Победа на клиентелизмот

10.07.2019 13:43
Победа на клиентелизмот

 

 

На изборите во Грција победи Киријакос Мицотакис, жалниот изданок на политичката династија Мицотакис и претставник на политиката на „оџаците“ (за што одамна пишував на Пешчаник), менување на политичките семејства на власт: Караманлис, најстарото семејство, Папандреу, малку помладо, и најпосле Мицотакис, кои се најблиску до... Сопранови.

Во целата модерна грчка историја политичките династии победуваа на изборите благодарение на парите и влијанието, клиентелистичките односи и околностите (да речеме воената хунта) кои ги правеа претставници на демократијата. Кога, да речеме, Караманлис во егзил во Англија прекина партија голф и ја врати парламентарната демократија летото 1974 (со уште еден помал грчки пуч и со катастрофалниот пуч на Кисинџер кој го уназади Кипар барем за еден век), започна период на седум години најстрашна десна (парламентарна) репресија и корупција, со извршувачи - некогашни злосторници од редовите на хунтата.

Така на мнозинството му дојде преку глава па следниот пат на изборите власта му ја даде на Андреас Папандреу, синот на Јоргос Папандреу, кој умре во домашен притвор 1968 година додека на власт беше хунтата. Јоргос беше најмногу одговорен за масакрот на плоштадот Синтагма во декември 1944 година, кој доведе до граѓанска војна. Него во Грција го донесоа Англичаните, како претседател на Влада во егзил. Собирањето на неговиот гроб во октомври 1973 година доведе до инциденти врз кои започна студентскиот бунт против хунтата. После падот на хунтата и Андреас Папандреу дојде од егзил (САД) и се впушти во политичка борба. Папандреу помладиот беше еден вид социјалист, и извесно време тој период изгледаше како да е златен. А потоа се исцрпија паролите - а на почетокот имаше дури и за словенско-македонскиот и албанскиот идентитет во Грција - социјалните услуги не беа воспоставени, корупцијата стана општа. Папандреу го најде наејвтиното средство за тоа, и го воведе националистичкиот јавен говор, сличен на српскиот од тоа време. Заврши како комплетна брука, кукајќи пред камерите кога Милошевиќ кој поминуваше низ Атина не го посети. Мицотакис постариот, тогаш на власт, беше поуспешен во потпикнувањето кон творците на геноцидот, дури се појави и на неуспешната мировна посета на српските воени великани.

За време на владата на ПАСОК на Папандреу, Грција на крилата на европската митологија и без никакви критериуми влезе во ЕУ и доби можност да ја зајакне корупцијата со европски средства. На Папандреу му успеа капиларизацијата на ПАСОК во цела Грција, и средниот слој цветаше, потпомогнат од многуте кредити и привилегиите за земјоделците и градежниците, што го промени изгледот на провинциите. Цветаше и културата. Не треба да се заборави сето тоа, но за жал вечното наследство на династичката политика, корупцијата со клиентелизмот, многу доминираше и во ПАСОК. Синот на помладиот Папандреу, Јоргос, душевен и паметен човек („Здраво, Зоране!“ извика на погребот на можната Србија), но неспособен да се опкружи со добри соработници, го доведе ПАСОК до политичка смрт.

Оргијата на фамилијата Мицотакис целосно беше разоткриена за време на економската криза 2008 година: толку пацерски ги криеле кражбите и корупцијата што се разбуди бесот на големиот европски заштитник против сопствените штитеници, мали и непослушни наследници на претходната грчка големина, и во Грција беше испратена тројката под германска контрола. Една од најтемните, и според сите одлики колонијална постапка се засноваше на неколку точки: целосна заштита на најбогатите кормилари на светот, присилно наметнување на непотребното германско оружје со убиствени камати, уништување на средниот слој и пауперизација на најсиромашните, со економски геноцид на пензионерите и младината. Во земја која никогаш не била социјално заснована, без институции за заштита и нега, се појави дури и стариот европски авет - гладта. А, на рабовите, секако, национализмот.

Шесте години агонија го поучија мнозинството, и визијата на малиот клиентелистички рај се изгуби: на изборите, за првпат во современа Грција, победи некој кој беше политички сам, сирак без семејство, без „оџаци“, од Кипсели, атинско предградие на понискиот среден слој. Момчето остана во својот стан, во невенчан брак, не се заколна во Библијата. Ѝ се спротивстави на тројката, и после многу удари делумно и не многу брзо, успеа. На сите деца бегалци им овозможи да добијат грчко државјанство, воведе минимален личен приход од 650 евра и најпосле го реши најбесмислениот политички проблем на Балканот и пошироко - името на соседната држава. Идентитарните врескачи на двете страни полудеа, македонската разумна политика доби нова самосвест и голем политички кредит, Ципрас точно знаеше дека го потпишува својот пораз на следните избори, и раката не му затрепери. Во прилог на младиот политичар со лице на симпатично куче му го додавам и тоа што успеа да ги поврзе скараните левици и да ги протурка на изборите (за потоа повторно да се скараат), зад него да не остане ниедна афера, корупциски скандал или сенка на лично богатење. Најмладиот Мицотакис не се осмели јавно да се соочи со него на ТВ, зашто ќе ги изгубеше изборите. Не се шегувам: Мицотакис го избраа луѓе со длабоки клиентелистички навики, старци и старици со ренти, кои не умреа за време на кризата, и баш им е грижа за оние кои умреа; младината која гласаше за Ципрас делумно се исели; 35 проценти од жителите кои се под границата на сиромаштијата веќе не размислуваат за избори.

Од друга страна, комунистите и разочарано-осветничкиот Варуфакис влегоа во парламентот, а Златна зора не успеа. Ципрас пред себе има уште многу враќања. Ако самиот не направи семејство - оџаци - а во клучниот период на власт не го направи тоа - му претскажувам, да речеме, едноставно и ингениозно решение за бегалците: да останат, повторно да станат луѓе и да ги преземат своите животи со помош на добра Влада.

Фотографии: HOPE
Извор: https://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото