Франција пред контрареволуција

28.10.2010 12:29
Франција пред контрареволуција

Повеќето денешни Французи се свесни дека поместувањето на старосната граница за пензија е неопходна за опстанокот на пензискиот систем. Сепак, според резултатите од истражувањето на јавното мислење, речиси 70% од Французите ги поддржуваат демонстрантите кои излегоа на улиците обидувајќи се да ги спречат умерените реформи кои ги воведе власта на претседателот Никола Саркози.

На ужас на своите европски соседи, во епицентарот на љубопитноста на светската јавност, Французите уште еднаш ја покажаа својата бизарна традиција за употреба на револуционерните методи поради искажување на крајно конзервативните ставови.

За разлика од оние од мај 1968, денешните демонстранти не излегоа на улиците за да се борат за поинаква и подобра иднина. Масата, всушност, сака да го заштити стасус квото, покажувајќи носталгија и страв од иднината. Реакционерното/револуционерното движење кое сега делува – во својата залудна борба против неповратниот производ на глобализацијата – е типично француско. Водено е од екстремната картезијанска рационалност, на работ на апсурдот, во држава во која граѓаните упорно се гледани како пубертетлии на своите родители.

Навистина, откровение е да се видат учениците кои се непријателски расположени кон планот на Саркози за благо зголемување на старосната граница за заминување во пензија. Изгледаат како да ја потврдуваат „мудроста“ на кинеската студентка која неодамна му го опиша својот план на едно американско списание: „Ќе завршам добар американски факултет за да го унапредам своето образование, па ќе се збогатам работејќи во Кина, а потоа ќе се пензионирам во Европа и ќе уживам во животот“. Кога би се пензионирала во Франција, би можела да живее во идеални услови за уживање во сегашноста, без планови за иднината.

Демонстрантите знаат дека она што го бараат – зачување на постоечката состојба – е сосем нереално. Сепак, намерата да истраат ја сметаат за сосем оправдана. А што ако Франција навистина му покажува на светот што, всушност, значи „добар живот“; тоа нема врска со припадноста кон „големата нација“ која има место во Советот за безбедност на ОН, туку станува збор за тоа дека сте „среќна нација“ чии граѓани знаат како добро да живеат и уживаат во долгиот „втор живот“ после пензијата?

Франција повторно станува предводник на европските револуции засновани не на начелата на слободата, еднаквоста и братството, туку на принципот на задоволството. Французинот сака да биде предводник на Европејците кои треба да се претворат во музеј на добриот живот и да се свртат кон туризмот. Франција да биде земја-пример за новата алтернатива.

Но овој ироничен поглед на денешна Франција донекаде е поедноставен или романтичарски, и ја занемарува комбинацијата од стравот и социјалното незадоволство која сега е видлива во тековниот француски лонец кој врие. Во очајничката желба да го добијат она што го сакаат, Французите покажуваат длабока егзистенцијална болка. Како да велат: „Ако повеќе не можеме да бидеме големи, бидејќи другите нè престигнаа, зарем не можеме, едноставно, да бидме среќни?“.

Меѓутоа, нивното противење на промените не зборува само за отфрлањето на реалноста. Протестите се и спротивставување на човекот кој во очите на незадоволниците е олицетворение на сето она што го отфрлаат. Непопуларноста на Саркози има голема улога во зајакнувањето на антиреформската опозиција. Како, човекот кој го претставува „големиот бизнис“ или е фасциниран од парите, се осмелува да бара од нив да се жртвуваат за Франција? Страста за еднаквоста значајно ја надвладејува страста за слободата, што претставува закана за напредокот на Франција.

Судбините на оние кои почнале рано да работат, или жените кои ја напуштиле работата за да одгледуваат деца, се искористени како аргументи против реформите. Но тоа е само алиби кое им дозволува на Французите да тврдат дека во суштина немаат ништо против реформите, но дека тие се неправедни. Саркози веројатно нема да има долгорочна корист од својот скромен успех, и ќе се соочи со големи искушенија на наредните претседателски избори.

Французите сè уште не се решиле на која страна сакаат: во одбрана на стариот свет или соочување со предизвиците на новиот, глобализираниот. Неколкумина се двоумат, додека повеќето се збунети. Полесно е да с еобјасни отколку да се сфати нивното однесување.

Извор: danas.rs

Фотографија: Џејсон де Керес

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото