Приказни на книгите

15.07.2019 09:24
Приказни на книгите

Неодамна бев во Струга. На Кејот на Дрим продава еден човек книги на старо. Првин видов наслов „Одбрани раскази“ од Димитар Солев (Новогодишна библиотека, „Мисла“, 1970 година, предговор: Александар Спасов). Го прашувам човекот на тезгата колку чини книгата, а тој ми вели:

- Од пакетот ли ја извади? Таму се три за сто денари. Не давам поединечно.

И влегов јас во пакетот. Следната што ја извлеков беше „Натрапникот во прав“ од Вилијем Фокнер (мислам дека беше, на пример, издание од 1963 или 1964 година, а превод на Саво Цветановски – подоцна ќе објаснам зошто не помнам) и третиот избор беше „Островот на пингвините“ од Анатол Франс на српскохрватски јазик, на кирилица, издание на „Култура“ (Белград/Загреб – така пишува на книгата) од 1946 година.

Кога ги отворив книгите, видов дека романот на Фокнер е награда за успешно завршено VIII одделение со одличен успех и примерно поведение за ученичката Езерка Малеска во учебната 1965/66 година. Ѝ се јавив на Калина Малеска, знаејќи го нејзиното потекло, да ја прашам дали станува збор за некоја нејзина роднина. Таа ми рече дека има роднина што се вика Езерка, ама според годината наведена на посветата, жената е дефинитивно многу помлада. Меѓутоа, не ја исклучивме можноста дека постои и друга Езерка и дека можеби според некоја повозрасна Езерка и двете го добиле името.

Потоа се видов на кафе со мојот драг пријател Димитрие Дурацовски и неговото прекрасно друштво. Ја спомнав приказната од книгата, потписот на извесен Коџоман под посветата и името на девојчето што ја добило. Излезе дека ја знаат од училиште, дека била важна македонска пливачка и пливала грбно, дека живеела некаде близу спроти Женска плажа и дека сега живее во Прилеп. Овој разговор извлече и низа други сеќавања за нивните школски денови, но она што мене ми беше драго е дека луѓето ја пронајдоа жената, а јас им ја оставив книгата да ѝ ја вратат кога ќе ја видат. Не знам, не се распрашував и не ме интересираше како книгата завршила на кејот на Дрим, кај оној препродавач на евтини бисери. Претпоставувам дека веројатно тоа се случило во случај куќата да се продала или добила нови станари или, едноставно, во одреден момент книгата го изгубила својот прв сопственик.

Она што, всушност, најмногу ме заинтригира е книгата „Островот на пингвините“ (Острово пингвина) на Анатол Франс. Таму, на првата празна страница, горе десно, ракописно е напишано: „Баже, 12-V-1948 год., Струга“. Колку многу приказни носат во себе овие книги „три за сто“ и како да дознам нешто повеќе за Баже, кој таа 1948 година ја држел во раце и веројатно ja читал оваа неверојатна сатирична парафраза на Франс.

НАПОМЕНА: Сите имиња во текстот се наведени без побарана дозвола од наведените личности. Се надевам дека нивното наведување нема да им наштети на било кој начин.

Извор: Фејсбук

 

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото