Автодинамија, убав грчки збор

11.07.2019 00:07
Автодинамија, убав грчки збор

Во Солун е мирно, а атмосферата од неделната вечер после врелиот ден е опуштена. Ако нема телевизори во секој ресторан кои ги пренесуваат во живо резултатите од националните избори ништо не би укажувало на тоа дека штотуку се промени владата и дека на власт со апсолутно мнозинство дојде нов премиер од старо политичко семејство, Киријакос Мицотакос. Но, и покрај изборната победа на традиционалната, централно-десна Нова демократија, резултатите од изборите покажуваат дека грчкото општетсво сепак значително се променило од пред една деценија кога економската криза, влошена од отворено непријателските ставови на европските финансиски кругови, се закануваше да ја уништи секоја европска, па со тоа и демократска иднина на земјата која токму заради својата историја со отворени раце беше примена во заедницата на европските народи во осумдесеттите години на минатиот век.

Алексис Ципрас во секоја смисла претставува револуционерна личност на грчката историја во времето после поразот на хунтата во 1944 година. Тој прв успеа да ја сруши апсолутната доминација на двете најмоќни партии и двата политички кланови: Нова демократија, олицетворена во фамилииите Караманлис и Мицотакис и сега веќе исчезнатиот ПАСОК, кој засекогаш ќе остане поврзан со основачот Андреас Папандреу и неговиот син Јоргос. Зашто грчката политика, како и грчкото општество, отсекогаш биле длабоко поделени на овие два големи блокови, со секогаш присутната марксистичко-ленинистичка Комунистичка партија на Грција која упорно, на секои избори добива помеѓу 5 и 7 проценти од гласовите и со тоа неизбежно влегува во националниот парламент. Ципрас од една радикално левичарска коалиција успеа да создаде политичка сила од национално значење и таа во голем дел го замени ПАСОК на грчката политичка сцена. Длабоко традиционална, со моќни, генерациски клиентелистички врски и со левицата и со десницата, грчката политичка сцена на овие избори доби два нови лидери кои ќе ги обележат децениите што доаѓаат: 51 годишниот нов премиер Киријакос Мицотакис и, и натаму мошне младиот, 44 годишен Алексис Ципрас кој и покрај поразот, оствари значајна победа заради бројот гласови кои ги доби. И повеќе од тоа: додека на почетокот на 2015 година во време на економска безнадежност само една третина од гласачите ја изразуваа својата вера во политичката партија за која гласале, сега две третини од грчките граѓани веруваат во политичката опција што ја избрале. Политичкото закрепнување во овој поглед е сосема очигледно, зашто граѓаните наместо претходната безнадежност имаат здрави очекувања од политичарите за кои гласаат.

Автодинамијата во политичка смисла значи апсолутно мнозинство на партијата која е победник на изборите, и околу ова прашање се водеше најжестока изборна кампања во неделите кои им претходеа на изборите на 7 јули. Автодинамијата - апсолутно мнозинство - која ја доби Нова демократија на Киријакос Мицотакис, е многу помала отколку што предвидуваа предизборните анкети. Со други зборови, со оглед на тоа дека Сириза на Алексис Ципрас на овие избори не беше и понижена, како што очекуваа челниците на Нова демократија, може да се очекува дека новата владејачка партија сепак ќе се одлучи за нешто што во предизборната кампања упорно го негираше - реваншизмот. Поделбите во грчкото општество се длабоки, и затоа новиот премиер Киријакос Мицотакис во својата победничка порака нагласи дека ќе биде премиер „на сите Грци и Гркинки“. Дали така ќе размислуваат и бројните кадри на Нова демократија, останува да се види во месеците што доаѓаат...

Грчкиот политички систем, грчката демократија функционира брзо и ефикасно. За малку повеќе од два часа по затворањето на гласачките места, Алексис Ципрас му честиташе на победникот на изборите, додека Киријакос Мицотакис како нов премиер ќе положи заклетва пред претседателот на републиката во претседателската резиденција само шеснаесет часа по завршувањето на изборите, во понеделник на 8 јули во 1 часот попладне. Овојпат, како што Алексис Ципрас посебно нагласи во својата порака после изборите, тој на наследникот на достоинствен начин ќе му ја предаде власта, како што правеа сите претходни премиери после диктатурата на воената хунта - сите, освен неговиот непосреден претходник од редовите на Нова демократија, Антонис Самарас. Оставајќи ја настрана политичката култура која и покрај сите конфликти ја карактеризира грчката политичка сцена, Антонис Самарас своето незадоволство од гласањето на граѓаните на Грција го изрази така што ја напушти премиерската резиденција без формално предавање на должноста, и на почетокот на 2015 година Алексис Ципрас ја затекна канцеларијата на премиерот буквално заклучена. Таквиот израз на политичко самоволие ѝ донесе голема штета на Нова демократија, и само смената на челото на оваа партија, заедно со одредени политички потези на самиот Ципрас, доведе до тоа после пет години оваа моќна групација да се врати на власт.

Резултатите од грчките избори не претставуваат изненадување, освен големиот број гласови кои, и покрај сѐ, ги доби Сириза на Алексис Ципрас. Но, изненадувачки е начинот на кој беа најавувани грчките парламентарни избори во светските медиуми. И либерално-левичарскиот Гардијан и центристичкиот Вашингтон пост однапред објавија пораз на „популистите“ во Грција, под популисти подразбирајќи ја Сириза на Ципрас, и враќање на „конзервативците“, не давајќи ѝ на оваа квалификација никакво политичко значење освен враќање на традиционалните политички струи. Меѓутоа, факт е дека политиката на Ципрас - наспроти реториката која го донесе на власт - беше исклучително конзервативна. Им остана верен на договорите со европските финансиски кругови со кои Грција е врзана со отплата на долговите до 2064 година, ги подигна односите со САД на ниво на кое тие - во традиционално антиамериканското грчко општество - не се наоѓаа никогаш, и, како една од последиците на тие врски, го реши прашањето за името на денешна Северна Македонија. Значи, ги повлече сите спротивни политички потези од оние кои би можеле да се сметаат за „популистички“. И покрај тоа, причината зошто и натаму е означен како популист, лежи во обратната претстава на подеднакво „конзервативните“ и „политички коректните“ медиуми, на кои им се провлекува суштинската промена на светската политичка сцена - создавањето меѓународен олигархиски поредок во кој, како што кажува самото име, само мал број поединци и семејства се на власт, додека огромното мнозинство веќе нема никакво влијание врз донесувањето на судбоносните политички одлуки.

08.07.2019

Авторот е професор на Филозофскиот факултет и управник на Центарот за кипарски студии.

Извор: https://pescanik.net