа. Дебела, тврдо вкоричена, илустрирана исклучиво во црна боја, ова прекрасно издание донесува волшебна поезија за секоја возраст.

Нина Манојловиќ Врачар е сестрана авторка, сликарка, работела во циркус и на Хрватската телевизија долго ја водела емисијата „Аголот на Нина“ („Ninin kutak“) каде покажувала како да се направи нешто ново од секојдневни предмети. Книгата песни Што сѐ: илустрирана енциклопедија на глаголи, опишува што сѐ бега, што сѐ боде, лади, трепери, се бранува или се лупи. Со игрива рима, неочекувани метафори па и магични измислени зборови, овие песни нѐ воведуваат со некој друг свет, објаснувајќи ни го лесно но не и банално, едноставно но не поедноставено. На децата им пружа мноштво прилики за вежбање синоними и суптили јазични разлики: што сѐ капе, шприца, шртчи...

Авторката самата ја илустрирала со црно-бели цртежи. Исцртани со тенки линии, дебели, богати повлекувања со четката, текстури или отпечатоци, овие цртежи ги следат глаголите кои песните ги опишуваат. Таму каде сѐ се бранува цртежот е прозрачен и воден; таму каде сѐ чкрипи се добива впечаток дека црните линии се изгребани од нокти по стаклото, а таму каде сѐ нагризува ќе забележите ткаенина. Поради своите естетски вредности во 2018 е избрана за една од најубаво обликуваните хрватски книги.



Извор: Moderna vremena

ОкоБоли главаВицФото