Меѓународни возови премалку, граѓаните мора да плаќаат поскапи автобуски карти

10.07.2019 01:22
Меѓународни возови премалку, граѓаните мора да плаќаат поскапи  автобуски карти

Македонија е една од ретките европски земји каде меѓународниот железнички сообраќај е пред замирање. Покрај отсуството на експресни возови кон поголемите градови во текот на целата година, за граѓаните не се воведени ниту прекугранични возови кон Србија, Грција и Косово.

Жителите од пограничните градови се приморани да плаќаат поскапи автобуски билети, поради фактот што националните железнички управи имаат организирано патнички возови само до граничните места на нивната територија.

 

Од меѓународни возови во моментов сообраќа единствено експресниот воз кон Солун и Белград, кој ќе биде активен до 16 септември. Воедно, меѓу Скопје и Приштина сообраќа само еден воз дневно. Податоците од возните редови на соседните земји покажуваат дека постои потенцијал за воведување локални поврзувања. „Србија воз“ одржува два пара патнички возови меѓу Ниш и Прешево, додека Железници на РСМ – Транспорт организираат четири пара возови дневно меѓу Скопје и Табановци. Но, и покрај ова, нема ниту еден пограничен воз што би ги поврзал двете земји.

На јужната граница, грчката компанија „TrainOSE“ одржува 3 воза дневно меѓу Солун и Лерин, додека македонската железница сообраќа со идентичен пар возови меѓу Скопје и Битола. Следствено на ова, постои можност за воведување пограничен воз меѓу Битола и Лерин, но нема интерес за ваков чекор. Конечно, косовската железница „Траинкос“ одржува 2 дополнителни линии меѓу Приштина и Хани и Елезит, но овие возови не ја минуваат македонската граница.

„Мета“ испрати прашања за можноста за воведување прекугранични возови меѓу Србија и Македонија до двете железнички компании. „Србија воз“ не одговорија на нашето барање за информации. Од „Железници на РСМ – Транспорт“, пак, велат дека преговорите се во тек.

„Преговорите околу компромисно решение за поместување на трасите на редовните локални патнички возови во двете земји се во тек. Постои проблем околу изнаоѓање на прифатливи слободни траси што треба да се вклакулираат во возните редови на двете железнички управи“, велат од „Железници на РСМ – Транспорт“.

Во случајот на Србија, возниот ред на тамошната железница покажува дека погранични возови секојдневно сообраќаат меѓу Димитровград и Софија со Бугарија, меѓу Сомбор и Ердут и Богоево и Осиек со Хрватска, како и меѓу Краљево и Косовска Митровица со Косово. Оттука, нејасно е зошто не постојат вакви прекугранични возови и со нашата земја.

Актуелните возни редови на автобуските компании покажуваат дека постои интерес за патување на пократки релации. Меѓу Скопје и Ниш сообраќаат по 8 автобуси дневно, по повратна цена на картата од 1.050 до 1.150 денари. За идентичната релација со воз се плаќа 849 денари, но единствениот воз сообраќа само во летниот период.

Како резултат на укинувањето на возовите, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат континуирано намалување на бројот на патници во меѓународниот железнички сообраќај. Ако во 2011 година со воз во странство патувале 13.643 лица, минатата година со железница биле превезени само 7.385 патници.

Извор: Мета

 

ОкоБоли главаВицФото