Грција (седум песни)

09.07.2019 15:25
Грција (седум песни)

 

 

Перспектива

Нашите куќи се изградени врз други куќи праволинејно, од мермер,
и тие врз други. Темелите нивни
се држат врз главите на исправени статуи, со одлушнати раце.
Така, колку и да се ниско, во полето, под маслините, укрепени нашите колиби,
мислиш дека живееш високо, и те осветлува одоколу ветрот
или напати мислиш дека си надвор од куќите, дека немаш
никаква куќа, и се пореваш угол гол,
самотен под едно небо ужасно сино или бело,
и една статуа, понекогаш, лесно ја става својата
рака врз твоето рамо.


Грција

Испокршени лози, камење, сувогорица, стомна,
нивчето запуштено. Куќата со години заклучена.
Вангели оттогаш не е вратен. Зад трлото се ѕирка
делче од морето, темносино. Некогаш,
во тешки времиња, го продаде својот црвен дорија
со бела ѕвезда над левото око. Перо на галеб
падна на макијата. Пред портите отспротива
старичка: „Со такви некои ситници“, рече,
„излегуваме на крај со животот, синко“.
Човекот не одговори. Се загледа некаде;
се прекрсти и зачекори напред, сакајќи
да ѝ ја целува раката на старичката или, пак,
она перо да го допре...

Некрографија

Откако зајде сонцето - покојниците ги донесоа на брегот.
Некој отсјај, позлатен, виолетов и розов, се ширеше
наоколу, по целиот лак на брегот.
И беше чудно - тој сјај и тие лица - воопшто не беа
мртви; особено нивните тела, млади и силни
намачкани со миризливи масла, посоодветни за љубовна
постела. Горе, во шаторите
свиреше заборавено радио.
Триумфалниот марш јасно се слушаше и тука,
додека последниот отсјај на залезот пурпурен
гаснеше врз ноктите на Евмеловите нозе и на неговиот штит.


Древен театар

Кога напладне, на сцената од древниот театар
се покажа младич, убав, како древен Елин,
но не знаејќи за тоа, и извика
(не од восхит - восхитот тој не го чувствувал,
а ако веќе го почувствувал - не го покажуваше)
и извика, и се радуваше на младоста ли,
за да ја провери чујноста ли,
та од ридовите одекна ехо - грчко ехо.
Тоа не се имитира и не се повторува,
тоа само продолжува во бесконечните височини
вечен како на громовите, звук на дитирамбот.

Асоцијација

Тој рече „Котва“ - не во смисла на потпирање
или како идеја на општење со длабочината - ништо слично.
Довлечка една котва во својата одаја
и ја закачи за таванот, како полилеј. Сега, легнат, во ноќта
ја гледаше таа котва во центарот на таванот знаејќи
дека вертикално над таванот продолжува нејзината верушка
и придружува високо над неговата глава
среде спокојната површина еден голем, мрачен, импозантен кораб со изгаснати светла.
На палубата од коработ еден беден музикант
си ја извади виолината од футролата и започна да свири.
И тој со внимателна насмевка ја слушаше
мелодијата, пречистена од водата и од месечината.


Степенување на чувството

Потона сонцето алово, портокалово. Морето е
темно синозелено. Далеку еден чамец -
една црна, колеблива дамка. Некој
стана и извика: „Еден чамец, еден чамец“.
Другите, во кафеаната, ги напуштија столовите, погледнаа.
Навистина, тоа беше еден чамец. Но тој што извика,
како виновен сега, под дивите погледи на другите,
ја наведна главата и тивко рече: „Ве излажав“.


Чекаме

Во нашиот дел од градот веќе се смрачува.
Не можеме да заспиеме. Чекаме да се раздени.
Чекаме сонцето да удри како чекан
врз ламаринениот покрив на складиштата,
по челото да нè удри, по срцето,
да се престори во звук, за да се чуе
еден поинаков звук, зашто
тишината е полна со пукотници од незнајни страни.

Слики: Theophilos Hatzimihail (околу 1870-1934)
Избор: П. В.
Превод: Паскал Гилевски

Јанис Рицос (грчки: Γιάννης Ρίτσος; 1 мај 1909 - 11 ноември 1995) — грчки поет и лауреат на Струшките вечери на поезијата во 1985 година.
Рицос е роден во Моненмвазија, на југот на Пелопонез, а рано останал без родители. Според некои кажувања, уште во седмата година од животот започнал да пишува стихови. Исто така, покажувал голема склоност кон сликарството и кон театарот. За време на Граѓанската војна во Грција, во 1948 година, бил заробен и затворен на островот Лемнос, а следната година бил преместен на островот Макронисос. Таму, бил во заробеништво со композиторот Микис Теодоракис, кој компонирал музика на стиховите на Рицос. Во периодот 1948-1952, Рицос бил повеќепати затворан во разни логори. Подоцна, за време на владеењето на воената хунта, повторно бил апсен и затворан, а во 1970 година бил ставен во домашен притвор на островот Сам.
Рицос бил пријател со Пикасо, а кога Пабло Неруда го поканил да гостува на меѓународниот поетски фестивал во Лондон, диктаторскиот режим му забранил да патува во странство.
Јанис Рицос се смета за еден од четворицата најголеми грчки поети на XX век, заедно со Костис Паламас и нобеловците Јоргос Сеферис и Одисејас Елитис. Францускиот поет Луј Арагон еднаш има речено дека Рицос е „најголемиот поет на нашата епоха“, додека нобеловецот Франсоа Моријак рекол дека „делото на Рицос му чини чест на целото човештво“.

ОкоБоли главаВицФото