Радикално пресметување со климатските промени

15.07.2019 00:37
Радикално пресметување со климатските

Овогодинешниот 6-ти Еколошки филмски фестивал заврши со проекција на филмот Безмилосниот зелен оган и трибината На работ на законот - граѓанската непослушност како отпор на системот кои овозможија преглед на историјата на еколошкото движење со акцент на моменталните најважни активности во борбата против климатските промени. Сосема случајно, истиот ден на изборите за Европскиот парламент голем пораст во бројот гласови и вкупни мандати во парламентот добија зелените партии и политичките опции кои борбата против климатските промени ја наведуваат како приоритет. Ваквиот резултат ѝ се припишува на сѐ поголемата излезност на младите гласачи и гласачки на изборите, демографска група која инаку се смета за незаинтересирана за политичка партиципација, но која истовремено ги предводи новите, масовни еколошки и политички движења.

За новите движења - Ende Gelande и Fridays for Future - имавме можност да слушаме од нивните претставнички на споменатата трибина, а добар вовед во дискусијата беше токму филмот Безмилосниот зелен оган на Марк Кичел од 2012 година. Филмот прикажува архивски снимки на некои од најважните моменти во борбата за животната средина, методи во кои се користени и портрети на поединци кои во таа борба често ги давале своите животи. Филмот исто така нуди пресек на историјата на еколошкиот активизам почнувајќи со првите настојувања за зачувување и конзервација на животинските видови и недопрените делови од природата. Вториот дел од филмот се занимава со поединечните, често задоцнети настојувања на изолирани групи да го спречат загадувањето на тлото, водата и воздухот во време кога на власт во Америка доаѓа администрацијата на Роналд Реган, а со тоа и политиката за олабавување на еколошките регулативи во корист на профитот на компаниите. Истовремено се раѓаат здруженија кои со мирни, а често и насилни акции се обидуваат да ги спречат, на пример, ловењето китови или фоки, насочувајќи го вниманието кон поединечните и мошне локализирани борби. Последниот дел од филмот прикажува како гладта за профит влијаела на земјите од таканаречениот трет свет и заедниците, како што се собирачите на гума во Амазонската прашума, кои почнаа да пружаат отпор заради уништувањето на нивната животна средина и начинот на живот во корист на земјопоседниците и профитот од кој тие никогаш не би имале корист.

Сѐ поголемата свест за трагичните последици од климатските промени на некој начин ги обедини сите еколошки групации со централната идеја дека и луѓето се дел од животната средина и дека неизбежно зависат од неа. Меѓусебната солидарност на активистичките групи доведе до глобално движење кое денес заговара не само запирање на глобалното затоплување, загадувањето и прекумерното ловење на животинските видови, туку и идејата за „климатска правда“. Свеста дека сите не ги трпат подеднакво последиците од климатските промени и дека оскудицата на ресурси предизвикана од промената на еколошките услови која неминово доаѓа нема да ги погоди сите подеднакво и во исто време, сега стана централна оска на активистичкото дејствување.

И додека во некои делови од светот, како што е на пример Латинска Америка, еколошкиот активизам и натаму е прашање на живот и смрт, најмасовните движења кои добиваат најголемо внимание сѐ уште се оние во Западните земји. За таков вид дејствување потребно е слободно време, финансиска стабилност и доверба дека дури и во случај на апсење, поединците нема да трпат последици полоши од прекршочни пријави и потоа ќе можат нормално да се вратат на работното место. Колку се ограничени маргинализираните групи во своето дејствување стана болно очигледно и преку радикалните еколошки протести каде е јасно видливо дека полицијата е построга, на пример, кон расните и сексуалните малцинства или економски депривираните граѓани. Мошне очигледен пример за неможност за побуна се и лицата со бегалски статус кои не можат да ризикуваат апсење и со самото тоа не можат да учествуваат во граѓанската непослушност.

Ende Gelande во Германија и Extinction Rebellion во Велика Британија, се примери за нови еколошки движења кои на слични начини заговараат крај на фосилната ера и повикуваат на одлучни акции во запирањето на климатските промени, меѓу другото и на напуштање на капиталистичката економија. Претставувајќи се како „инвестициски ризик“, Ende Gelande со масовни протести на илјадници луѓе се обидува да го отежне работењето на ископите за јаглен и да го направи неисплатливо, додека Extinction Rebellion е социополитичко движење кое бара целосна редукција на гасовите од стаклената градина до 2025 година. Дејствуваат со ненасилни протести, но голем број активисти се подготвени на апсење, па дури и одење во затвор. Движењето се создаде минатата година во Велика Британија, но сега се шири и во земјите како што се Ирска, Австралија, Германија, Шведска. Сепак, можеби најголемо внимание сѐ уште привлекува движењето Fridays for Future, кое спонтано се создаде преку ученички штрајк и излегување на улица по примерот на 15 годишната Грета Тунберг. Во Fridays for Future се вклучија и хрватските средношколци со протестот School Strike 4 Climate со кои на Владата ѝ предадоа барања за порадикална пресметка со климатските промени. Како одговор досега добиле само мејлови дека тие барања се проследени и кои општински одбори ги добиле. Еколошкиот фестивал исто така започна поинтензивна соработка отворајќи на тој начин простор за поголем ангажман на младите во промислувањето на идното активистичко дејствување и учество во креирањето политики и донесувањето одлуки кои најмногу ќе влијаат токму на нив.

Илустрации: Jessica Hess

Извор: https://www.kulturpunkt.hr

Слични содржини

Активизам / Јавни Простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото