Ајде да не знаеме

11.07.2019 11:13
Ајде да не знаеме

Еден (по малку циничен) коментар вели дека ние (читај: Охрид) до февруари не ќе можеме ни да ги изброиме сите дивоградби во Охрид, не пак да ги урнеме. Исто така, упатени велат дека официјалните податоци за бројот на дивоградбите во овој град, а кои што се вртат во јавноста, се далеку од точните. И тоа сосема личи на нас, тоа е наш метод: лажи додека не те фатат. Дури и за најважните нешта.

Но, сепак, можеби сега ни е појасно како во наредните месеци ќе се бориме за Охрид, а контра ултимaтивните услови што ни ги поставија во Баку. Ајде да се правиме дека не знаеме што и како ќе се случува односно што мислеше градоначалникот кога ни објасни дека прво треба добро да се разјасни што е тоа – дивоградба. Што ќе рече дека ние ќе влеземе во стручна расправа со Комитетот за културно наследство, со ICOMOS и сите други компетентни и ќе им објаснуваме што е за рушење а што не е. Односно, на крај, ќе ги убедиме – да, на куково лето – дека за рушење ги имаме само настрешницата на Науме и гаражата на Климе. И тоа веднаш ќе го спроведеме во дело, со тој еден градежен инспектор во градот. Е после ќе му седнат оние лобистине и осведочените борци за градот и ќе го стокмат за три месеци Планот за управување (кој што не е направен безмалу цела деценија), па ќе го „развијат“ оној фамозен SEA (Strategic Environmental Assesment) што исто така не е со години направен. И да, да не заборавиме, се чини дека и во Националниот парк Галичица имет за рушење една шупа, онаа на Трпе. И таа ќе мора да се руши. И што уште би сакало тоа УНЕСКО? И ова не е шега, никако, туку цела вистина, ќе се види! Ама ајде да се правиме дека не знаеме дека ќе биде така. Но, што после? Има и за после.

Поточно, после, најверојатно, надлежните институции (повторно) ќе ја превземат работата во свои раце. Да, ако некој праша кои институции, одговорот е: оние истите што го доведоа Охрид во оваа состојба! Речиси повеќе од сигурно е дека ние повторно ќе ги ангажираме истите приучени „стручњаци“ и „институции“, оние кои што токму со нивната „стручност“ го доведоа градот (и државата) до ова дереџе, кои (наводно) сега ќе ја оправаат ситуацијата. Зошто сум сигурен во тоа? Па затоа што ако некој имаше идеја да ги менува нештата, ќе почнеше токму од овие институции и поединци во нив, тие кои што деценија и половина не реагираа на целосната девастација на градот / регионот, кои што дури помагаа во нелегалните активности или барем успешно замижуваа кога требаше.

И бидејќи такво нешто до денес не видовме, очигледна е континуираната верба во нив односно нивната способност да се справат со проблемите. Неверојатно но вистинито, но ајде и ова да не го знаеме! Значи, повторно, образот ќе ни го спасуваат онаа иста Управа за заштита на култураното наследство која што сè уште гради во Охрид, она исто Министерство за култура кое што тоа го допушта, оној ист Национален конзерваторски центар, оној ист Завод и музеј Охрид, онаа иста општинска администрација во Охрид и Струга …? Она исто Министерство за животна средина со еден куп шарлатани пред чии што очи се одвиваше целата современа еколошка трагедија викана Охрид? Мислам, дали сме ние нормални или …? Па како може институциите што го доведоа градот до оваа состојба на која што денес ни укажува светот, сега да почнат да работат стручно, самостојно, независно … ? И зарем мал тест за нивната нова / обновена „стручност“ и „способност“ беше Али пашината џамија токму во Охрид? Или и ова не (сакаме да) го знаеме?

Впрочем, ако има(в)ме институции, зошто моравме да чекаме цели две години плус Баку за да ја започнеме „битката за Охрид“? Таа „битка“, како што ќе беше нормално ако имавме институции, мораше да започне вториот ден од легитимирањето на оваа власт. Ќе мораше да започне со сите сили и сите орудија. Ако се сакаше, се разбира. Или, новодојдените „стручњаци“ не знаеа што треба да прават, па се потпреа на старите „стручњаци“, оние на Бети, Паско, Лилчиќ (или можеби и ова не смееме да го знаеме?) … оние кои повторно си ја зграбија шансата не само да се спасат туку и да го завршат злосторството. Овојпат целосно, под покровителството (и) на оваа власт, или на поединци од оваа власт! Или некој тоа не го гледа, или не сака да го види? Е тука нема помош: видот, и фактичкиот и метафоричниот е даден од Господ. Го имаш или го немаш. Или се правиш дека го немаш! Тогаш, ајде да не гледаме, Ајде да не гледаме дека тие што го изградија Плаошник сега наводно ќе го уриваат; ајде да не гледаме дека оние што вртеа глава кога се правеа сите злосторства во најтесната, крајбрежна зона, сега веднаш ќе се ококорат и ќе тргнат во акција. Или навистина мислиме дека и другите нема да гледаат? Ајде сите заедно да не знаеме и да не гледаме, за да им го направиме на овие ќефот и докрај да го упропастиме Охрид!

Затоа нема да ги коментирам оние „significant steps“ што сме ги направиле од јуни 2017 година, а со кои што се пофали нашата делегација во Баку! Тоа, впрочем, директно го коментираше претставничката на најзначајната светска организација од областа на заштитата на културното наследство Europa Nostra која ја поздрави предлог-одлуката на Комитетот за светско наследство за ставање на Охридскиот регион на Листата на загрозено наследство, со укажување дека и „државата потписник треба да го согледа овој предлог како подготвеност на меѓународната заедница да заѕвони на узбуна и да помогне да се подигне свеста не само помеѓу политичките лидери и властите туку и помеѓу бизнис заедницата и граѓаните дека продолжувањето на сегашната ситуација е спротивна на принципите на одржливиот развој и на одговорностите сврзани со статусот на светско наследство на природното и културното наследство на Охридскиот регион“. Доволно, ако сакаме да (не) знаеме!

 Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com