Викендот кога Скопје требаше да биде горда метропола

09.07.2019 12:13
Викендот кога Скопје требаше да биде горда метропола

Адолф Хитлер ја подели уметноста на „дегенерирана“ (изопачена) и „голема германска уметност“. Во редот на „дегенериците“ беа: Василиј Кандински, Аугуст Маке, Франц Марк, Алексеј фон Јавленски, Ернст Киршнер, Емил Нолде Макс Пехштајн, членовите на Баухаус, Оскар Кокошка, Кати Ковиц, Ото Дикс, Георг Грос, Макс Бекман, Ел Лисицки, како и Марк Шагал, Пит Мондријан, Џејмс Енсор, Анри Матис, Анри Русо, Пол Гоген, Пабло Пикасо, ван Гог. На изложбата на „изопачената“ уметност одржана 1937 година, во Минехен покрај секоја слика стоел навредлив коментар, а делата биле поделени во секции според темите: перверзија, физичка болест, лудило, проституција, инвалидитет, јудаизам, кретенизам ...

Само пред неколку години, овде во Скопје, на некоја од локалните телевизии, еден што се претставуваше како уметник објаснуваше зошто апстрактната уметност е „лоша“ наспроти фигуративната која е „добра“. Денес, во втората деценија на 21 – от век, едно уметничко дело изведено во Музеј на современа уметност се нарекува „навредувачко“. Социјалните мрежи зовреа откако се појави фотографија од перформансот што беше доволно нашите современици да се наредат во истата линија со оние што ја измислија изложбата на „дегенерираната уметност“ во 1937- та година. Опасно. Многу опасно.

За конзервативноста, провинцијалната хомофобичност во комбинација со опасните фашистички повици дека уметничкото дело е „навреда“ и најдиректниот говор на омраза предизвикани од перформансот на Рон Ејти, „Акефално чудовиште“ изведен на 7 јуни во Музејот на современа уметност – Скопје се искажаа многу ставови, но се заборави дека тој, покрај Марина Абрамовиќ и можеби уште неколкумина други, веројатно е еден од најзначајните светски уметници на перформансот од крајот на 20 –от и почетокот на 21 – от век, уметник кој во изминатите четириесетина години ја испиша историјата на перформаносот и боди арт. А и тоа дека по Њујорк, Скопје е меѓу првите градови во Европа кадешто се изведува ова дело.

И дека наместо „навредени“ веројатно посоодветно ќе беше да бидеме горди што барем за еден викенд или два, нашиот главен град застана во редот на светските метрополи според квалитетот на уметничките настани што ги овозможи седмото издание на Викенд на гордоста, фестивалот на квир култура и уметност во организација на Коалицијата Маргини и Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет, годинава, со носечката тема Glittering Wounds („Светкави рани“).

За главната тема на фестивалот, кураторот Славчо Димитров, кој, од година во година, осмислено содржински го надградува фестивалот создавајќи рефернтни точки кои ќе бидат тешки за надминување, вели дека целта на серијата настани била да создадат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети, што во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни...

„Годинашната фестивалска тема произлегува од погледот кон историјата на квир (настраните) животи како историја на солзи. Квир историјата е историја на загуби. Историја на срам, исклучување, хомофобија, трасфобија, оплакувања, страдање, болка, депресија, меланхолија, страв и загуба. Сето ова е впишано во името – настрани (queer). Она што е означено кога реферираме на историјата на загуба е телесната изложеност и лишувањето од она што претставува најсвојствен извор на бивствувањето – релациите. Историјата на загуба е и поништувањето, бришењето и прекинувањето на квир релациите од историографијата. Загубата е загуба на еднаквиот пристап до релации со и на сопственото тело, на телото со светот што го споделува и чијшто дел е, на телото со целиот спектар на културни означители, комодитети и производи на човековиот труд. Загубата е загуба на можностите за изненадувачко изложување и влегување во релации и учество во споделениот и заеднички свет. Она што овие загуби го изложуваат е нееднаквата експлоатација и насилството врз телесната изложеност, што е конститутивна за сите нас еднакво, односно како врз нечија телесна отвореност е впишана средината во која живее“, пишува Димитров и додава: „Нашите рани светкаат гламурозно како молњи на отпорот!“.

И каква случајност, или можеби не (бидејќи делото говори и за фашизмот меѓу другото) - на самиот почеток на перформансот, составен од пет сцени или чинови, во затемнетата просторија во Музејот, на сцената излегува лик што според движењата и појавноста наликува на Хитлер кој кажува: „Веќе е доцна да се биде разумен или образован, време е да започнеме војна, потребно е да се стане сосема поинаков или да престане да се биде...“

Перформансот „Акефално чудовиште“ (Концепт и изведувач: Ron Athey, режија: Sean Griffin, звук: Opera Povera, уметнички директор, маски: Hermes Pittakos, перики: Christian Warren Landon, или The Wig Daddy, видеографија: Graham Kolbeins, светло дизајн: Antígona González, видео дизајн: Robin A. Ediger-Seto) е комплексно, слоевито дискурзивно уметничко дело, кое треба да се чита полисемично и кое се занимава и деконструира неколку значајни, а пред сè, исклучително актуелни историски, политички и идеолошки наративи. Референците на Жорж Батај и на Фридрих Ниче се клучната основа за читање на делото. Но, можеби овојпат е позанимливо доколку тргнеме во обратна насока: запознавајќи го уметникот - да го разбереме неговото дело.

Висок, облечен во црно, со сериозни тетоважи и една особено трогателна – истетовирана солза на десното око, опкружен со својата придружба е слика на славен уметник, сè додека не проговори со благ, но цврст глас, директен и кога се работи за најтешките лични искуства, на моменти со иронична дистанца од тоа што го кажува.

Рон Ејти секогаш бил и е провокативен, можеби едно од „најозлогласените“ имиња во перформативната уметност, повеќедецениски „хулиган“ во очите на културните конзервативци (особено по перформансот на 4 март, 1994 година во Минеаполис, САД, кога според локалните и подоцна националните медиуми, публиката била изложена на директен контакт со ХИВ позитивна крв, што потоа покрај судските процеси, како што самиот изјавува придонело да биде на црната листа на уметничките фондации во САД). бескомпромисно борејќи се и користејќи го сопственото тело и неговите граници во таа борба. Меѓутоа, неговата борба не е само за неговото тело, или воопшто за телото, туку станува збор за телото на текстот, музиката, интимноста, човечката заедница, па дури и за боженственото, или, барем за борбата против нихилизмот. Рон Ејти, може слободно да се каже, е најголемото име на квир перформансот со фокус на траумата, ритуалот и отпорот.

Неговата уметничка кариера е обележана и со цензурата и неможноста да работи во САД, заради што голем дел од неговите дела се презентирани во Европа и особено во Лондон. Етји успева беспрекорно да ги стави на едно место личните и историските кризи и нивниот афективен полнеж да го преживее низ и врз сопственото тело. Оттаму неговите дела секогаш се обоени со неговите лични и политички искуства, почнувајќи од фундаментализмот на семејството и опкружувањето во кои израснал во Калифорнија, евангелизмот чијашто визуелна естетика и афективен тон се присутни во неговите дела, историјата и личното искуство на растење со мајка болна од шизофренија , зависностите од дроги, ХИВ искуството во периодот на најтешката криза на болеста, културните практики во коишто учествува – сето тоа може да се исчита низ телото, болката и раните што се постојано присутни во делата на Рон Ејти.

Почетоците на уметничкото дејствување на Етји датираат некаде од првата половина на осумдесеттите години, во контекст на андерграунд музичката сцена во Лос Анџелес, како дел од дуото со Роз Вилијамс од бендот „Christian Death“. Во 1990 година, за време на епидемијата со сида, почнува со изложување на индивидуални и групни дела во уметнички простори како LACE, PS122, Highways, Галеријата „Рандолф стрит“ и Институтот за современа уметност во Лондон. Неговите три влијателни дела од трилогијата „The Torture Trilogy“ всушност претставуваат меморијали за сидата и природата на заздравувањето – навлегува во историските архетипи на религиозното сликарство и богопоклонение. Содржински, ја обработува смртта и можните начини на лекување. Делата на Ејти во деведесеттите години биле изложувани ширум светот, при што одредени теми, на пример таа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот, преиспитувајќи ги границите на уметничката практика.

Во 2013 година беше објавена монографија за неговите дела „Pleading in the Blood“. Во 2005 и 2018 година соработува во експериментални оперски проекти со сопранистката/музиколог Џулијана Снапер, и Шон Грифин, оперски композитор. Во 2018 година се случува премиерата на „Gifts of the Spirit“, опера создадена од автоматско пишување во слоеви во реално време.

Соочувајќи се со денешната Америка на Трамп и со подемот на фашизмот, инспирацијата за последното дело, што публиката во Скопје го виде на Викендот на гордоста е од Жорж Батај, кој во 1933 година заедно со група француски интелектуалци, во Париз го формираат тајното друштво „Акефал“ и чија цела била да со помош на ритуали и филозофски расправи да се борат против фашизмот во пресрет на Втората светска војна.. Освен Батај и Ниче, во перформансот тој гради нови ритуали на болка и отпор, користи и текстови на поетот Brion Gysin и на музичарот Genesis P-Orridge. Низ петте фази тој е и Минотаурот и Хитлер и Луј 16-ти и Дионис и Распнатиот кои влегуваат во ерата на „смртта на бог“ на Ниче. Нарушувањето на така воспоставениот систем е единствениот излез.

Обезглавеното чудовиште е силен симбол на радикална трансформација, движечката сила на сите дела на Ејти. Во таков контекст една од можните пораки на делото што го видовме во МСУ е дека обезглавеното чудовиште ( она кое ги изместува границите на нормативното), денес е потребно повеќе од кога и да е, во време кога е во подем насилството на ултрадесничарските и фашистички движења ширум светот, на авторитарните популисти и на девастирачките политики на неолибералниот капитализам. Акефалното чудовиште удира врз темелите на западната метафизичка и политичка традиција во која монархот, суверенот, партијата, субјектот владеат со мноштвото во име на разумот и цивилизацијата. Минотаурот морал да биде убиен во име на цивилизацијата и мажот што контролира и ги поставува нормите...

„Почнав од текстовите на Жорж Батај за Ниче и неговатo ‘Бог е мртов’, потоа Дионис наспроти Распнатиот, текстовите на P-Orridge: ‘митологијата не е само архаично знаење, туку е жива актуелност на човечките битија’. Тоа ме инспирираше да го воведам Минотаурот, интерпретирањето на езотеричните традиции ме интересира повеќе од кога и да е, но исто така и слоевите на идентитетот, политиката, боди артот, половите акти, пандемијата на СИДА, полемиката околу крвта, еден вид на деконстуирани мемоари“, рече Рон Ејти на разговорот со Дел Лагрејс Волкано на тема „Квир уметност, политика и тела“.

Прашан за политичка порака на неговото дело, Ејти вели: „Сведочиме на време во кое се исцрпени политичките можности за дејствување без оглед дали припаѓате на десниот или на левиот камп. За луѓето е веќе вообичаено да размислуваат или си со нас или си против нас. Како да не постои лично искуство, како да не постои нешто што е новооткриено или како веќе да не е дозволено да имате искуство поинакво од другите“.

Заедно со Дел Лагрејс Волкано говореа за пресијата на социјалните мрежи и на медиумите за тоа како луѓето треба да размислуваат. „ Во времето на промените, едноствано беше неопходно да се биде дел од сцената која беше андерграунд, контракултурна, онаа за кое мејнстримот мислеше дека е валкана зашто е од другата страна“.

Во пријатната и гостољубива атмосфера на кафулето „Шортбас“ - уште еден од серијата инспиративни настани на седмиот Викенд на гордоста беше промоцијата на книгата „Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин, во извонреден превод на прерано починатиот Огнен Чемерски и во издание на „Темплум“. Станува збор за книга во која хомосексуалноста се разгледува како општествена и културна практика. Авторот, професор на Универзитетот во Мичиген, рече дека вистинската тема на неговата книга е односот помеѓу сексуалноста и културата.

„Како сексуалсноста на една личност може да ги определи неговите избори на објекти, неговите културни избори е толку тешка, толку широка тема што никогаш не би помислил да се зафатам со неа, но она што ме натера сепак да ја напишам оваа книга е што предавав на Универзитетот во Мичиген и чуствував одговорност да напишам нешто посериозно од она што дотогаш го имаа студентите. Во фокусот на книгата се карактеристиките според кои геј културата се разликува од другите култури и спцификите со кои допринела за културата“, рече Халперин.

„Изданието „Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин, капитално дело во квир теоријата, на македонски јазик, претставува исклучително важен придонес кон нашата културна сцена на бројни нивоа. Се работи за длабинска, опсежна и особено чувствителна анализа на квир културата која има за цел да помогне во расветлување на природата и обликувањето на субјективитетот на геј-мажите, храбро и пркосно присвојувајќи ги токму најкритикуваните аспекти на нивното општествено (а не индивидуално) односно културно (а не сексуално) бивствување. Оваа енергична студија нуди зграб на нови алатки на отпор, возбудливи и важни увиди за општествено-културните процеси и поттик за повеќеслојно интелектуално и емотивно ослободување“, пишува Огнен Чемерски.

Дополнително, преводот на Огнен Чемерски прецизно го доловува колоритот на квир мислата и терминологијата и неговите остри решенија претставуваат предизвик сами по себе. Книгата, со извонреден дизајн на Кома, ја претставија Славчо Димитров, издавачот Никола Гелевски и Румена Бужаровска. 

Изложбата и проекцијата на фотографии од Дел Лагрејс Волкано насловена „Љубов, копнеж и завештание: 40 години квир служба посветена на каузата“ можеше да се проследи во „Шортбас“, како дел од поопуштениот дел на Викендот, иако големата изложба на еден од водечките квир културни творци имавме можност да ја видиме минатата година во Музејот на современа уметност во Скопје, како дел од минатогодишното издание на Викендот на гордоста.

„Се работи за фотографии направени во период од четири децении на луѓе кои егзистираат надвор од биполарните бинарности на полот и родот. Сликите не претставуваат само документи за едно „квир време и место“ туку и исконски завештанија на љубовта, копнежот и страсната желба да им се пркоси на силите што настојуваат да нè уништат, не нè почитуваат и деактивираат“ вели Дел Лагрејс Волкано.

Во Кино Култра го видовме родово флуидниот перформанс на Бојчајлд (boychild) „Танц на раце без наслов“ - дваесетминутниот перформанс изведен само со раце, во целосен молк и тишина, испрекинати само од дишењето на уметникот. Еден месец претходно делото беше презентирано и пред публиката на 58. Венециско биенале, во рамки на програмата „Meetings on Art“, и за кое британското онлајн списанието „galerie magazine “ пишува дека се работи за дело што ги исполнува високите очекувања.

Суптилниот и силно нијансиран перформанс во Скопје како да ја стопи границата меѓу гледачот и изведувачот и имаше такво дејство што публиката како да дишеше заедно со Бојчајлд, На двете страни на сцената немаше ниту едно непотребно или одвишно движење или звук. Миг на кршлива колективност и квир трансверзалност. Дали беше тоа знак на неочекувано но потполно разбирање, овде и сега?

Бојчајлд со своите перформанси настапува на МоМа ПС1, Музејот на модерна уметност во Сан Франциско, Музејот на современа уметност во Чикаго, Куќата на културата (Kulturhuset) – Стокхолм, Музејот на современа уметност во Лос Анџелес, Варшава, Музејот „Стеделијк“ во Амстердам, Институтот за современа уметност во Лондон, Музејот на современа уметност „Мигрос“, Музејот на современа уметност во Барселона, Биеналето во Сиднеј и Бергхајн.

Веднаш потоа беше изведен перформансот „Можеби се работи за нешто минимално“, во кореографија на Викторија Илиоска, Макс Шмирзиц и Патрик Форо.

За крај на првиот дел од Викендот на гордоста, малата сцена на МКЦ беше местото каде се случи уште еден експлозивен перформанс насловен „Аут“, на наградуваните Рејчел Јанг и Двејн Ентони, во изведба на Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкрај.

Се работи за моќно кореографиран и совршено изведен предизвик за хомофобијата и трансфобијата особено на Јамајка и во другите карипски заедници. Двајцата танчери до границата на издржливоста ги повоторуваа движењата, но успеваа да пренесат неверојатен спектар на чувства од болка и страдање до хумор и иронија. Совршено подготвени, прекрасно и неумоливо субверзивни, црни и квир.

Седмото издание на Викендот на гордоста продолжи со веќе традицоналниот настан на раскажување квир приказни од серијалот ПичПрич - „Срамота“ со модераторките Румена Бужаровска и Ана Василева и годинава со учесниците: Наташа Мешковска, Предраг Јовановски, Биљана Секуловска, Мирко Попов, Јелена Благојевиќ и Гуѕим Нухиу. Станува збор за еден вид наративен отпор преку јавно трансформирање на срамот во хумор.

На 15 јуни се одржа и последниот настан од Викендот на гордоста со спектакуларно Дрег шоу (Берлин-Скопје-Белград) со Пенси, како главна ѕвезда што пристигна од Берлин и уште 12 други фасцинантни дрег уметници. Пенси, кој го сфаќа дрегот како алатка за општествената правда и ги промовира телата и гласовите на другите женски, транс и не-бинарно идентификувани уметници, силно повика „ние сме и вајари и сликари... треба да се прави што се сака со себеси, да се сака секого, да се биде сенешто...Заедно ќе го направиме светот многу поубаво, поразнобојно и место со повеќе љубов!“.

И иако во тие неколку денови имавме време и инспирација да размислуваме за политиките и насилството на хетеронормативноста, за Другиот, за телата на отпорот – се чини дека на Скопје ќе му бидат потребни уште многу вакви викенди.

Или како што ќе рече Славчо Димитров одговарајќи им на „навредените“: „Во силата на вашата анксиозност, параноја и омраза наоѓаме само поттик повеќе да експлодираме од смеа, бесрамно, во лицето на нормалноста за која сте спремни да убивате. А во раните на нашите тела гледаме отвори преку кои градиме релации на отпор, заедници од кои зазираат кревките темели на вашите идентитети!“

Фотографии и видео: Соња Ставрова, Наташа Гелева, Коалиција Маргини

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото