Исповедта на убиецот

27.10.2010 14:11
Исповедта на убиецот

Книжевникот и публицист Јозеф Рот (1894-1939), се родил на крајната периферија од поранешната Австро-унгарска монархија, во малото место покрај Бродиј во Волинија, источна Галиција. Јозеф Рот е син на сиромашна еврејска девојка од Галиција, а татка си никогаш не го видел. Неговите роднини му овозможиле да заврши гимназија во Бродиј. Во Лвов и Виена студирал филозофија.

На почетокот на Првата светска војна Рот бил прогласен за неспособен за воена служба, но во 1916 г. сепак некако успеал да биде примен како доброволец и да биде испратен на фронтот, токму во Галиција, каде ќе падне во руско заробеништво. По завршувањето на војната се враќа од заточеништвото во Сибир и, најпрвин во Виена, а потоа и во Берлин работи како новинар. Подоцна се преселува во Франкфурт каде посебно ќе бидат забележани неговите фељтони и патеписни репортажи во весникот Frankfurter Zeitung. По налог на уредништвото на весникот Рот патувал многу, и одреден број скици, статии и медитации настанати по кафаните и хотелите на големите европски градови ги објавува во 1930 година под насловот „Паноптикум“.

Со доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година Рот заминува во емиграција, најпрвин во Австрија, а потоа во Париз. Живеејќи во беда и оддавајќи му се на алкохолот поради очај, Рот починал во една болница за сиромашни во Париз.

И во политички поглед Рот завршува необично. Развивајќи во младоста револуционерни мисли, делумно социјалистички, а делумно анархистички, тој на крајот застапува некаков хабсбуршки легитимизам, крајно конзервативен, залагајќи се за најнеспроведливите аргументи, за најанахроните идеали на хабсбуршкото црно-жолто гледање на светот. Но треба и да се има разбирање за ваквиот став: неговиот социјализам, инфициран од анархизмот, бил израз на бунтовната младост, на желбата за утопистички хуманизам. Како Евреин, презрен и прогонуван од нацистите, тој копнеел по оние средени прилики, по онаа света сигурност на стара Австрија во која Евреите имале свои права и свои должности, и во која се чувствувале како граѓани на многунационалната заедница.

Од 1920 година, покрај своите редовни прилози во весниците, Рот почнува да објавува и поголеми прозни дела: романи, новели и пообемни есеи. Анализирајќи го неговото книжевно творештво, одредени историчари на книжевноста се обидоа да го сместат во предвесниците на неореализмот и во лирски расположените неоромантичари. Меѓутоа, како и сите книжевници со сигурен писателски инстинкт, тешко е да се класифицира Рот. Способноста за остро иронично набљудување на стварноста и силата на епското раскажување живеат во него напоредно како природни и комплементарни дарови на неговиот талент. Затоа можеби е најдобро ако кажеме дека Рот е продолжувач на традицијата на виенскиот роман, со тоа што во неговите дела се одразуваат и влијанијата на руските и француските реалисти од 19-от век, како и здивот на древните еврејски легенди. Неговиот епски опус е осенчен, пред сè, од носталгијата по онаа Австрија која исчезнала од геофрафските карти, но која бавно исчезнувала од свеста на луѓето. Меѓутоа, тоа дело истовремено во себе носи и одеци на животниот став на нејзините поданици кои сакале и умееле да уживаат во сите радости на животот. Сеќавањето на одредената нивна лекомисленост е испреплетено со смислата за трагиката на еврејството и со чувството за космополитизам, кое не знае за граници меѓу народите. Сиве овие елементи го обликувале делото на Рот кое се наоѓа некаде на средината помеѓу привидната гротеска и вистинската тага, меѓу сентименталноста која го плени читателот и остроумноста која надмоќно разорува. Благодарение на способноста во вистинскиот миг да им одолее на чувствата, наспроти својот конзерватизам, Јозеф Рот сепак успеал да даде критичка слика на времето во кое живеел.

Романот „Исповедта на убиецот“, напишан во 1936 година, многумина го сметаат за најзрело уметничко остварување на Рот, кое е посебно карактеристично за неговиот стил и начин на раскажување. Како и другите јунаци од романите на Рот, и Семјон Семјонович Голупчик е осуден на пропаст. Слабакот кој е опседнат од жена го упропастува својот живот. И во ова дело ги среќаваме меланхолијата, насетувањето на неизбежниот крај и смртта, како и нурнувањето во словенскиот свет, кои се толку карактеристични за Рот, и со што тој ја збогатува германската книжевност.

Очекувајте ја книгата наскоро во книжарниците, во издание на Темплум.

ОкоБоли главаВицФото