Вован и Лексус - шрафови на темниот агитпроп на Москва

15.07.2019 10:17
Вован и Лексус - шрафови на темниот агитпроп на Москва

Алексис де Токвил, значаен француски дипломат, политичар и историчар од 19. век, прв ја предвиде супериорноста на САД и Русија на глобалната сцена. Во своето дело „Демократија во Америка“, објавено во 1830 година, тој процени дека иако „стартната позиција им се разликува, и нивните правци не се совпаѓаат, секоја (од земјите) е водена од Провидение да влијае на судбината на половина од земјината полутопка“.

Визионерството на Токвил и по речиси две столетија е за огромна почит. Во услови на обновен геополитички конфликт по крајот на Студената војна, САД и Русија, иако различни во многу погледи – цивилизациско-културолошки, социјално и економско-политички – во едно нешто сепак се слични – двете настапуваат и рефлектираат свои вредности од позиција на империја.

Империјалната борба на Вашингтон се состои во глобален поход на либералната демократија, владеење на правото, прогрес и почит како за големите така и за малите народи и култури, изведено со помош на своите сојузници од ЕУ и НАТО. Империјалната амбиција на Москва е заштита и помош на авторитарните режими со конзерватини, ретроградни и угнетувачки практики, клиентелистичка економија и протекционизам за одржување на незаконски стакнатиот капитал. Во голема мера, на иста линија е и раководството на Кина: Пекинг се става во улога на клучен ас во ракавот на Кремљ во однос на идеолошкиот конфликт со Западот.

Според неодамна објавената Бела книга за руските стратешки намери подготвена од највлијателните аналитички центри на САД за потребите на Пентагон, Русија усоврши таканаречена „хибридна војна“ за реализација на својата внатрешна и надворешна политика.

„Хибридна војна“ е најверојатно изживеан термин, уште пред пет години погрешно припишан на Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руските вооружени сили, преземен од неговата фамозна доктрина за водење војни во 21. век, но терминот најсоодветно ја опишува темната зона на шемите и тактиките употребени од Кремљ низ целиот светот.

Главната цел на внатрешната политика на Москва, а со тоа и на руските елити, е заштита на режимот и доживотна власт за рускиот претседател Владимир Путин. Дипломатијата пак се занимава со реализација на зацртаните стратешки интереси во „блиското“ и „далечното“ соседство на Русија. Крим, Донбас, Абхазија, Грузија и други слични региони Москва ги смета за свое „блиско соседство“, додека земјите од Централна Азија, Блискиот исток со Сирија, но и Балканот со Северна Македонија, се региони од интерес на Смоленскаја од „далечното соседство“.

Мала напомена – за реализација на горенаведените стратешки цели режимот на Путин непречено располага со неисцрпните водени, шумски, и најважно, минерални ресурси на Сибир. Значи, се работи за азно без дно, од каде се црпат огромни пари без контрола и без одговорност, ако е одобрено од Кремљ.

Според Белата книга, темната зона на шемите на Путин и неговите стратези вклучува употреба на паравојска и други прокси сили, мешање во политичките процеси на Западот, ставање под економска и енергетска зависност, шпионажа, медиумска и пропагандна манипулација со ширење полувистини, лаги и дезинформации.

Како поранешен агент во Комитетот за државна безбедност (КГБ) на поранешен Советски Сојуз, Путин охрабрува и поддржува употреба на комбинирани воени и граѓански елементи за максимален учинок во својата надворешна политика.

Вован и Лексус, таканеречените пранкстери (пранк е англиски збор со синоними за трик или плашило), кај нас незаслужно наречени „глумци“ или „комичари“, всушност се обични шрафови во агитпропот (кратенка за агитација и пропаганда) на Кремљ. Тие се дел од заедницата на тролови потплатени од олигархиската корумпирана елита одговoрна пред Путин.

Злоупотреба, релативизација и контрола на Интернет платформите е една од главните цели на специјалната операција на Кремљ – да се врши раскол во западните општества и да се стави под сомнеж упорноста на западните демократски институции токму со нивните алатки и орудија. Путин е главен непријател на новите технологии. На пример, тој е еден од ретките политичари без личен Твитер налог.

Инвенција на западниот либерален лесиз феар за зближување на луѓето глобално, слободен тек и размена на информации, знаења и искуства, Интернет платформите беа клучни во разгорување на Арапската пролет во 2010 и Портокаловатa револуција во 2014 година. Рускиот претседател во 2014 година неслучајно укажа дека „Интернет e проект на ЦИА и така се развива“.

Меѓународната перспектива е значајна, но и локалната исто така. За да се разберат напорите на Кремљ да завладее со половина свет клучно е и поднебјето во кое се родени и израснати ликовите Вован и Лексус.

Русија е општество зафатено од морални и материјални трикови (пранкови) со децении. Вкоренетата корупција е насекаде. Режимот е ангажиран во незапирлива трик програма со цел да се оддржи на власт. Поради економската криза и нискиот стандард, огромен дел од руската младина нема меѓународни искуства, не владее со англиски јазик и не патува во Европа. Народот е ставен во една општа трик мрежа - кога запишува деца во градинка, оди во болница, се обидува да започне бизнис... кога гласа на избори.
Редакциите на речиси сите руски медиуми, чест на исклучоците, се гнезда на самоцензура, извор на дезинформации и пропагандни канали на Кремљ.

Оттука, не случајна е појавата на малигни актери. Вован и Лексус, кои зад себе ги имаат ГРУ (воено разузнавање) и ФСБ (Федерална служба за безбедност) и по потреба се активирани да исфрлаат ѓубре за западните политичари; фабриката за тролови во Санкт Петербург, чии лажни Фејсбук групи организираа протести, раскол и огорченост во американското општество, за победа на Доналд Трамп на изборите во 2016 година; хакирање на изборите во Украина во 2014 година и хакерските напади на електро-дистрибуција и банките во земјата една година подоцна.

Во сличен манир беа и напорите на руските специјални служби да се минираат демократските процеси во нашата земја, со немилите случувања пред и во Собранието во април 2017 година, и со поткопување на Преспанскиот договор, кај нас и во Грција, и влезот на Северна Македонија во НАТО.

Како да се одговори на ваквото однесување на Москва? Белата книга на Пентагон предлага подадена рака и добра волја за напредок на цели и интереси што зближуваат. Ако за САД тоа е процесот на нуклеарно разоружување, за Северна Македонија тоа би било соработка во трговијата и извоз на наши земјоделски призводи, вино и кашкавал на рускиот пазар, и продолжување на изградбата на гасоводот со откуп на руски гас.

Да се искористи додека се уште не сме станале цел на ембаргото на Москва за увоз на храна од ЕУ. Премиерот Зоран Заев е во право кога изјави дека „пријателството со Русија продолжува“.


Слики: Вася Ложкин

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото