Неподносливата леснотија на стварноста

13.07.2019 00:43
Неподносливата леснотија на стварноста

За актуелниот историски момент карактеристично е одбивањето на елитите да се соочат со стварноста. Официјалниот дискурс повеќе не се користи како збир насоки за делување, законите не се спроведуваат, а прописите се игнорираат.

Совршена илустрација на отсуството на реализам во денешниот свет даваат следните два графикони. Првиот ја прикажува проекцијата на движењето на долгот на САД во однос на БДП до 2048 година, според анализата што ја изработи Одборот за буџет на Конгресот на САД.

Слика 1. Долгот на САД изразен како процент од БДП. Извор: Congressional Budget Office (CBO)

Оваа проекција покажува дека до 2030 година може да очекуваме дека задолженоста ќе достигне воено ниво, овојпат во мир за што најмногу придонесува решеноста на Соединетите држави да продолжат да трошат за војска, социјална заштита и „Medicare“, не зголемувајќи ги притоа даночните приходи како удел во БДП. За разлика од времето на Втората светска војна, денес нема реалистичен план, а ниту декларирани намери – долгот да се намали во догледно време. Првпат во историјата на индустрискиот капитализам, една голема економија ја зголемува задолженоста во време на мир, до ниво до кое отплаќањето на долговите се чини практично невозможно.

Според проекциите на CBO, БДП на Соединетите држави во следните 30 години ќе порасне од 20 на 65 трилиони долари, додека долгот ќе скокне од 16 на 97 трилиони долари. Така, дефицитот ќе изнесува 8 отсто годишно поради што мејнстримот ќе бара мерки на штедење какви во денешна Америка не е можно да се спроведат. Почетната претпоставка дека Американците ќе се согласат на колапс на животниот стандард и дека остатокот на светот ќе продолжи да ги јѕпува американските хартии од вредност, или едноставно државата ќе допечати уште пари и така ќе го реши проблемот на несолвентноста.

Да го погледнеме и вториот графикон – дијаграм на Меѓувладиниот панел за климатските промени кој прикажува колку драматичен мора да биде падот на емисијата на јаглерод во следните 20 до 25 години, ако сакаме да избегнеме неконтролиран слом и катастрофа.

Слика2. Проекции за нето глобални емисии на јаглерод (во милијарди тони годишно). Извор: IPCC

За да се постигне тоа, вели IPCC, потребна е брза и далекусежна транзиција во енергетскиот сектор, користењето на земјиштетот, управувањето со градовите и развојот на инфраструктурата (вклучувајќи ги транспортот и градежништвото), како и во индустриските системи што бара „значајно зголемување на инвестициите во овие области“.

Главното стратешко прашање на кое човештвото мора да одговори гласи: можат ли презадолжените држави на развиениот свет да обезбедат слободни средства за оваа трансформација. Поврзано со тоа е и прашањето дали сме подготвени за таа цел да го укинеме политичкото влијание на индустиите за фосилни горива и финансиерите кои го избегнуваат плаќањето на даноците. Одлагајќи го одговорот на тие прашања продолжуваме да живееме во култура која одбива контакт со реалноста.

Во Америка се појави ново силно движење посветено на наведените цели. Тоа е Зелениот њу дил (New deal), кој њујоршката пратеничка Александра Оказио – Кортез го изнесе како предлог закон пред Конгресот, а кој предвидув програма за инвестиции во следните десет години. Нејзините критичари пресметаа дека ќе чини и до 6 трилиони долари годишно. Застапниците на Зелениот њу дил не се уплашени од таа сума. Според модерната монетарна теорија, тврдат тие, трошокот може да се подмири со емисија на долгот и печатење пари, па затоа точниот износ не е важен.

Се восхитувам на нивата самоувереност (chutzpah), но верувам дека зад неа стои онаа иста претпоставка што ја наоѓаме во фискалната политика на претседателот Доналд Трамп – дека државните пари им дозволуваат на државите што ги емитуваат, вечно да ја избегнуваат традиционалната динамика на долгот. Со други зборови, дека внатрешната динамика на капиталистичкиот пазарен систем, каде високата задолженост во одреден момент неизбежно доведува до нестабилност и девалвација на валутата, по што цената на задолженоста бега од контрола – може да се избегне со печатење пари.

Единствен начин во оваа дебата да се најде место за реалноста е поставување на прашањето кое сега не сакаат да го отворат ниту претставниците на елитата од Давос, ниту прогресивните демократи, па ни еколошките движења: Дали ни се потребни решенија во рамки на капитализмот?

Во книгата „Посткапитализам: водич за нашата иднина“ (2015) тврдев дека одговорот на тоа прашање е негативен. Најголемиот проблем од аспект на сервисирањето на долгот на САД (или Јапонија, или Еврозоната) не е прашањето дали може да се оржува во живот финансискиот систем со дополнително печатење пари. Клучниот проблем е што информациската технологија е во судир со општествените и економските институции кои нè опкружуваат денес.

