Слободан Тишма: Уметникот секогаш е предавник

12.07.2019 00:44
Слободан Тишма: Уметникот секогаш е предавник

Слободан Тишма 

Слободан Тишма е уметник сега веќе во својата седумдесет и некоја година. Дури и оние кои не го следат внимателно неговото дело, го познаваат како добитник на наградата на НИН од пред седум години. Оние постарите ќе се сетат и на Луна и Ла страда, две групи со краток век, но со големо влијание на домашната сцена на овој бран во кои Тишма беше еден од основачите и творците.

Овојпат не разговаравме за рокенролот, туку како живее уметникот од инвалидската пензија од 10 000 динари, зошто не сакал да добие национална пензија, зошто се одлучил за живот во „внатрешен егзил“, колку и како медиумите влијааат на формирањето мислење, како ја гледа моменталната политичка ситуација во Србија.

Тишма во повеќе наврати во медиумите најави дека има уште две книги кои чекаат објавуавње, а за Гласот на Америка објаснува дека еден од ракописите кој го пишувал пет-шест години се занимава со темата Сребреница.

Јас живеам тука во Србија, во овој политички простор. Не сум слеп, јасно ми е што се случува. Не можам да кажам дека сум компетентен да зборувам на еден начин кој би бил апсолутно уверлив, во смисла дека јас знам што се случува тука, јасно ми е горе-долу. Како и големото мнозинство, во политиката партиципирам преку медиумите, преку информации од тој медиумски простор. Тоа секогаш е проблем, зашто се поставува проблемот - што е вистина? Она што ни го сервираат и претставуваат медиумите, без разлика дали се работи за оваа или онаа страна? Јас немам никакви докази. Со тоа се занимавам во романот „Грозота“. Во него е претставен сребреничкиот масакар како некоја медиумска информација и тогаш се поставува прашањето за вистината, што се случило навистина“, вели Тишма и додава дека не може да се постави во ситуација за да каже дека не знае што е вистина.

Разочарувањето од политиката и воопшто од ситуацијата во Србија е нешто што провејува во целиот разговор, зашто како што вели Тишма, кога бил млад биле изразено политични и имале идеја дека преку уметноста го менуваат општеството но сега веќе не верува во тоа.

„Она што сите ние генерално го поддржуваме е влегувањето во Европската унија. Меѓутоа, јас апсолутно не верувам во искрените намери на оваа политичка гарнитура. Мислам дека тоа е една најобична лага, дека нив тоа не ги интересира. Впрочем, тие ја сакаат пристапната позиција. Значи, како идеја ние сакаме во Европа, но не дај боже да нѐ примите, односно тоа не ни треба. Зошто? Затоа што тие пред сѐ во таа пристапна позиција ги имаат фондовите кои можат да ги користат, сето тоа за нив е многу добро. Од друга страна, тие немаат никакви намери да влезат во ЕУ, затоа што тогаш ќе пропаднат. Едноставно, за нив тоа е крај. Прво, мораат да го реформираат правосудството. Мора да направат уште разни други нешта, да го променат Уставот и некои други нешта за кои не се подготвени. Не се подготвени зашто тоа за нив е крај.“

Освен констатацијата дека е „стар“ и „готов“, дека „исчезнал од медиумите“ и дека е „заборавен како автор“, од разговорот со Тишма јасно е дека живее скромно и, како што вели самиот, никогаш не бил премногу насочен кон материјалниот аспект на животот и творењето.

„Кога ја добив наградата на НИН, можеби бев во позиција да го капитализирам тоа, да ми се подобри социјалниот статус. Јас не бев во ситуација тоа да го искористам, тоа ми беше ужасно грдо. Ми беше понудено она што можат да го добијат познатите уметници, некое признание, тоа добив. Едноставно, реков, ниту се гледам себеси како национален уметник, бидејќи така се викаше, национално признание. Не сум никаков национален уметник, не го прифаќам тоа, апсолутно. Јас сум анационален според определувањето.“

Бидејќи ја одбил националната пензија, Тишма живее од инвалидска пензија, која е многу скромна, и покрај тоа има право да оствари уште еден вид минимален личен приход, а тоа се дополнителни 11 000 динари.

Констатира дека исто така постојат и уметници кои секогаш се со власта, па преку ноќ од комунистите во осумдесеттите години станале „најцрни националисти, патриоти на куб“. Тишма вели дека таквите луѓе не го поднесуваат и го нарекуваат анархисти и атеист, неверник.

„Јас велам, предавник сум. Позицијата на предавникот е автентична позиција на секој вистински уметник. Не можам да бидам патриот, а да се занимавам со уметност. За мене тоа е апсурдно, патриотската уметност постоела некогаш, тоа веќе не постои, можеби некои луѓе сѐ уште се занимаваат со тоа.“

Она што исто така му пречи во Србија е тоа што постои огромно мнозинство луѓе кои не се подготвени за дијалог, кои имаат патријархални погледи, кои се неприкосновени и тоа не смее да се допира.

„Постои таа национална митологија, тоа е светост и тоа не смее да се исмева и со тоа да се поигрува. Посебен проблем е тоа што ние како народ сме во таква инфериорна позиција, пониженост, пораз кој го доживеа српскиот народ. Во таква ситуација не смееш да кажеш ништо, не смееш да се подбиваш, зашто не смееш да ги чепкаш раните, тие луѓе се страшно чувствителни. За тој пораз и таа пониженост е виновен самиот српски народ, убеден сум во тоа. Многу е тешко да се излезе од тоа во некоја добра позиција на некое разумно размислување, поставување рационална, демократска подготвеност за дијалог. Постојат такви луѓе, но тие се малцинство“, вели Слободан Тишма на крајот од разговорот за Гласот на Америка.

Извор: https://www.glasamerike.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото