Лили Каре – Гифови

11.07.2019 14:21
Лили Каре – Гифови

Лили Каре (Lilli Carré, родена 1983) е американска интердисциплинарна уметница која користи широк дијапазон на медиуми - цртање, стрип, анимација, принтови, вајарство, керамика... Работата визуелно прилично ѝ се менува од дело до дело. Тоа се должи на нејзиното постојано експериментирање со различни медиуми додека го бара она што најмногу ќе соодветствува на приказната или приказот.

Кариерата Каре ја започнала како стрип-уметник. Следејќи го интересот за жанровите каде се спојуваат различни уметнички практики започнала да експериментира и со анимација, за која смета дека ѝ овозможува повеќе простор и флуидност од цртањето стрипови.

Посебно интересно поле од нејзиното творештво се кратките гиф-анимации. Во нив се чувствува влијанието од разновидните вештини со кои Каре располага.

Честа тема во нејзините анимации се телата во трансформација. Loop концептот кај гифот таа го гледа како поинаков начин на искусување на телото и времето, отколку кај стрипот, на пример. Телата во гиф анимациите на Каре се уловени во мигот на распаѓање/соземање; фрагментирање/рекомпонирање. Некаде, пак, нуди апстрактни, геометриски фигури или дамки кои претендираат да се претстават себеси како тела (можеби биле или ќе станат тоа). „Заинтересирана сум за идејата за нацртано тело и за неговата релација со одделното, виртуелно сепство. Најфасцинантно кај телото ми е неговото својство на неограничено обликување, неговата способност да турка лесно и катастрофално преку физичките ограничувања и вообичаените очекувања.“

Хуморот во нејзините прикази се движи од мрачен до лесен и сонлив.

Времето трансформирано во гиф формат истовремено и тече и не тече, односно потекува и застанува онолку колку што гледачот ќе му даде внимание, односно онолку колку што ќе има трпение за него. Токму „лупот“, повторливоста во која е фатен приказот, му дава карактер наспроти празнењето бидејќи ја брише ознаката на случајност од неговото движење а му дава намерност и осмисленост, борејќи се со впечатокот на целокупна апсурдност на дејството. Така, во гифовите на Каре секој предмет, точка и линија стануваат лик со приказна до која таа тврдоглаво се држи - црвеното филџанче безгрижно скока низ сопственото увце како низ обрач; цветот во саксија кој наизменично колабира и се исправува во повторувањето изгледа како да изведува драматичен сценски перформанс; а ако доволно долго ја следиме змијулестата линија ќе видиме дека исцртува женски профил.

„Кога бев мала некогаш ми се случуваше да плачам и да се смеам истовремено. Тогаш мајка ми ми велеше ‘минуваш низ виножитен миг’.“ Каре објаснува дека тоа е израз за моментите кога е човек фатен помеѓу различни емоции, неспособен да лоцира што чувствува. Зборувајќи за својата поетика таа го користи овој израз за да го илустрира посебниот интерес за ликовите фатени во меѓупростор, или простор на нерешителност. Субјектите во нејзините гиф анимации се исто така фатени во меѓупростор, во обрач (во „луп“) на постојана себерепродукција и клатење помеѓу реалното време и времето на гифот, речиси како шегување - речиси како комплетна интровертност.


 


Повеќе за Лили Каре на нејзината веб-страна.
Подготвила: Фросина Крушкаровска

Слични содржини

Графички Дизајн / Култура / Уметност
Активизам / Графички Дизајн / Уметност / Настан
Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Графички Дизајн / Уметност

ОкоБоли главаВицФото