Количеството на вредност кое се произведува во економијата на информацискиот капитализам не може да ја оправда големината на сегашниот долг и трајниот дефицит во фискалните проекции на најразвиените држави. Информациската техонологија донесува експоненцијално паѓање на цените на производство на информации, на информациските добра и на некои физички стоки и услуги. Таа произведува огромни количини бесплатна корист за сите, благодарение на ефектот на мрежа и покажува тенденција на демократизација и поевтинување на иновациите.

Таа ги суспендира вообичаените механизми на адаптација, каде иновациите произведуваат нови стоки со повисоки цени на инпут (вклучувајќи го трудот) што потоа овозможува вработување работници за повисоки плати. Исто така, автоматизацијата наскоро би можела да укине 47 отсто на работните места или 45 отсто од активностите.

Во изминатите 15 години изградивме дисфункционален систем кој е неодржлив според сите традиционално важечки вистини. Тоа е систем на трајни индивидуални монополи, масовно рентериерство и финасиска експлоатација, создавање работни места за работници со ниски квалификации и ниски плати за да се задржат внатре во системот на кредитирање и екстакција на податоци, како и огромна асиметрија во моќта и распределбата на информации помеѓу корпорациите и потрошувачите.

Поради сето ова, изостанува долгоочекуваниот подем на четвртата индустриска револуција. Колку и да нè уверуваат економистите од шумпетријанска провиненција дека сме на нејзиниот праг, дека е потребно само државите да прифатат малку поактивна улога во индустриската координација, револуцијата не се случува, едноставно затоа што не може да се случи во далбоко задолжената и монополизирана глобална пазарна економија.

Затоа освен елиминацијата на јаглеродот, потребна ни е брза трансформација на системот која би вклучувала стеснување на пазарниот сектор во однос на јавниот сектор, воспоставување непазарен колаборативен сектор, престанување на користењето на парите за депонирање и чување на вредноста и брза смена на бројот на работни часови во систем на работа за надница.

Ако доволно долго ја набљудуваме проекцијата на долгот во САД и графиконот на следната слика кој покажува со која брзина човештвото ја уништува планетата користејќи ја како депонија за емисиите на јаглерод, ќе воочиме дека евиднетно капитализмот се наоѓа на точка на пресврт. Има премногу натрупани долгови за да се продолжи по старо, а притоа премногу сме структурно зависни од јаглеродот. Креидторите и сопствениците на правата за емисија на јаглерод ќе мора да банкротираат, во спротивно нè чека планетарен климатски колапс.

Слика 3. Годишна емисија на јаглерод по региони. Извор: Carbon Dioxide Information Analysis Center

На среден рок, потребен ни е капитализам со поинаков облик. Но тој капитализам нема да биде ниту стабилен, ниту траен. Дури и за тоа ќе биде потребно нешто што личи на револуција. Треба да се укинат поттиците за користење на јаглерод и темелно да се редистрибуира богатствот така што на глобалниот југ му се овозможи да продолжи да се развива и да ги надмине огромните структурни дисторзии произведени од технолошките монополи, рентериерството, финансиските шпекулации и натрупување податоци во рацете на државите и корпорациите.

Преминувањето во посткапитализам не подразбира укинување на пазарните сили или прифаќање на моделот на планска економија на Советскиот сојуз. Целта е да се подготви контролирана транзиција низ која пазарните сили ќе ја изгубат улогата на примарен алокатор на стоки и услуги на планетата, државата ќе се намали, а неодржливиот долг ќе се елиминира.

Во многу сектори на економијата, информациските технологии ќе ги укинат ограничувањата на сиромаштијата. Климатските промени бараат да стопираме некои од начините на користење на јаглеродот. Динамиката на светскиот долг, во комбинација со проблемот на стареење на населението, бара порадикални и подржливи решениеја отколку што е печатењето пари и собирање на неотплатливи долгови.

Кога во „Поскапитализмот“ предупредував дека ако не се ослободиме од неолиберализмот, тој ќе ја оневозможи глобализацијата, колумнистот на „Financial Times“ рече дека „претерувам“. Денес ми се чини дека претерувањето не беше доволно.

Додека Трамп ги повлекува Соединетите држави од Парискиот договор, неговиот бразилски колега Болсонаро најавува палење на Амазон, а силните движења во Европа се обидуваат да го заштитат животниот стил кој подразбира користење на дизел – односот на силите може да го пресвртат само големи глобални идеи.

Во иднина ќе се обидам да скицирам што значи тоа за новите сојузи, носителите на прогресивните политики кои мора да се формираат, како интелигентно да се водат културни војни, како и зошто државата, која ја запоставуваа еколошките движења и движењата за социјална правда – се наоѓа во средиштето на можното решение.

Централните технократски претпоставки на нашето време, дека сегашниот општествен систем може да обезбеди нулта емисија на јаглерод и дека со емисија на пари засекогаш може да се амортизира растечкиот долг – ги чинат нереални нашите актуелни државни политики. Мора да се соочиме со стварноста.

Насловна слика: Jayachandran/Mint

Извор: Social Europe

 

ОкоБоли главаВицФото