Театар и етика: Поповски vs.Торбица

11.07.2019 01:20
Театар и етика: Поповски vs.Торбица

Окружниот суд во Марибор, по завршувањето на постапката против обвинетиот режисер Игор Вук Торбица, по тужбата на театарскиот режисер Александар Поповски на 2 јули, оваа година ја донесе пресудата.

Постапката ја водела и во име на правдата пресудила судијата Симона Озимец. Велам судија а не судијка: кога самиот јазик и за жените и за мажите воедно нуди ист облик на именка, зошто да го кршиме јазикот? Но, да се вратиме на правосудниот предмет! Велам „правосуден“ значи јуристички, а би морал уште од почеток да речам: естетски и етички. Еве и зошто.

Пред да ја известам јавноста за содржината на пресудата, мора да се осврнам една година наназад, на поводот на поднесената тужба. Велам повод, а не причина ( и тоа нека влезе во записник). Значи приказната вака се одвива:

На 13 јуни, минатата година, Александар Поповски е назначен за уметнички директор на Драмата на Словенечкиот народен театар во Марибор (Словенско народно гледалишче, понатаму со кратенка СНГ). Следниот ден на 14 јуни, 2018 година, Игор Вук Торбица праќа електронско писмо до директорот на Драмата на СНГ, Данило Рошкер во кое, дознавајќи кој е новиот уметнички директор на СНГ, го известува дека го прекинува претходно постигнатиот договор за соработка, имено, за режија на претстава во јануари идната година. Истото писмо, авторот го објавува истиот ден и на својот Фејсбук профил. Тој негов акт е повод за тужбата на Александар Поповски. Од писмото ги наведуваме само деловите кои Поповски во тужбата му ги предложил на Судот да ги прочита како инкриминирачки и нивниот автор да го казни како престапник заради чијшто вербален деликт трпи душевни болки, сведочи дека му се валка името и угледот, а сето тоа како последица може да има драстично намалување на неговиот театарски ангажман во иднина, а не е неверојатно и невозможно и негативно да влијае врз самата потенција на талентот.

...како што би ми било гадно и непријатно да создавам претстава во една театарска куќа која е под уметничко водство, да речеме, на некој десничар, фашист или рекционер од кој било вид...исто така ми се гади да соработувам со куќи кои се под уметничко водство на театарски претприемачи, бизнисмени, шпекуланти и идиоти (во старогрчката смисла на наведениот поим), значи, какви било салнски пијавици (па и во случај кога нашите договори биле постигнати и пред стапување на должност на новото уметничко водство). Во таа смисла, ве молам да прифатите, ако не извинување, тогаш макар објаснување, дека е под нивото на моите принципи и под мерката на добриот вкус да прифатам проект под какво било водство на колегата Поповски (а најмалку да се согласам на дијалог со него или да дозволам, како што е ред и обичај, уметничкиот директор да има одреден увид а последователно и право на суд за моите проби, исто како и за конечниот резултат)...“
На овие наводи во писмото на неговито колега,Поповски не реагираше полемички, туку го тужеше колегата, барајќи „симболична отштета“ од 6000 евра, судски налог авторот на писмото да го отстрани од очите на јавноста на Фејсбук, да се извини и, за секоја идна навреда која евентуално би му ја нанел, да плати по 1000 евра.

Пресудата, горе-долу, ги задоволила барањата на тужителот. Извинување, отстранување на инкримираните делови од писмото на Фејсбук страницата, закана со казна за идно употребување на квалификативи слични на оние во писмото, сето тоа го содржи пресудата, но има и една чудна парична трансакција. Тужениот е должен на тужителот да му плати 2000 евра (наместо бараните 6000), но затоа тужителот е должен на тужениот да му плати 1577, 39 евра на име на неговите судски трошоци.

Судот постапи ригорозно и иронично. Во своето ригорозно постапување, Судот направи логичка грешка која директно делува врз сферата на правото и ја оштетува правдата. Имено, покрај квалификативите „театарски претприемач“, „бизнисмен“, „шпекулант“, „идиот“ (во старогрчката смисла на овој збор)“ и „салонска пијавица“, кои во писмото се однесуваат на ликот и делото на Поповски, на Торбица во оваа редица му се припишува и тоа дека Поповски го нарекол фашист, што не е вистинито. Во компарацијата што ја употребил, Торбица всушност тврди дека Поповски не е „фашист“ и не само што авторот на писмото не го смета за фашист, туку дека не е ни „десничар“, ниту „реакционер од кој било вид“, но дека смета дека е онаков каков што директно за него и го кажува, а сите употребени квалификативи не се навреди подложни на судско гонење, туку етички и естетски проценки или инвективи, кои иако се непријатни, незгодни, критички и негативни, но сите спаѓаат во доменот на уметничката критика и критика на однесувањето на уметникот во културниот и политички контекст, па подлегнуваат исклучиво на противударот на јавната полемика.

Иронично, пак, Судот постапува со неисполнување на барањето на тужителот за висината на паричната казна за наруѓување на угледот и трпење душевна мака, па речиси целата таа сума која тужениот ќе му ја плати, тужителот мора да му ја плати на тужениот. Па така е нелогично и јуристички инкохерентно што Судот во пресудат авоопшто налага извесни санкции.

На крајот, она што е најважно. Да излеземе од судницата! Да се вратиме во театар! Игор Вук Торбица го одбил договорениот уметнички ангажман и јасно и гласно го објаснил својот став за тоа откажување, покажувајќи дека поважни му се принципите отколку парите, дека нема уметност без морал. Конечно, еден убав и инспиративен автопортрет на уметникот во младоста меѓу уметниците кои се дел од домининатниот политички пејзаж!

Слика: Sabrina Eliot

Извор: Danas