Големите контроверзи на малите електрани

15.07.2019 23:51
Големите контроверзи на малите електрани

3000 мали и големи хидроелектрани се планирани на Балканот, во потегот од Словенија до Грција, алармираат од почетокот на годината разни еколошки организации. Мештаните често протестираат бидејќи, според нив, хидроелектраните им ги уништуваат реките и можноста за нормален живот. Ниту Црна Гора не е исклучок, таму владата одлучи да ја преиспита одлуката за градбата на мали електрани. Иако спорадичните протести во Црна Гора траат со години, владата одлучи, макар привремено да го сопре тој бизнис, дури откако жителите од околината на Шавник решија со денови да ги блокираат обидите на инвеститорите да почнат со подготвителните работи за изградба на две мали хидроелектран, Буковица 1 и 2.

Владата порача дека ќе се слуша гласот на граѓаните. ,,Во тек е ревизија на документацијата која е составен дел од овој проект, а конечната одлука ќе зависи токму од таа ревизија, но и од други важни фактори, пред сѐ мислењето на локалното население. Без нивната согласност нема да има изградба на мали електрани, токму од причина што најголем бенефит од овие проекти треба да има локалното население”, за ДВ велат од црногорското министерство за економија.

Мали електрани, големи контроверзи

Од почетокот на изградбата на мали електрани во Црна Гора, бизнисот е под лупа на невладиниот сектор. Директорот на еколошкото движење „Озон” Александар Перовиќ тврди дека малите електрани стануваат сериозен проблем за општеството поради очигледното форсирање на приватни интереси пред јавниот.

Кога знаеме дека се поврзани со разни контроверзи, а имаат минорен удел во вкупното производство на струја, не можам да препознаам никаков позитивен ефект од нив. За разлика од тоа, јасно е негативното влијание на реките и на поврзаните екосистеми, што е голема и еколошка и економска штета”, смета Перовиќ.

За 12 години, колку што државата го поддржува производството на струја од т.н.обновливи извори, во Црна Гора се потпишани договори за изградба на 55 мали хидроелектрани, а до сега се завршени 14. Од министерството за економија велат дека пред нивната изградба Црна Гора плаќала околу 80 милиони евра годишно за увоз на струја. Напоменуваат дека често се заборава големата корист, имено дека овие електрани по истекот на концесијата преминуваат во сопственост на државата. ,,Самата изградба на малите електрани донесе инвестиции во висина од 40 милиони евра, изградба на нова инфраструктура и тоа доминантно во рурални области, како и реализација на општествено-одговрни проекти од преку 1,5 милиони евра. Малите електрани отворија и повеќе од 80 нови работни места”, велат од министерството.

Водата од реката Буковица требаше да заврши во цевка

Мали електрани – голема штета?

Перовиќ сепак смета дека предностите се занемарливи. ,,Тоа во најголем дел се автоматизирани системи во кои речиси нема вработено мештани. Ланската година посетивме мали електрани во Србија, во периодот кога паѓаше снег, и се уверивме на пример дека никој три дена немаше влезено во главната зграда, на Јошаничка река. Во разговор со мештаните дојдовме до информација дека тоа е секогаш така и дека единствен вработен е еден жител, политички активист кој по потреба оди во обиколка на електраната”, вели Перовиќ.

Тој објаснува и што се крие зад протестите на мештаните од селата во Црна Гора. „Граѓаните кои живеат покрај реката, барем мнозинството од нив, го сфаќаат нивното суштинско значење и тоа дека ставањето цевка во реката носи многу лоши последици за користењето на водата за пиење, капење, риболовот, како и намалување на вредноста на имотите. Токму затоа е толку голем отпорот на граѓаните, особено на оние кои живеат чесно од својот труд и ги чуваат имотите што ги наследиле за да ги остават на нивните поколенија, а не да ги изгубат заради интересите на некои си инвеститори”, додава Перовиќ.

Во министерството, пак тврдат дека суштината на изградбата на малите електрани е придонес за зачувување на животната средина, бидејќи значајно влијаеле на намалување на емисиите на штетни гасови и ефекот на стаклена градина.

,,Малите хидроелектрани, покрај соларните и ветерниците, се еколошки најприфатлива технологија за производство на електрична енергија. Станува збор за 'чисти' извори на енергија, кои не ја загадуваат животната средина”, велат од министерството од каде додаваат дека имало и примери на задоволно локално население на местата каде електраните се веќе изградени. Од Министерството признаваат дека уделот на произведена струја во електраните е мал, па за година планираат да биде 3,2 проценти, но нагласуваат дека се неспоредливи категории бидејќи малите електрани и не може да произведуваат многу струја. Црна Гора неодамна ја достигна националната цел, 33 проценти од струјата да биде од обновливи извори на енергија. Со оглед на тоа, новите електрани нема да се почнат, но постоечките, според договорот ќе мора да се довршат, велат од министерството. Оставаат простор еднострано да ги раскинат договорите, но во тој случај ќе мора на инвеститорите да им ја надоместат штетата.

Мали електрани – голем бизнис

Посебната контроверза е што сопственици на објектите се лица блиски до власта и што државата под превезот на „поддршка” ги субвенционира со милиони годишно. Имено, според Законот за енергетика, производството на струја од обновливи извори на енергија во Црна Гора во 2015 е прогласено за јавен интерес, па државата ја купува целокупната количина струја од малите електрани.

Црногорскиот оператор на пазарот за електрична енергија „ЦОТЕЕ” минатата година исплатил преку 4 милиони евра за струја од мали електрани. За првите пет месеци од годинава, сопствениците на малите електрани добиле 1,7 милиони субвенции. Според постари податоци кои „ЦОТЕЕ” ги доставил до Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС), од средината на 2014 до септември 2017 на сопствениците на мали електрани по основа на субвенции им се исплатени околу 4.6 милиони евра. Севкупно, за 5 години, преку 10 милиони евра се одлеале од државата, односно од граѓаните кои сето тоа го плаќаат преку посебни ставки во сметките за струја, во џебовите на сопствениците на малите електрани.

,,Замислете овие пари да им ги дадеме на народните кујни, верувам дека би било многу поважно за целото општество”, вели Перовиќ. Студијата на МАНС од 2017 покажала и дека изградбата на малите електрани во Црна Гора станала бизнис за привилегирани поединци блиски до претседателот Мило Џукановиќ и неговата владејачка Демократска партија на социјалистите. Па така меѓу сопствениците на малите електрани се вбројуваат синот на претседателот, неговиот кум и братучед.

Со оглед на тоа дека во игра се големи пари и големи интереси, голем знак прашалник е дали власта е спремна да стави точка на оваа приказна. „Тешко е да се прогнозира што ќе прави владата на крај, особено што инвеститорите си продолжија со работа и неодговорен пристап онаму каде што нема организиран отпор од граѓаните. Прашање е дали владата купува време за очигледно промашената политика, или ќе ,'жртвува' некој инвеститор заради спречување евентуални политички загуби, особено во средините каде ужива поддршка од граѓаните. За жал, по 13 години посветени на оваа тематика тешко можам да бидам оптимист”, заклучува Перовиќ.

Извор: DW